Црква Св. Богородица Челница / Охрид, XIV век

Период: XIV век, доградба XIX век

Локација: стар дел на Охрид, близу до црквите Мали Св. Врачи, Св. Константин и Елена и Св. Никола Чудотворецот.

Фрескоживопис: 1862г. Дичо Зограф, 1901г. Коле Момиров

Фотографии:  доколку не е поинаку наведено, фотографиите од денешната состојба се под авторство на МАРХ

 

Св. Богородица Челница е еден од поуникатните, но недоволно истакнати примери на охридската сакрална архитектура. Нејзината главна карактеристика е историската слоевитост, која започнува со нејзината врска со постарите слоеви на градските бедеми и продолжува низ органскиот развој на архитектонскиот план, создавајќи единствен пример на двокорабен храм во Македонија.

 

 

 

 

Таа се наоѓа во историскиот стар дел на Охрид, покрај средновековните градски ѕидини, кои делумно постојат и денес. Со источниот ѕид, таа се потпира на самите градски бедеми, во близина на местото каде што е откриена челната порта – еден од трите главни влезови во градот, по која го добива епитетот „Челница“.

 

 

 

Криптата под наосот открива остатоци од постара градба, која, според претпоставките е постар ранохристијански храм. Денешната градба, првично изградена како еднокорабна црква во 1380 година, била доградена во 19 век. Во тој период, кон неа биле додадени трем со камбанарија и втор кораб, трансформирајќи ја во уникатна двокорабна структура.

 

 

Основа на црквата / извор: Ц. Грозданов, Охридско Ѕидно Сликарство од XIV век, Охрид 1980г, стр. 155

 

 

 

Архитектонскиот дизајн на Св. Богородица Челница е исклучително специфичен, со двата кораба кои се разделени со арки потпрени на камени столбови и поделени на преден и заден дел. Јужниот кораб, кој е главен, има правилна форма и завршува со поголема апсида.

Оригиналните сводови не се зачувани, туку се заменети со дрвени тавани, кои неодамна биле обновени во стилот на традиционалните таваници, карактеристични за охридските староградски ентериери.

 

 

Поглед кон наосот и дрвените тавани / извор: www.iscohrid.org

 

 

Фреските и иконографијата на црквата сведочат за нејзиното богато уметничко наследство. Во 1862 година, познатиот македонски зограф Дичо Зограф ги насликал фреските на западниот ѕид од наосот и ги изработил иконите за иконостасот. Подоцна, во 1901 година, зографот Коле Момиров ги насликал фреските во олтарскиот простор. Дел од фреските во јужниот и северниот дел датираат од XIV век, вклучувајќи фрагменти од сцени како Сретение, Крштевање, Распетие и Мироносиците на гробот, како и портрет на св. Гуриј.

Сепак, значителен дел од фреските е оштетен или прекриен со текот на времето, оставајќи простор за истражувања на нивната целосна композиција и значење.

 

 

Детали од фрескоживописот / извор: www.iscohrid.org

 

 

Целиот внатрешен амбиент на црквата е темен и мистичен, но не премногу монументален. Тој е донекаде необичен во однос на останатите византиски цркви во регионот, поради органскиот развој на структурата, кој е јасно видлив во ентериерот. Тоа, заедно со компактните димензии на храмот, создава чувство на скромност и удобност. Задолжените лица со голема грижа го одржуваат дворот и внатрешноста на храмот, што придонесува црквата да остава впечаток на вистински сакрален дом.

 

Св. Богородица Челница првпат била прогласена за културно наследство во 1950 година и оттогаш е предмет на бројни истражувања. Последниот извештај од 2018 година ја класифицира како „Културно наследство во опасност“ поради сериозните структурни оштетувања. Пукнатините на сводот и јужниот фасаден ѕид на криптата ја нагласуваат потребата од итна санација.

 

 

 

Низ годините храмот поминува низ неколку фази на обнова, посебно околу камбанаријата, која е претходно доградувана, а подоцна срушена.

На 7 август 2011 година, црквата беше повторно осветена. Денес, таа е целосно отворена за посетители и а нејзиниот двор е одлична точка за одмор, со извонредни погледи кон околниот урбан пејзаж и Охридското Езеро.

 

 

Поглед кон црквата и околниот пејсаж / извор:  facebook – Иванка Зографина

 

 

Извори: АРХРИД; Macedonian antiquities [CD-ROM], Ein-Sof, 2000г.; Ц. Грозданов, Охридско Ѕидно Сликарство од XIV век, Охрид 1980г; www.zkn.mk; www.iscohrid.org; www.monitoring.icomos.org.mk;