Чулак, Марина и Бајкова Шаља на професионални дебати во Љубљана

На 15ти и 16ти мај, во Љубљана се оддржа овогодинешниот BIG SEE настан, во чија програма беа повеќе изложби, дебати, презентации и конференции. Фокусот на денешната објава е за делот од програмата за вториот ден, на која земаа учество македонски претставници од Градот Скопје, Архитектонскиот факултет – Скопје и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија.

 

 

Првата дебата во која беше вклучен деканот на Архитектонскиот факултет – Скопје, Проф.Д-р. Огнен Марина, ја опфаќаше темата „Неформалноста во формалното образование – Експериментални методи во архитектонската педагогија“. Во делот на презентацијата присутните имаа можност да се запознаат со 100 годишниот развој на Скопје од периодот помеѓу двете светски војни, земјотресот од 1963та година, обновата и се до проектот Скопје 2014. Ваквиот пристап имаше за цел да ги прикаже бурните скопски премрежја кои влијаат на архитектонско-урбанистичкиот развој на градот, што пак е директно врзано со тоа како го перцепираме Скопје и како од таков град изучуваме архитектура. Од тука заклучокот кон неформалното опфати и презентација на работилница која го истражува скопскиот феномен.

 

 

Втората дебата на која учествуваа македонските претставници беше со тема „Управување со комплексна врска помеѓу политиката и архитектурата“, на која во име на Градот Скопје учествуваше Ивана Бајкова Шаља која е раководителка на секторот за уредување и планирање на просторот.

Повеќето од гостите беа со титулата Градски архитект, презентирајќи ги предизвиците во главните градови на државите од југоисточна Европа.

Бајкова во својата презентација се осврна на контекстот на Скопје и блокираниот тек на функционирањето на советот на градот, со кој се оневзможува нормалниот развој и можноста да се остварат, а потоа и презентираат проекти кои се од капитално значење. Како светла точка од работата на оваа позиција, Ивана го спомна реализирањето на проектот на Пречистителната станица за отпадни води во Скопје, проект кој ќе се реализира со пари од европските фондови.

 

 

На третата дебата под наслов „Архитектонски конкурси: Игра на границите на возможното“, учествуваше претседателката на Комората на овластени архитекти и инженери, М-р Кристинка Чулак. Во контекст на темата, присутнитните имаа можност да се запознаат со условите на домашната сцена, недостатокот на конкурси чиј краен резултат е реализирање на победничкиот проект, како и за одредените раздвижувања изминатите години.

 

 

Низ паралелата на последните поголеми конкурси „Треска“ и „Расадник“ се прикажаа двата примери, еден со неуспешен крај и покрај притисокот на јавноста и другиот кој сеуште поседува потенцијал за соодветна реализација.

Во кратки црти беа спомнати и сите позначајни домашни вреднувања и награди на архитектонскиот труд, вклучувајќи ги оние на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и Комората на овластени архитекти и инеженери.

 

 

Во делот на последната дебата, повеќето од соседните комори презентираа реализирани конкурсни решенија и тековно актуелни прашања за распис. Најголем интерес предизвика претставникот на Црна Гора, Новица Митровиќ (претстедател на комората на архитекти), која во моментов е водечка сцена во поглед на меѓународните и домашните конкурси во делот на архитектурата и урбанизмот.

 

 

Покрај споменатите, беа одржани и други дебати и конференции на дводнениот настан,  кој заврши со свечената церемонија за доделување на Гран При наградите пропратена со Гала Вечера во Гранд Хотел Унион во строгиот центар на Љубљана.