Домот на Данон Рафаел е изразено модернистички објект со исклучително специфична форма која комбинира неколку геометрии. Подрумот и приземјето се квадратни, додека првиот кат има кула која е полукружно извиена на аголот. Претставува индивидуален семеен дом, каде што поткровјето на кружната кула било предвидено за куќната постава.

Објектот постои и денес, со мали разлики во однос на дизајнот од градежната дозвола: вториот кат постои во целост, а не само во десниот дел како што е прикажано на цртежите. Според обработката на прозорските отвори, можеме да заклучиме дека станува збор за доградба која настанала низ годините на постоење на објектот. Дополнително, фотографиите од постземјотресната реконструкција сведочат за структурни зајакнувања, неопходни за опстанокот на објектот, додека оригиналната дрвена столарија низ годините е заменета со понова.

Историски фотографии од санациите после земјотресот во 1963-та
Оригиналниот естетски идентитет бил дополнет со специфична метална ограда, исто така дизајнирана од Артемушкин, која денес, за жал, недостасува. И покрај овие измени – изгубената ограда, заменетата столарија и доградениот кат – објектот ја задржува својата основна волуменска логика и препознатливост.
Објектот со години продолжува да се користи како семеен дом, а дел од него денес е во употреба како канцелариски простор. Денес, објектот го носи статусот на културно наследство од втор степен на заштита, како важен сведок за архитектонскиот развој на Дебар Маало и идејата за модерното живеење во меѓувоениот период.

Архивска документација, проектиранa од И. Артемушкин / извор: Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје