Ташковски – Цртачки корени

 

 

Во декември 2007 година, пред речиси 20 години, била одржана изложбата „Ташковски -50 години Цртачки корени“. МАРХ наиде на каталог издаден по повод истоимената изложба, кој содржи и лично обраќање на авторот посветено на неговите цртачки почетоци. Во текстот Ташковски ги споделува своите размислувања за уметноста, уметниците кои го инспирирале, како и влијанијата што го поттикнале неговото уметничко будење. Текстот сведочи за развојот на неговиот талент, препреките со кои се соочувал и животните одлуки што го насочиле кон делата по кои неговото творештво е препознатливо и денес. Целосниот текст можете да го прочитате во неговиот оригинален формат.

 

 

 

 

„Во геометријата растојанието меѓу две точки е дефинирано како линија. Таа може да биде видлива, невидлива или измислена како што се воздушните, поморските и другите патни линии. На рацете ни се испишани линиите на животот, графолозите од линиите на ракописот ни го читаат карактерот, а од линиите на електрокардиограмот кардиолозите ја читаат работата на срцето.

Секако линиите во уметноста не би имале посебно значење ако не се изведувани со човечка рака, контролирана од разумот и чувствата на авторот.

Повеќе такви линии формираат цртеж. Тој може да претставува скица, како корен на уметничкото дело, студија за реализирање на делото или да биде цртеж како самостојно дефинирано дело. Постојат многу и различни теории за цртежот, но неспорно е дека тој е основата и архитектурата на уметничкото дело. Линиите во цртежот можат да бидат изведувани со разни цртачки материјали и во разни техники. Можат да бидат техничко рационални или чувствителни, агресивни или мирни, плашливо испрекинати или непрекинато сигурни. Во цртежот тие можат мирно да поминуваат една преку друга, а да не се судираат, да ги следат формите на предметите, да се испреплетуваат, да се губат и пак да се појавуваат. А можат да бидат и дрски, агресивни, неконтролирани, бесчувствителни и слично. Затоа се вели дека во цртежот сè може да се види ако знаеш да го прочиташ.

Најстарите мои сочувани цртежи датираат од 1953 година. Покрај тие школски студии работени по гипсани модели, имам сочувано и некои пејзажи од старо Скопје цртани со туш. Тоа беше оној период кога се трудев што пореално да го нацртам тоа што го гледав пред себе, а имагинацијата и креацијата уште немаа некоја позначајна улога. Покрај современото школско цртање, љубопитноста за нешто поинакво постоеше, но тоа беше потиснато во втор план, бидејќи требаше пред сè да се одговори на школските задачи.

Одењето на пејзаж во слободното време, надвор од наставата, беа првите слободни креации без корекции од професорите. Тие цртежи со туш или со молив се првите чекори и корени на моето самостојно ликовно творештво.“

 

 

„Со определувањето на графичкиот отсек, интересирањето за цртежот беше значително понагласено затоа што размислуваш со цртеж, обликуваш со цртеж и сликаш со цртеж, и немаш можност да се потпомагаш со бојата. Школските задачи ги работев со молив, со туш или со темпера во зависност од тоа за која графичка техника ја примав студијата. Надвор од програмата во школото најповеќе работев пејзажи со молив што не беа наменети за графика.

Тие години бев одушевен од цртежите на српскиот сликар Љуба Ивановиќ, неговите цртежи со молив ме имаа потполно опседнато. Тие пејзажи со стара архитектура беа полни со живот, со јако пладневно сонце и видно нагласени сенки.

Тој мој занес и имитирање на овој цар на моливот траеше до завршувањето на средното уметничко училиште.“

 

-Љуба Ивановиќ, Охрид 1937-

 

-Цртежи на Васко Ташковски инспирирани од Љуба Ивановиќ-

 

„Кога се запишав на Вишата педагошка школа во Скопје професорот Борко Лазески, покрај другите цртежи и студии, ги гледаше и цртежите работени според Љ. Ивановиќ.
Се сеќавам тогаш ми рече: Ова е добро направено, си успеал добро да му се приближиш на овој мајстор на моливот, но сега треба да пробаш да направиш нешто свое, да бараш свој начин на изразување.

Тоа како да ме разбуди од убавиот сон што го сонував и како да станав свесен дека сакам да почнам да сонувам и други соништа. Следниот период почнав да работам нешто поинакво, но се разбира тоа не одеше така лесно. Сепак реализирав една серија цртежи со малку поинакво гледање.

Наредната година на Академијата за применета уметност во Белград престана мојот интерес за цртање пејзажи. Цртежот повторно доби улога слична како и во средното училиште, цртање студии по модел. Но сега веќе почнав да цртам не тоа што го гледав пред себе, туку тоа што го гледав во себе.
Во тој почетен период на креативно будење работев многу вињети кои во себе носеа комплетно зрели идеи за слики иако тогаш тие беа само мали коренчиња кои немаа реални шанси да станат слики.“

 

 

„Работејќи на проекти за линорез, бакропис, литографија и други графички техники, се развиваше и креативниот дух во мене. Обично тие цртежи беа работени во комбинирани техники. Секако и во применетата графика, односно во графичкиот дизајн, цртежот имаше значајна улога, но во друга форма и со друга цел.

По завршувањето на академијата, како војник во Шибеник кога ја подготвував мојата прва самостојна изложба, повторно се најдов лице во лице со цртежот. Овој пат не беше тоа скица или студија, туку цртеж како дефинитивно уметничко дело, реализиран само со цртачки материјали.

Кога се вратив од армијата, како повторно да се вратив назад на моите почетоци за да почнам да се прашувам дали ќе продолжам да го сонувам мојот сон за сликарството или борбата за егзистенција ќе ме одведе по некои други патишта.

Како графичар по вокација мислев дека треба да почнам да реализирам нешто во некоја графичка дисциплина, а реално немав никакви услови за графика. Тогаш мислев дека ако работам некои проекти за линорез ќе можам и рачно да ги отпечатам, а ако понатаму се создадат некакви услови за печатење во бакропис, литографија или акватинта, тогаш ќе правам проекти за тие техники. Изработив дваесетина цртежи за линорез, но видов дека тоа што сакам да го изразам не е најпогодно за оваа техника и не ги задоволува моите потреби.
Продолжив да работам цртежи во комбинирана техника кои беа погодни за изведување во литографија, бакропис или акватинта, работев и колажи и гвашеви, но сега без да размислувам за реализирање како графики. Бев задоволен од тие мешани техники со внесување на сликарски ефекти, графичка структура и благ призвук од духот на енформелот.

Кога направив доволно цртежи, направив избор од триесетина и во 1969 година ги изложив во Центарот за култура и информации во Скопје. Бидејќи во тоа време покрај цртежите паралелно работев и слики во маслена техника, како да сакав со оваа изложба да ставам крај на моите графички амбиции, но од цртежите не се откажав да ги работам. Следните години цртав само со перо и туш, без комбинирање со други сликарски материјали и додатни ефекти.

Седумдесеттите години цртежот во Југославија беше во експанзија и постоеја повеќе можности за излагање на групни или самостојни изложби, а тоа беше и предизвик за поинтензивно и поодговорно работење во оваа дисциплина.
Некаде во 1978 година почувствував потреба да му се вратам на цртањето со молив, мојата стара љубов, но сега со барање нови можности и поголеми вредности од овој наизглед најобичен материјал за цртање. Повторно ме фати цртачката треска, а интензивно работев и на поголеми формати од обично.“

 

 

„Срцевината на моливот се лизгаше по хартијата и ги изразуваше тогашните мои видувања и размислувања. Чувствував како во црниот молив да беа впиени сите бои од спектарот.“

 

 

 

„Десетина години грижливо ја негував оваа цртачка дисциплина која кулминираше со неколку самостојни изложби.
По 1991 година престанав да работам цртежи како самостојни уметнички дела, за повторно цртежот да ја добие улогата на подготвителна техника, односно сега да ги забележува моите идеи и визуелни размислувања, да ги разработува и да ги подготвува идеите за слики.“

 

„Во блокчињата со скици живеат како заробени идеи за многу слики кои не ќе можат да бидат реализирани, но се надевам дека ќе патуваат во иднината како носачи на размислувањата и чувствувањето на идеите од моето уметничко творештво.“

Васко Ташковски

 

 

Извор: Ташковски – 50 години Цртачки Корени, МАНУ, Декември 2007

 

 

 

Васко Ташковски – МАРХ

 

 

 

 

Соработник: Ива Поповска