СТАНБЕНО – ДЕЛОВЕН ОБЈЕКТ АШ ВЕЛЕС / Биро БРУТ

Година на Проектирање  :    2025

Проектант :   БИРО БРУТ ДОО

Инвеститор :  ТРГОЦЕМЕНТ ДООЕЛ

Класа на Намена :   А2

Бруто Површина :  1242 m2

Нето Површина :   978 m2

 

Соработници:

Андреј Павловски / Фаза Архитектура

Дејан Ивановски /Фаза Статика

АМ Студио / Фаза Водовод, Фаза ППЗ

ЛУНАР Инженеринг / Фаза Електрика

 

ПРОЕКТАНТСКИ АСПЕКТИ

Централно поставеното комуникациско јадро овозможува ефикасна организација во основа, при што на карактеристичен кат се распоредени три станбени единици – двособен, трособен и четирисобен стан. Хиерархиски двособниот стан има една ориентација, трособниот две, а четирисобниот три ориентации – внимателно воспоставена рамнотежа, каде што просторниот квалитет расте пропорционално со вредноста на станот.

 

Карактеристичен кат 

 

Секој квадрат е внимателно проектиран за да одговори на реалните потреби на идните жители. No leftovers. При влез во секој стан, корисникот се среќава со практичен предпростор – „валкан ходник“, кој ја означува транзицијата кон приватниот, чист дел од домот.

Сите простории се проектирани според важечките стандарди за домување. Спалните соби имаат претежно источна ориентација, што овозможува пријатна утринска светлина и комфорни услови за одмор. Заедничките простории се ориентирани кон подобро осончани страни, што ја нагласува функционалната и енергетска рационалност на планот.

 

 

НАДВОРЕШНО ОБЛИКУВАЊЕ

Изграден со достапни материјали и внамателно разработени детали, проектот покажува како архитектонскиот квалитет може да произлезе од скромни средства. Неговата елеганција произлегува од усогласени пропорции, чисти просторни односи и дизајнерски ракопис што ја вреднува едноставноста како форма на софистицираност.

Приземјето на објектот се одликува со скулптурални армирано-бетонски столбови со природна завршна обработка. Косиот кров е дизајниран како активен архитектонски елемент – не само што ја обликува силуетата на зградата, туку и ја зголемува висината во ентериерот на горните станови. Овој гест го подобрува визуелниот и просторниот карактер на објектот, а притоа останува во хармонија со околината.

 

 

ЗАПАДНА ФАСАДА

Функционалниот израз во обликувањето е најизразен на западната фасада на објектот. Аголните ѕидови овозможуваат подобра визура и поголема осончаност на становите, додека празнините помеѓу терасите гарантираат приватност. Овој концепт на приватност дополнително се нагласува преку третманот на оградите, составени од бетонски парапет со висина од 50cm, надграден со транспарентна челична ограда од 60cm. Терасите се длабоки, наткриени и испакнати во однос на основниот габарит на објектот. Надворешните клима-уреди се сместени во продолжение на терасите, што овозможува безбеден и лесен пристап за нивно одржување, додека одводнувањето на атмосферските води е решено преку нагласени лимени олуци кои го истакнуваат архитектонскиот ритам на фасадата.