Парк 11 Октомври – бараки
23.05.2025 • Пејсаж

Паркот во 11 Октомври – бараки, се протега долж рекреативната патека, паралелно на меѓународната пруга во правец од Скопје кон Гевгелија и депото на Македонски Железници со населбата. Овој простор кај локалците беше познат како „полјанка“ каде повеќе од 25 години постоеа маалските игралишта за тенис, ракомет и кошарка.
Во мандатот на скопскиот градоначалник Шилегов, започна формирањето на парковската површина во еден дел од полјанката, додека активностите за проширувањето на површината за интервенција беше продолжена во тековниот мандат на градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Овој парк заедно со рекреативната патека, формираат одлична рекреативна зона за локалните жители, скриена од сообраќајниот метеж на булеварите. Овде единстената бука е онаа која доаѓа од реткото минување на возовите.
Паркот во тековната состојба има должина од околу 550 метри и широчина од 50 метри, или приближно 27 500 m2, со потенцијал за проширување.
Покрај парковското зеленило, се среќава урбана опрема, летниковци, игралиште за баскет и ракомет кои се скоро обновени, терен за тенис на кој има привремена интервенција, парк за домашни миленици, простор за вежбање и рекреативни содржини за деца.
Она кое можеме да го дефинираме како недостаток е немањето целосен план за потегот, туку работење во секвенци без поголем осврт на функционалност и истотипски дизајн. Среќаваме различни материјали, нелогичното водење на дел од патеките и различна урбана опрема. Некои делови, на пример Паркот на шахот, делуваат недовршено со слаба изведба и концепт реализриан со она што е најдостапно на пазарот.
Паркот расте со различна помош и донации, од градот Скопје, општината, приватни донатори до познати фирми и здруженија. Неговото постоње е за поздрав и се забележува постојан прогрес во неговото оддржување.
Но, овој парк е урбанистичка фатаморгана. Неговата површина е оставена половина век за реализација на Јужниот Булевар, кој е исклучително значајна сообраќајна врска на Скопје, предвидена уште во плановите на Танге. Доколку дојде до реализацијата на булеварот, Скопје ќе загуби значително зеленило.
„Јужен булевар“ на местото на полјанката
Го следиме потегот на Јужниот Булевар, со документирањето на останатите зелени површини долж целата траса.
Петиција за проширување на опфатот на интервенција на паркот во населба 11 Октомври-бараки

Автор на статија: Filip Koneski
11 Октомври / бараки / Парк / полјанка / Скопје