Објект Василије Лепчевиќ / Артемушкин, 1932г
12.10.2026 • ХХ век / I половина
Локација: ул. „Мирослав Крлежа“, Скопје
Автор: Иван Артемушкин
Година на изведба: 1932 г.
Извори: публикација „Артемушкин и Скопје“, Чаусидис, Ефремовски; Мониторинг на Македонското Модернистичко Наследство, Македонски Национален комитет ИКОМОС; Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје – сигнатура Василије Лепчевиќ 6.1.331.2/12-94.
Фотографии од денешна состојба: Борис Јурмовски
Старото Мало Буњаковец, со секоја година станува се помалку и помалку старо. Делот изграден меѓу двете светски војни, со своите градски куќи и раномодернистичка архитектура, полека се топи под притисокот на новата градежна експанзија.
Но ова не е прв пат маалото да се трансформира со таква брзина. Пред стотина години, на истото место се случува иста експанзија, а објектот што може да ја раскаже таа приказна не е некоја гламурозна палата, тоа е една обична зграда, изградена од обичен градежен претприемач Василије Лепчевиќ.
Скопје го доживува првиот бран на модернизација уште во 1920-тите, кога се кршат границите на османлискиот град и урбаното ткиво почнува да се шири низ јужниот брег на Вардар. Почнуваат да се трасираат улиците низ зоните што ги имаме и денес: Дебар Маало, Буњаковец, Маџир Маало.
Во 1930-тите, по воведувањето на регулациските планови, експанзијата нагло забрзува. Новите улици се поплочуваат, и за само една деценија се подигнуваат сите овие маала.
Зоната околу денешната грчка амбасада во Буњаковец поминува низ истиот процес, и до скоро беше полна со многу примери од овој период. Еден од нив, аголниот објект веднаш до некогашното кафе „Излет“, е посебно интересен. Не бидејќи е сопственост на некој култен лик или посебно декориран, туку бидејќи ја раскажува вистинската приказна на оваа експанзија.
Зградата е во сопственост на Василије Лепчевиќ, кој во архивската документација се води како градежен претприемач а на негово име се водат неколку станбени објекти низ Скопје.
Лепчевиќ го ангажира архитектот Иван Артемушкин да проектира објект со значителен габарит за тогашните прилики. Поставен покрај улицата, тој исполнува повеќе од половина од парцелата и се развива во сутерен, приземје, два ката и поткровје.
Во сутеренот се подрумски простории и вешарници, на приземјето и катовите се сместени по два стана на ниво, јасно одделени едни од други, а во поткровјето станбени единици и кровни, проодни тераси кон задниот дел на парцелата.
Додека често слушаме за фамилијарните градски палати од овој период, овој сопственик, како и другите претприемачи од истиот тип, нема за цел да го додели имотот на своето семејство, туку изведува станови за издавање и/или продажба.
Прагматичноста и економската исплатливост може да се претпостават и од архивската документација, каде постојат две верзии на дизајнот.
Првата верзија е класична, речиси академска: вертикални ниши кои ги поврзуваат прозорците во целини, орнаментални медалјони, скромни рустични елементи.
Втората верзија го задржува оригиналниот волумен и организација, но ја поедноставува фасадата до минимум. Единствените преостанати орнаменти се хоризонталниот венец на врвот, акцентираните портали и, она што е најкарактеристично, прозорците поделени на 12 или 15 мали квадрати.
Овие прозорци не се само функционални. Нивната ритмична поделба создава графичка текстура на фасадата, а комбинацијата од еднокрилни, двокрилни и трокрилни единици со хоризонтални пречници дава динамика на иначе мирната површина.
Дрвените влезни врати со калено стакло го комплетираат влезниот идентитет на секоја од двете секции. Порталите се обликувани со камени профили, главната декорација на објектот.
Скалишниот простор е армирано-бетонски, двокрак, со завршна обработка во терацо и декоративна метална ограда со дрвен гелендер во црна боја. Тој е еден од ретките внатрешни елементи кој сè уште го задржува оригиналниот карактер.
Објектот го преживеа земјотресот од 1963 година и вториот бран на модернизација за време на постземјотресната обнова.
За време на третиот бран, кој го живееме до денес, многу од соседните објекти се губат. Баш неодамна неговиот сосед од спроти, исто дело на архитектот Артемушкин, беше срушен.
Објектот на Лепчевиќ ја преживува и градежната експанзија од последните децении, веројатно токму затоа што неговата оригинална големина, висок коефициент на изграденост и процент на искористеност на парцелата се многу слични на ова што е дозволено и денес.
Иако објектот сè уште стои, неговата автентичност полека исчезнува. Покривот е прекриен со лим наместо ќерамиди, дел од столаријата е заменета со ПВЦ, задниот дел е проширен, а проодните кровни тераси се преградени и вклучени во станбена површина.
Ова не е палата. Ниту никаков архитектонски манифест. Ова е еден од стандардните примери, од оние многуте кои го формираа Скопје пред земјотресот, кои биле градени за кирија а не за слава. Денес тој прераснува во вистинско културно наследство, бидејќи речиси цел век стои да ја раскажува приказната за една претходна верзија на нашиот град.
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Артемушкин и Скопје / Буњаковец / Иван Артемушкин / Лепчевиќ / Скопје









