Турски амам, Прилеп / XV век
21.04.2026 • VI-XV век
Период: Османлиско царство
Објект: Турска бања - амам
Локација: Прилеп
Насловна фотографија: Историска фотографија (извор: Патувања низ Македонија)
Турските бањи, познати како амами, претставуваат важен дел од урбаната култура во времето на Османлиското Царство. Тие не биле само места за одржување на лична хигиена, туку и центри на социјален живот, комуникација и релаксација. Со својата специфична архитектура со куполи, топли простории и сложен систем за загревање, амамите оставиле силен белег врз градовите низ Македонија.
Во Прилеп, еден од најзначајните примери на ваква градба е Ахмед-беговиот амам. Тој бил јавна бања, наменета за поширокото население и претставувал важен дел од градскиот живот во османлискиот период. Се наоѓал во или во близина на старата градска чаршија, што е типично за ваквите објекти, бидејќи амамите најчесто биле поставувани во централните делови на градот каде што имале лесен пристап за сите жители. Според повелбата за нејзината градба напишана на арапски, потекнува од периодот на 15 век и ја изградил Евреносоглу Ахмед бег. Во тој период градот доживувал урбан развој во рамките на Османлиското Царство.
Историски фотографии. (извор: Old Prilep)
Од архитектонски аспект, амамот најверојатно бил помал и поедноставен, но сепак ги следел основните принципи на ваквите објекти. Веројатно содржел неколку простории со постепено зголемување на температурата, како и систем за загревање под подот. Граден од камен и тула, со една главна купола која е карактеристичен белег за амамите. Тој претставувал компактна, но функционална целина што овозможувала удобност и приватност. Бил поинтимен и покомпактен во споредба со монументалните јавни амами, но сепак сведочел за начинот на живот и комфорот на тогашната елита.
Денес, амамот е речиси заборавен и не е документиран, без многу сочувани фотографии или детални архитектонски записи. Тоа дополнително ја нагласува неговата маргинализираност во колективната меморија на градот. Овој објект претставува вистински пример за тоа како дел од културното наследство може постепено да исчезне доколку не се вреднува и заштитува.
Во тој контекст, амамот не е само историски објект, туку и симбол на изгубеното културно наследство на градот Прилеп. Неговата денешна состојба отвора прашања за односот кон минатото и потребата од поголема грижа за ваквите објекти. Со секој заборавен споменик од минатото се губи и дел од приказната за градот, неговиот идентитет и континуитет на развојот на самиот град. Иако некогаш бил дел од животот на градот, денес останува само како спомен во ретки записи. Неговата судбина потсетува дека зачувувањето на историјата не зависи само од нејзиното постоење, туку и од нашата подготвеност да ја препознаеме и заштитиме.

Автор на статија: Martina Shteriova
амам / Загрозено културно наследство / османлиска архитектура / Прилеп / турска бања








