Арабати баба теќе / XVI век

Година: 1538

Локација: Тетово

Арабат Баба или Серсем Али Баба теќе е дервишко теќе кое се наоѓа на излезот од Тетово кон Гостивар, во подножјето на планината Шара. Теќето е изградено во првата половина на 16 век, во 1538 година.

 

 

 

 

Овој комплекс е единствен ваков пример на територијата на Балканот и Мала Азија. Територијата на теќето е затворена со ѕидови, на места зајакнати со кули, а на главниот влез постои кула-стражарница. Денес се зачувани десетина објекти територијално распоредени според нивната функција и значење – во централниот простор се сместени репрезентативните простори наменети за религиозни обреди, прием на гости и живеење на бабата и дервишите. Јужниот дел бил исполнет со економски згради, од кои денес се останати само темелите, а северниот дел е ограден со висок камен ѕид во кој е сместена кула и станбена зграда за живеење.

 

 

 

Поделен на два дела, шадрванот е украсен со богата резба на таваницата и на вратите, со фонтана сместена во првиот дел. Богомолката претставува квадратна просторија со трем и купола од дрвена конструкција, богато украсена со декорации од растителни мотиви. Кулата била наменета за ќерката на Абдурахман-паша, која заболела од туберкулоза – високиот кат осветлен од три страни и обезбедувал долги сончеви часови на болната, а амбиентот и го збогатувале богатите декорации. Турбето пак, е место каде се сместени гробовите на 11 дервиши и фатма Канум, како и гробовите на Серсем Али Баба и Реџеп-паша, сместени во посебни простории и со богато украсени саркофази.

 

 

Дворот изобилувал со зеленило и цвеќе – природата го збогатувала дервишкиот живот, кој во овој комплекс активно се одвивал во 1912 година. Во 1941 година повторно е направен обид за заживување на ова движење, но четири години подоцна движењето замира а комплексот е целосно напуштен.