Десетлетие МАРХ
24.11.2024 • Информации
Минатата вечер, во просториите на Јавна Соба ( Public Room ) се одбележa 10 годишниот јубилеј на МАРХ Македонска АРХитектура.
Настанот траеше 7 часа, постојано полн со посетители и поддржувачи кои ги следеа содржините кои ги подготвивме. Започнавме најпрво со воведен збор и отворање на изложбата „ Македонска архитектура 1974-2024 “ :
„10 години МАРХ и 50 години од изложбата „Македонска архитектура“ организирана од страна на Сојузот на архитекти на Македонија. Повеќе поводи за воведен збор и одбележување на нашата прва декада придонес кон афирмација на целокупната сцена на македонската архитектура.
Започнавме скромно, чекоревме скромно, но со голема идеја, најважното од сѐ – не се откажавме. Идејата за МАРХ е многу постара од неговото формирање како интернет платформа, но е резултат на тогаш загрижувачката состојба на домашната сцена и недостигот на општото знаење на јавноста за македонската архитектура. Затоа влеговме во мисија која значеше создавање на архива на минатото, сегашноста и погледот кон иднината, вложувајќи се во креирањето на издржано мнение за тоа што се случува околу нас, со цел заинтересираните да поседуваат доволно информации за сопствена надгрaдаба. Целта беше да се добие содржина со која се едуцираме меѓусебно, промовираме и пред сѐ влијаеме во општеството преку неограничен простор. МАРХ не е едноставна страна, таа иницира, критикува, но упатува и пофалби. Сведоци бевме на повеќе граѓански победи, за кои дадовме особен придонес и среќни сме за истото, сведоци сме и на порази, но доколку тие не беа земени в предвид, никогаш немаше да се осмелиме да го направиме овој чекор.
Кон прославата на 10 години МАРХ Македонска архитектура, одлучивме да се надоврземе на истоимената изложба „Македонска архитектура“ организирана од Сојузот на архитекти на Македонија (денес ААМ) во 1974 година во Музејот на современата уметност во Скопје, со цел презентирање на историскиот континуум и современата македонска архитектура на тогаш 30 годишниот спомен од ослободувањето на Македонија. Toa се години по скопскиот земјотрес и веќе големата обнова на разрушеното Скопје. Оваа изложба го бележи најголемиот подем и златен период на домашните архитекти.
Бидејќи го носиме истото име, се одбележува половина век од организирањето на таа изложба и издание на каталогот, година во која и ние прославуваме 10 години, па оттука одлуката да се надоврземе и да го обработиме низ фотографии периодот до денес, беше логична и рационална мисла. Ограничениот простор нѐ обврза на селекција, знаејќи дека уште многу архитектонски дела заслужуваат да бидат дел од овој каталог.
Го следиме јазикот на изданието и формата. Покрај изборот на фотографии приложуваме и текстови на македонските архитекти и урбанисти кои презентираат свое видување на перидоот од 1974 – 2024 година за случувањата на домашната сцена. На тој начин создаваме архива на мислата и оставаме трага за идните борци за суштествувањето на македонската архитектура. Во каталогот ќе можете да прочитате текстови на Михајло Зиноски, Билјана Филиповска, Миодраг Радоњиќ Бато, Душанка Шулиќ, Минас Бакалчев и Даница Павловска Циги.
50 годишниот период кој ја опфаќа последната четвртина од XX век и првата четвртина од XXI век носат големи движења за македонската држава, како општествено-политички, така и архитектонско-урбанистички. Од полетот на големата идеја за Скопје, која застанува некаде во 80-тите години на минатиот век, преку појавата на постмодернизмот и носталгичниот поглед предизвикан од заситеноста од доцната модерна, до кулминацијата на Скопје 2014. Потоа следат 10 години борба за нов современ јазик на македонската архитектура во која ја бележиме нашата прва декада и постоење. Многу премрежја, движења, подеми и порази, но со тоа и жив доказ за постоењето и пирејското непредавање на македонската архитектура. Секој период носи своја мисла, секој е еднакво важен за нашето движење. Нашата желба за овој јубилеј е поголема достоинственост и борбеност кон моралот и етиката во професијата со цел – вистински развој и нова ренесанса на македонската архитектура во следната декада!
Ова десетлетие го чекоревме заедно со Борис Јурмовски, Мартин Ефремовски, Ноеми Чаусидис, Љубен Трајаноски и Мартина Штериова. Во дел од него, чекора со нас и Антонио Грујевски, Софија Стојанова, Моника Крстевска и Васе Петровски.
Благодарност до сите што додадоа парче во мозаикот, и оние кои сеуште чекорат во градењето на МАРХ!“
Како и секоја година, така и оваа доделивме признание за придонес кон афирмацијатта на македонската архитектура. Оваа јубилејна година одлучивме ова признание да го доделиме на списанието ПОРТА 3, кое има најдолг континуитет на домашната сцена во популаризирањето на македонската архитектура. Во име на ПОРТА 3, признанието беше врачено на архитект Сања Раѓеновиќ.
Паралелно со целиот настан, се случуваше „МАРХ базар“ на стручна литература и изработки поврзани со архитектурата и културното наследство. На базарот можевте да ги најдете сите наши изданија, како и делата на 5 do 12 , Anngo, Akrea, Тијана Стојковска, Studio Dana Ando
Ars Lamina .
Покрај овој дел имавме и Издавачки агол, место каде што можеше да се погледнат литературни изданија од професори на архитектонските факултети, меѓу кои се проф. Ана Ивановска-Дескова, проф. Јован Ивановски, проф. Владимир Десков и други. како и монографија за животот и делото на архитект Ѓоко Радовановиќ.
По предвидената пауза, настанот се префрли на поткровјето, каде продолживме со промоцијата на книгата „Артемушкин и Скопје“ дело на нашите Ноеми Чаусидис и Мартин Ефремовски.
Промоцијата помина во полна сала, со публика која внимаваше и се воодушевуваше на осум годишното истражување од кое дознавме одлични информации за животот и делото на архитектот Иван Артемушкин.
Промоцијата беше поздравена со аплауз и овации, што беше потврдено со целосна распродажба на книгата и постојан интерес за ова дело.
На истото место, продолживме со дебатата „10 години потоа, како понатаму?“, тема која треба да не разбуди од заспаноста и да не потсети дека треба да почнеме повторно да делуваме про активно.
Модератор на дебатата беше Мартин Ефремовски, додека како соговорници ја имавме честа да ги слушнеме проф. д-р Мишко Ралев, архитект Дејан Ивановски и архитектот и урбанист Иван Арсовски.
Дебатата го отвори прашањето на Скопје 2014, променетата урбана матрица на Скопје и проблемите произлезени од истата: дисконтинуитет, деградирање на јавниот простор, уништување на зеленило и деградирање на архитектонското наследство од постземјотресниот период. Како понатаму?
Излагањата од дебатата, наскоро ќе може да ги погледнете на видео запис.
По кратката пауза, настанот продолжи во својот неформален дел со пригодна коктел забава, на која не забавуваа Dj Drazi Drags i Game Over. Низ опуштена атмосфера, присутните имаа можност за дружба и комуникација до 1 часот по полноќ.
Марх изразува огромна благодарност до сите наши читатели и поддржувачи без кои овој настан немаше да биде возможен! До следниот јубилеј, СЕКОМУ ДОБРО!
Автор на статија: Filip Koneski
10 години / Public Room / базар / Дебата / декада / десетлетие / завава / Изложба / Јавна соба / Македонска архитектура / марх / Настан / прослава