PEARL IN THE SHELL – Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн во Охрид

 

Во Охрид, Република Северна Македонија, во периодот од 28 јуни до 05 јули 2026 година, се одржа 13. Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн, во организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитет Американ Колеџ Скопје.

Овогодинешното издание на Летната школа се одвиваше под наслов PEARL IN THE SHELL_CITY ARCHIVE (STATION). Продолжувајќи ја воспоставената практика на вклучување истакнати архитекти и професори од странство, раководители на школата и водечки тутори беа проф. м-р Зоран Абадиќ и доц. д-р Јелена Богосављевиќ од Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Белград. Зоран Абадиќ, годинашен гостин- раководител на Летната школа, е архитект, професор и основач на архитектонското студио 1x2STUDIO од Белград, Република Србија.

Темата PEARL IN THE SHELL_CITY ARCHIVE (STATION) беше поставена со намера, преку анализа на содржината, позицијата и појавноста на архитектурата, да се истражи потенцијалот за дополнителна афирмација на архивот и архивското наследство како значајна ризница на колективната меморија и вредностите од општествено и културно значење.

 

 

Имајќи ја предвид примарната функција на архивот – собирање, чување, заштита и овозможување пристап до архивската граѓа, од учесниците се очекуваше оваа типологија да ја преиспитаат во контекст на современото време и да ја толкуваат како отворена и пристапна просторно-програмска рамка, значајна за зачувување и афирмирање на меморијата и идентитетот на градот.

 

 

Од учесниците на летната школа по архитектура и дизајн се очекуваше специфичнен и индивидуален пристап кон програмската и просторната формализација на „станицата“ на градскиот архив, изразен преку предлози за автентична архитектура со деликатна појавност во пејзажот и панорамата на градот Охрид.

 

Позицијата на станицата, замислена како издвоено одделение на градскиот архив, се разгледуваше во поширокиот простор на Охридското Езеро, воспоставувајќи нови односи и врски со градот, езерото и крајбрежјето. Насловот PEARL IN THE SHELL ја користи метафората на бисерот во школката – архитектурата како заштитна обвивка во која архивската граѓа, како вредно наследство и меморија на градот, се собира, чува и пренесува.

 

 

Специфичноста на методологијата на работа се состоеше во истражување на индивидуални проектански теми преку паралелно преиспитување на функционалните, просторни и естетски аспекти на архитектурата и нејзиниот однос кон езерото и градот.

 

Истражувањето најпрво се одвиваше преку изработка на едноставни и кoнцептуални макети, а продолжи со нивно фотографирање и анализирање преку дигитално формирани кадри, фотомонтажи и реални амбиентални секвенци.

 

 

Како резултат на овој процес, студентските тимови развија јасни просторно-програмски концепти, воспоставувајќи ниво на унапредување и ново вреднување на Охридското Езеро, каде појавноста на архитектурата беше дополнително материјализирана и оживеана преку визуелни претстави на нивната употреба и присуство  од страна на корисниците во реални или замислени ситуации.

Како дел од програмата на Летната школа, на 1 јули 2026 година, во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, проф. м-р Зоран Абадиќ одржа јавно предавање насловено „Гестови_Непропуштени можности“. Преку предавањето тој претстави дел од своето професионално и проектантско искуство, отворајќи поширока дискусија за архитектонското проектирање, контекстот и односот на архитектурата кон просторот во кој настанува.

 

 

Во текот на работната недела програмата беше дополнета со презентации, дискусии и непосредна работа на студентите со туторите, овозможувајќи континуирана размена на идеи и критичко преиспитување на проектантските ставови и решенија.

 

 

На овогодинешната Летна школа учествуваа вкупно 28 студенти, 19 од Република Северна Македонија и 9 од Република Србија. Под менторство на проф. м-р Зоран Абадиќ и            доц. д-р Јелена Богосављевиќ, студентите успешно одговорија на зададената тема преку индивидуални и тимски истражувања, развивајќи современи и автентични идејни архитектонски решенија.

 

Преку проектите, беше нагласено значењето на внимателното препознавање на каректеристичните вредности и потенцијали на контекстот во кој се интервенира, истовремено афирмирајќи ги преку архитектурата Охридското Езеро, градот Охрид и поширокиот крајбрежен појас како исклучително значајно природно и културно наследство.

 

Летната школа беше заокружена на 5 јули 2026 година со јавна изложба во дворот на Државниот архив на Република Северна Македонија – Одделение Охрид, каде студентските тимови ги презентираа резултатите од еднонеделната работа.

Преку сугестивна изложбена поставка, проектите беа претставени со концептуални макети и графичко-ликовни прилози, прикажувајќи различни визии за нова реалност соодветна на контекстот.

 

 

Овогодинешната тема добива дополнително значење во годината кога се одбележуваат 75 години од основањето и работата на Државниот архив на Македонија, основан во 1951 година, отворајќи можност преку архитектонското истражување повторно да се актуелизира значењето на архивската граѓа, колективна меморија и институциите задолжени за нејзино чување и пренесување на идни генерации.

Преку архитектурата и еден поинаков поглед кон езерото и градот, студентските проекти отворија прашања за односот меѓу градот и природата, како и за потенцијалот внимателно осмислените предложени архитектонски интервенции во просторот на езерото, на неговиот раб или долж крајбрежјето да придонесат кон ново читање и вреднување на овој исклучителен простор.

Со завршната изложба беше заокружено уште едно издание на Меѓународната летна школа за архитектура и дизајн во Охрид – платформа која преку архитектонско истражување, експеримент, дијалог и меѓународна академска соработка континуирано отвора нови прашања за архитектурата, градот, природата и просторот.

 

 

Организација и учесници на 13. Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн во Охрид

Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн во Охрид е организирана од Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитет Американ Колеџ Скопје, во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.

Реализацијата на Летната школа е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, во рамките на програмата за поддршка на проекти од национален интерес во културата, и од Комора на овластени архитекти и овластени инженери на Република Северна Македонија.

Во реализацијата на Летната школа, како и во работата со туторите и студентите учествуваше и тимот на Факултетот за архитектура и дизајн: проф. д-р Мишко Ралев, декан на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС; доц. м-р Мартин Деловски, програмски директор на Летната школа; м-р Иван Николовски, доц. м-р Бранислава Ѓорѓевиќ Атанасовска и доц. м-р Паолина Милушева, тутори на Летната школа.

Студенти учесници на 13. Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн: Елена Брзилова, Андреа Недевска, Христина Калкова, Миа Димовска, Ања Андоновиќ, Анастасија Стоилкова, Петар Ристовски, Горазд Тасевски, Марија Гавриловиќ, Делила Фератоска, Софија Шуклева, Анастасија Груевска, Ева Петровска, Ања Митрева, Моника Трајковска, Ајла Беровиќ, Марио Чупетрески, Благоја Николоски, Мартина Стоева, Милитин Томиќ, Лав Стровјановски, Ана Шекуларац, Марија Биљиќ, Ангелина Рајиќ, Теа Цветковиќ, Теодора Лауш, Исидора Јанус, Ивона Петрушиќ.

Официјални спонзори на 13. Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн: Акустик Дизајн, Пекабеско АД, Кнауф, Бекамент, КАСА Инжинеринг, Винербергер, Фриго Техника 2000, Баутек.

Текстот и фотографиите се авторски материјал на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС и се подготвени од наставниот кадар и туторите вклучени во реализацијата на Летната школа.

 

Автор на статија: