Изложба на магистерски трудови 2024/2025 – Архитектонски факултет
09.05.2026 • Изложби
На 06.04.2026 година, на Архитектонски факултет, во Скопје реализираше трета по ред изложба за оваа година, која суштински се разликува од претходните две по својот концепт, методолошки пристап и менторирана содржина. Додека претходните изложби беа фокусирани првенствено на презентација на студентските проекти како финален продукт, оваа изложба воведува проширена перспектива преку интеграција на менторскиот дискурс и педагошките стратегии на професорите.
Изложбата беше поставена во новоадаптиран простор во непосредна близина на деканатот, кој претходно функционираше само како сала за состаноци. Со оваа трансформација, просторот добива нова програмска и симболичка димензија — од затворена институционална зона во отворена платформа за академска презентација, дијалог и интергенерациска размена на знаења. Новиот амбиент е исполнет со енергија на младите автори, претставувајќи ги нивните истражувачки и проектантски резултати како вовед на нивниот професионален развој. Свеченото отворање беше реализирано од страна на деканката проф. д-р Анета Христова Поповска, која ја истакна важноста на оваа изложба како потенцијална нова традиција на факултетот. Во своето обраќање, таа нагласи дека изложбата има за цел да овозможи поблиска интеракција помеѓу академската заедница и професионалната практика, преку директно вклучување на релевантни институции и актери од архитектонската индустрија.
Во таа насока проф. д-р. Ана Иванова Дескова додаде дека значајна улога за реализација на имаат и Комората на овластени архитекти и инженери и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, кои се вклучени во процесот на евалуација на изложените трудови. Бидејќи заедно со нив е формирана стручна комисија составена од пет члена, која ќе изврши детална анализа на селектираните магистерски проекти и во рок од еден месец ќе додели награди за најуспешните три труда. Резултатите ќе бидат објавени на почетокот на јуни, во рамки на свечената промоција на новите магистранти. Кураторскиот процес на селекција предвидуваше секој професор да номинира по два магистерски труда реализирани во тековната 2024/2025, од кои потоа беше избран по еден финален проект за изложување. На тој начин, изложбата опфаќа вкупно 15 истражувачко-научни проекти, менторирани од 15 професори, што овозможува репрезентативен пресек на актуелните теми и методолошки пристапи во рамки на магистерските студии.
Претставените трудови се карактеризираат со високо ниво на комплексност, комбинирајќи теоретски истражувања со разработени графички и проектантски решенија. Тематскиот спектар е исклучително широк и опфаќа различни архитектонски и урбанистички типологии — од урбанистички интервенции и јавни објекти, до домување, индустриски комплекси, адаптивна реупотреба и реставрација на објекти со потенцијална културно-историска вредност. Особено се издвојуваат истражувањата кои ја третираат релацијата помеѓу архитектурата и пејзажот, како и интеграцијата со природниот контекст. Секој магистрант изработи сопствен изложбен постер во уедначен визуелен темплејт, преку кој се артикулира неговиот пристап, методологијата на работа и концептуалната рамка на проектот. Со тоа, изложбата не претставува само презентација на резултатите, туку и критичка платформа за анализа на образовните процеси во архитектурата. Настанот има и поширока културна димензија, отворајќи простор за јавна дебата и критичко преиспитување на улогата на архитектонското образование во современиот општествен контекст. Преку различноста на темите и пристапите, изложбата ја рефлектира способноста на факултетот да одговори на комплексните предизвици на реалноста.
Во рамки на настанот, по отворањето на изложбата, во малиот амфитеатар во северното крило на факултетот беше прикажан краткометражен филм на здружението на млади архитекти и инженери од Охрид – колективот „Архрид“. Филмот претставуваше кондензирана рефлексија на нивната досегашна работа, со особен акцент на продукцијата на изложби, организацијата на настани и издавачката дејност, но и на структурните предизвици со кои се соочуваат во процесот на професионална афирмација и културна валоризација на архитектонската продукција. Во рамки на филмот беа презентирани и архитектонски истражувања и предлог-решенија поврзани со феријалниот објект во Охрид на проф. д-р Борис Чипан, со што програмата доби дополнителна историско-теоретска и критичка димензија.
Проекцијата беше проследена со отворена дискусија, која се разви во насока на критичко преиспитување на иднината на значајните објекти од модернистичкото наследство. Во фокусот на дебатата беа прашањата за нивната заштита, адаптација и интеграција во современиот урбан контекст, наспроти притисоците на пазарната логика и инвеститорските интереси. Се отвори дилемата дали процесите на глобализација и доминацијата на профитно ориентираните модели на развој генерираат деструктивен однос кон архитектонското наследство, редуцирајќи ја неговата вредност на економска категорија и доведувајќи до негова маргинализација или целосно отстранување од просторот. Дискусијата ја нагласи потребата од поодговорен и стручeн пристап кон ревалоризација и заштита на овие објекти како носители на културна и архитектонска меморија.
Автор на статија: Кристијан Арсовски
Автор на статија: Sorabotnik
Архитектонски факултет / Изложба / магистерски трудови / Скопје / Студентски проекти / УКИМ







