Нови археолошки откритија на Градиште кај Младо Нагоричане откриваат ритуален комплекс од IV–III век п.н.е.
24.07.2026 • Информации
Археолошкото одделение при НУ Музеј Куманово успешно ја заврши овогодишната истражувачка кампања на археолошкиот локалитет „Градиште“ во општина Младо Нагоричане. Истражувањата беа реализирани под раководство на археолог Дејан Ѓеорѓиевски, кустос советник и раководител на проектот, а резултатите отвораат нови перспективи за разбирање на култната и урбаната организација на оваа значајна населба од IV–III век пр.н.е.
Отворените сонди на археолошкиот локалитетот во „Долна тераса“, Младо Нагоричане
фото извор: Музеј Куманово
Фокусот на овогодишните ископувања беше насочен кон секторот Долна тераса, каде што во претходните истражувања беа откриени карпесто всечени конструкции и камени тумулоидни структури, под кои беа евидентирани голем број вотивни садови, ритуални јами и сад за вода. Ваквите наоди уште тогаш укажуваа дека станува збор за простор со изразен сакрален карактер, што беше причина истражувањата да продолжат токму на оваа локација. Непосредно источно од претходно откриениот тумул, археолозите открија остатоци од градба со значително количество фрагменти од питоси и други садови.
„Меѓу најзначајните откритија се издвојува питос украсен со отпечаток од прстен на неговото устие, на кој е претставено женско божество, најверојатно Деметра, прикажана со рог на изобилието и во чин на либација со кантарос поставен над триножник.“
Овој исклучителен артефакт претставува силен аргумент во прилог на интерпретацијата дека просторот бил користен за религиозни и ритуални активности. Дополнителни сознанија произлегуваат од откриениот ограден ѕид кој го разграничувал сакралниот простор од останатиот дел на населбата. Во непосредна близина е идентификувана помала просторија која, според археолошките индикации, најверојатно била поврзана со симпозиуми или ритуални трпези. Големото количество животински коски, заедно со богатата трпезна керамика од IV–III век пр.н.е., сведочи за организирани обредни гозби.
Отворените сонди на археолошкиот локалитетот во „Долна тераса“, Младо Нагоричане
фото извор: Музеј Куманово
Особено внимание привлекува богатството на импортирана керамика „West Slope“ гутуси и кантароси, црнофирнизирани ехинуси со палметни отпечатоци, амфори, хидрии, лампи и керамички фигурини. Покрај нив, пронајдени се и уникатни остатоци од украсен дрвен кревет, меѓу кои профилирана ногарка и декоративна аплика со претстава на божество кое држи фијала и лежи на клине. Ваквите декоративни елементи имаат мал број познати паралели и досега најчесто се регистрирани во богатите гробници од Пела и кралските гробови во Ајга (Вергина).
Подобрена резолуција со „AI“
Иако архитектурата на откриената градба е релативно скромна, нејзината просторна организација и исклучително богатите движни наоди укажуваат на директна поврзаност со сакралниот комплекс, теменосот. Истражувачите претпоставуваат дека просторијата служела за ритуални оброци, што ја доближува до познатите светилишта на Деметра и Персефона во антички Коринт.
Реконструирана претстава на скулптура
Овие откритија дополнително ја потврдуваат високата економска, културна и духовна развиеност на населбата. Претходно истражените објекти со перистилен двор, ѕидови украсени со обоен малтер, богатата керамика и амфорите сведочат за интензивни трговски врски и силна интеграција на локалитетот во цивилизациските текови на македонското кралство во IV и III век пр.н.е.
Во следната истражувачка сезона археолошкиот тим ќе продолжи со доистражување на новооткриените градби, како и со проверка на претпоставката за постоење на храмови во овој дел од локалитетот. Археолошките истражувања се реализираат во рамките на Годишната програма за работа на НУ Музеј Куманово, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.
Цртеж
Автор на објава: Кристијан Арсовски
Автор на статија: Sorabotnik
Археолошкото одделение при НУ Музеј Куманово / гробници од Пела и кралските гробови во Ајга (Вергина). / локалитет „Градиште“ / Младо Нагоричане / населба од IV–III век пр.н.е. / работа на НУ Музеј Куманово / светилишта на Деметра и Персефона во антички Коринт. / секторот Долна тераса / со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.










