Во Скопје се одржа Првата регионална конференција на балканските совети за зелена градба „Градиме одржлива иднина“
12.03.2026 • Информации
На 4 март 2026 година, во Скопје се одржа Првата регионална конференција на балканските совети за зелена градба „Градиме одржлива иднина“, настан кој обедини експерти, институции и претставници на професионалната заедница од регионот посветени на унапредување на одржливото градење и зелените политики во градежниот сектор. Конференцијата се одржа во просториите на Комората на овластени архитекти и овластени инженери во Скопје. Домаќин на настанот беше Македонскиот совет за зелена градба, додека организацијата ја реализираше АРХИЛАБ – Скопје, организација посветена на истражување, развој, ревитализација и афирмација на урбанизмот, архитектурата и културното наследство.
Целта на конференцијата беше официјално претставување на Македонскиот совет за зелена градба, како и на неговите партнерски институции од балканскиот регион пред пошироката јавност и релевантните институции. Настанот претставува значајна платформа за подигнување на јавната свест за значењето на зелената градба, поттикнување на институционалната соработка и промоција на современи и одржливи градежни практики.
Настанот овозможи презентација и размена на научни и стручни трудови, истражувања и актуелни искуства, како и воспоставување нови соработки и зајакнување на постојните партнерства на национално и регионално ниво.
Со поздравни обраќања на конференцијата се обратија Веселинка Герасимова Петровска, потпретседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери и претседател на Македонскиот совет за зелена градба, Настасија Стојановиќ, програмски координатор од Helvetas во рамките на програмата ReEconomy, Дамјан Митев, проект менаџер на проектот за енергетски ефикасна градба и реновирање имплементиран од CeProSard, како и Дејан Метикош, претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
Во рамките на конференцијата се одржаа два стручни панела со учество на истакнати професори и експерти од регионот. Во првиот панел свои излагања имаа Бојана Зековиќ од Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Белград, воедно и претседател на Советот за зелена градба на Република Србија, Дивна Пенчиќ од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Вања Скалицки Клеменчиќ од Универзитетот во Марибор, кои говореа за предизвиците на зелената градба, одржливото урбанистичко планирање и урбаната регенерација.
Во вториот панел учествуваа Весна Жегарац Лесковар од Универзитетот во Марибор, Ана Радивојевиќ од Универзитетот во Белград и Радмила Томовска од Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Нивните излагања беа посветени на теми поврзани со регенеративната архитектура, одржливите градежни материјали и значењето на меѓуинституционалната соработка во сферата на одржливиот урбан развој и справувањето со климатските промени.
Првата регионална конференција на балканските совети за зелена градба „Градиме одржлива иднина“ претставува значаен чекор кон зајакнување на регионалната соработка и развој на современи политики и практики за одржлива и зелена градба.





