Од денешната дебата на скопскиот саем

„Урбанистички план – просторот како ресурс или роба за продавање“

беше темата на денешната дискусија организирана од страна на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Дискусијата ја водеше претседателот на ААМ, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, додека учесници на истата беа проф. Мирослав Грчев, проф. Влатко Коробар, архитект Дамјан Цингарски вработен во општина Центар и архитект Мартин Пановски од скопското студио „Радиус“.

IMG_4369

На истата беа поканети и претставници од државните институции, меѓутоа, како и на сите случувања досега не го потврдија своето учество. Покрај главните говорници, дебатата беше проследена од голем број луѓе од професијата, архитекти, професори, асистенти, студенти, планери и земаа активно учество во истата.

IMG_4364

На дебатата се зборуваше за сите тековни проблеми и случувања во полето на урбанизмот и архитектурата. Меѓу нив беше посочена законската легислатива како темел на повеќето проблеми, каде се случуваат  несоодветни закони за  легализирање на дивоградби, дозвола за градење вон урбанистичките планови и честа промена на законот за градење.

IMG_4361

Менаџирањето на професијата и способноста на еден архитект да се снајде во тој хаос е константно отежната, незаштитени од комората, која очигледно нема сили да се справи со проблемот каде доминираат градежните инж. Дури се посочи и потребата од одвојување на архитектите од постојната комора и формирање на своја комора, независна од струките кои немаат познавање за архитектонско-урбанистичките делувања во просторот.

IMG_4370

Од проблемите во функционирањето на општините, преку проблемите со невозможното проектирање квалитетна архитектура со условите на правилниците,  укинувањето на институциите како Заводот за Урбанизам и нестручноста на комисиите кои доделуваат лиценци во Р. Македонија, беа дел од споменатите точки на очајната состојба на професијата.

IMG_4359

Навистина се доби впечаток на дебатата, дека таа одамна требаше да се случи. Се наметна и ставот, дека е крајно време фелата да се организира и да го побара своето место во општеството. Да се надеваме  скоро на следната средба!

фотографии: Борис Јурмовски

Ф.К

 

Автор на статија: