Д-р Тања Обрадовиќ, Миљана Игњатовиќ и Сенка Јоковиќ ќе оддржат предавање „Урбанистичкото планирање утре“
24.11.2025 • Информации
Д-р Тања Обрадовиќ, Миљана Игњатовиќ и Сенка Јоковиќ – три извонредни професионалци од областа на архитектурата и урбанизмот – со своето предавање „Урбанистичкото планирање утре“ ќе учествуваат на Четвртата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти.
Д-р Тања Обрадовиќ е доктор на науки од областа на урбанизмот, лиценциран архитект и началник на Урбанистичката инспекција во Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија. Докторирала на Градежно-архитектонскиот факултет во Ниш во 2025 година.
Има богато професионално искуство како архитект и урбанист во јавниот и приватниот сектор, а во периодот 2020–2023 година била главен градски урбанист на Град Ниш.
Координатор е на првиот Доброволен локален извештај (ДЛИ) во Србија, за Град Ниш во соработка со УН-Хабитат, како и на Индексот за квалитет на живот. Таа е и основач на меѓународната конференција за планирање ICUP – International Conference on Urban Planning.
Мајка е на три деца.
Миљана Игњатовиќ е архитект и урбанист од Ниш со повеќе од две децении професионално искуство. Моментално работи како главен архитект и урбанист во студиото Teking од Ниш.
Работела на проектирање и надзор на изградба и рехабилитација на бројни јавни, станбени и комерцијални објекти во Србија, Црна Гора и САД.
Има импресивно портфолио кое опфаќа станбени, јавни, комерцијални, индустриски и инфраструктурни проекти, како и изработка на основни и детални проекти.
Миљана активно учествува на конкурси од областа на архитектурата и урбанизмот, каде што нејзиниот креативен пристап е награден со повеќе престижни признанија.
Сенка Јоковиќ е архитект од Ниш, моментално ангажирана како експерт за инфраструктура и мониторинг во Заедничкиот секретаријат на Програмата за прекугранична соработка Интеррег–ИПА Бугарија–Србија.
Поседува над 10 години искуство во управување со ЕУ фондови, мониторинг и оценување на проекти, како и обезбедување усогласеност со програмски и градежни стандарди. Работела со локални и регионални институции, НВО и културни установи, и учествувала во подготовка на стратешки документи. Има значајно искуство во управување со инфраструктурни и архитектонски проекти, со надзор над градежни активности вредни над 50 милиони евра.
Нејзината експертиза вклучува одлично познавање на српското законодавство за планирање и градба, ЕУ PRAG процедури, FIDIC стандарди, проектна и тендерска документација, како и познавање на меѓународни стандарди за животна средина, здравје и безбедност.
Четврта Годишна Средба на Архитекти и Архитекти Урбанисти -„Архитектурата утре“
