Училишен кампус во Виена / Ивановски, Смилјановски, Собл, Трпеноски

МВВ Архитектура и Дизајн, претставувана од Коре Студио ЦТ ГмбХ

Година: 2025

Инвеститор: Град Виена

Авторски Тим: Христијан Ивановски, Александар Смилјаноски, Штефан Собл, Костантин Трпеноски

 

Опфат 

 

Урбанистички концепт

Училишниот кампус е замислен како компактна и транспарентна структура со јасно изразена модуларност, која преку континуирани периметрални појаси воспоставува силна просторна врска помеѓу ентериерот и екстериерот. Овие појаси го нагласуваат архитектонскиот карактер на зградата и ја интегрираат на ненаметлив начин во зеленото опкружување, претворајќи ја во составен дел од постојниот урбан пејзаж.

 

Ситуација

 

Вертикалната форма и урбанистичката поставеност овозможуваат структурна флексибилност и оставаат простор за идни проширувања на објектот и прилагодувања на локацијата.

Југозападниот агол на објектот се отвора преку вертикално поврзани тространо ориентирани тераси, создавајќи препознатлив просторен волумен што истовремено функционира како идентитетски симбол на училиштето и како активен простор за настава и престој на отворено.

Полно празно

 

Во северозападниот агол, аголната панорамска тераса обезбедува простор за заеднички активности и воспоставува суптилен вертикален преод кон соседниот објект. Волуменот на зградата е расчленет преку вертикални ниши што овозможуваат продор на природна светлина длабоко во внатрешноста.

 

 

Приземјето воспоставува јасна поврзувачка оска помеѓу северниот влезен плоштад и јужниот училишен двор, делувајќи како активен простор за движење, собирање и секојдневна социјална интеракција.

 

 

Просторна организација

Централното скалиште заедно со комуникациските зони ги поврзува сите делови на зградата и формира главна просторна оска на училиштето. Овие елементи ја дефинираат функционалната поделба, овозможуваат јасна ориентација и истовремено создаваат проточни врски помеѓу заедничките простори и индивидуалните кластери.

 

 

Просторната организација е дизајнирана така што го поттикнува социјалниот контакт, го олеснува снаоѓањето и создава стимулативна средина за учење.

Секоја училница има директен пристап до заедничките тераси, што овозможува учење на отворено. Надворешните евакуациони скали овозможуваат директна врска помеѓу зградата и градината, додека вертикалното и хоризонталното озеленување на фасадите придонесува за пријатна микроклима, обезбедува природна сенка и овозможува хармонична визуелна интеграција со околината.

 

 

Конструктивна логика

Училишниот кампус е развиен според принципите на циркуларната економија. Конструктивниот систем е хибриден: приземјето е изведено од рециклиран армиран бетон што обезбедува стабилна основа, врз која се развива лесна дрвена скелетна конструкција на горните нивоа. Овој пристап овозможува рационално користење на ресурси и значително намалување на емисиите.Фасадниот и внатрешниот систем следат модуларен принцип, што овозможува висока флексибилност, лесна адаптација и долгорочна функционалност.

 

 

Извадок од извештајот на стручното жири:

„Објектот впечатливо делува со својата компактна петкатност и со соодветно малиот отпечаток, хармонично вклопувајќи се во локалниот контекст. Благодарение на добро позиционираното волуменско решение на парцелата, се овозможува континуиран зелен појас и на западната и на источната страна, при што максимално се задржува постојната дрвна структура.

 

 

Особено се вреднува конструктивниот пристап со масивна дрвена градба на горните катови. Надворешниот изглед, со својата конгруентна појава, создава хармонична целина. Треба да се истакнат просторните квалитети во однос на тридимензионалноста: дво- до трокатни воздушни простори со отворени училници во југоисточниот агол внесуваат леснотија во горните катови.

 

 

Кластерите се добро конфигурирани во својата основна поставеност, а распределбата на заедничките функции низ различни нивоа на горните катови се оценува позитивно – тоа најавува живописен училишен секојдневен живот.

Надворешниот изглед логично произлегува од концепцијата и организацијата на објемот и создава складна целина.

 

 

Јасната решеткаста структура на дрвената градба на горните катови, како и употребата на рециклиран бетон во подземното ниво, се позитивно оценети од аспект на еколошката рамнотежа, рационалното користење ресурси и можноста за демонтажа. „