Традиционална архитектура во Вевчани – фотогалерија
02.08.2024 • XVI - XIX век
Со денешната фотогалерија ве водиме на прошетка низ живописните сокаци на Вевчани. Оваа планинска населба е позната по локалниот карневал и по своите природни извори, но истовремено содржи и огромен опус на традиционални македонска куќи.
Кај многу од овие објекти среќаваме класични елементи на традиционалната архитектура, како бондручни структури, чардаци, еркери и просторна поделбата на летни и зимски живеалишта. Структурите се главно изработени со камен, дрво и тула, која честопати се употребува и за целосно изѕидување на последниот кат.
Иако дел од старите објектите се напуштени, многу од нив се и реновирани и населени, а голем дел се и заштитени како културно наследство. Селото содржи примери на градски куќи/палати, скромни домови и традиционални плевни или слични пропратни објекти.
Куќа на Ќитановци – висока куќа со затворен чардак
Куќата на Коруновци – куќа со централен чардак целосно од тули, со столбови и лаци
Куќа на Пешиновци – трокатна куќа со чардак и трем во задниот дел
Куќата на Поповци – куќа со цементриана фасада и геометриски орнаменти
Куќата на Дуцкиновци – челно поставен чардак и приземје со лаци
Дел од стопанските објектите имаат интересен однос кон водотеците кои се насекаде низ селото. На нивото на приземјето се оставени празнини кои служат како канали за непречен тек на водата, која истовремено ги облагородува и лади објектите.
Низ нашата прошетка забележавме низа градби кои се спој помеѓу старото и новото, оригиналните структури се реновирани со понови материјали и техники, но во склоп со оригиналниот архитектонски стил. Ова е одличен пример на задржување на функционалноста на традиционалните објекти без сериозна деградација на оригиналната архитектура и урбаната атмосфера.
Дополнително и дел од куќите кои се целосно нови се трудат веродостојно да ги следат локалните начини на градење.
Фото: Ноеми Чаусидис 2024
Автор на статија: Ноеми Чаусидис