Срушен објектот на агол меѓу улиците „Никола Тримпаре“ и „Борка Талески“, / Артемушкин 1932
11.07.2026 • Став
Автор: Иван Артемушкин
Прв сопственик: Христиќ Т. Петар
Година: 1932 (проект)
Локација: Агол на ул. Борка Талевски и Никола Тримпаре
Статус: Урнат
Губењето на културното наследство на Скопје, поттикнато од забрзаната и неконтролирана урбанизација, веќе е наша секојдневна реалност. Историските објекти, улици и препознатливи градски амбиенти континуирано се заменуваат со нови градби, под притисок на инвеститорските интереси и како последица на несоодветни урбанистички планови.
Непрепознавањето на архитектонската вредност на поединечните објекти, но и на пошироката урбана средина во која тие се наоѓаат, е една од главните причини за ваквите загуби.
Низ својата историја, Скопје претрпело голем број трансформации предизвикани од човечки и природни фактори. Улицата „Никола Тримпаре “ беше еден од ретките примери каде што урбаното ткиво од периодот меѓу двете светски војни беше зачувано во значителна мера.
Во текот на минатата недела беше срушен објектот на аголот меѓу улиците „Никола Тримпаре“ и „Борка Талески“, проектиран во 1932 година од архитектот Иван Артемушкин за сопственикот Христиќ Т. Петар. На негово место е предвидена изградба на објект со катност П+4+ПК и висина од 16 метри, кој ќе ја зафати речиси целата градежна парцела, без соодветно почитување на размерот, карактерот и архитектурата на постојните соседни објекти.


@Одбрана на Буњаковец
Архитектонската вредност на срушениот објект, како значаен пример од предземјотресно Скопје, беше дополнително нагласена со вредноста на урбаниот амбиент на кратката улица „Никола Тримпаре“. На неа се наоѓаат дела на некои од најзначајните архитекти што твореле во Скопје во периодот меѓу двете светски војни.
Веднаш до срушениот објект на Иван Артемушкин се наоѓа исклучителниот станбен објект на архитектот Кирил Жерновски, додека на аголот со улицата „Дебарца“ се наоѓа објектот на Борис Дутов. Наспроти сега срушениот објект се наоѓа уште едно дело на Иван Артемушкин. Токму оваа концентрација на значајни архитектонски остварувања ја прави улицата особено важна за разбирањето на развојот и модернизацијата на Скопје во меѓувоениот период.



Анализата на Деталниот урбанистички план за овој дел од Буњаковец 1 веднаш ги открива проблемите што произлегуваат од пропишувањето градежни параметри без да се земе предвид постојниот просторен и архитектонски контекст. Предвидениот нов објект, поставен непосредно до станбената зграда на Кирил Жерновски и наспроти заштитената зграда на Иван Артемушкин, ќе ги наруши нивните архитектонски, просторни и станбени квалитети.

Со својата висина, волумен и поставеност, новата градба не само што ќе го промени размерот на улицата, туку ќе го наруши и односот меѓу постојните објекти, нивната видливост, осветлувањето и квалитетот на живеење. Урбанистичкиот план се однесува како соседните згради и нивните жители воопшто да не постојат, а празната парцела да е изолиран простор без историја, контекст и непосредно опкружување.
Повеќе од јасно е дека досегашниот начин на кој се третираат урбанистичкото планирање и културното наследство во Скопје и во Македонија е нефункционален. Пристапот според кој механички се зголемуваат густината, катноста и висината на објектите, без да се земат предвид поширокиот контекст, историските слоеви и постојните просторни односи, не претставува одржливо урбанистичко планирање.
Особено е погубно кога ваквиот пристап се применува во историски градски средини што имаат особено значење за идентитетот и меморијата на градот. Наместо новите интервенции да воспостават внимателен дијалог со постојното архитектонско наследство, тие најчесто го поништуваат неговото присуство и го нарушуваат препознатливиот карактер на просторот.
Градот мора да продолжи да се развива и да создава нови архитектонски слоеви. Но развојот не смее да значи бришење на сè што му претходело. Без почитување на наследените вредности, новиот слој не го надградува градот, туку ја уништува неговата историска длабочина, неговиот идентитет и неговата меморија.
Заштитата на културното наследство не треба да се однесува само на изолирани објекти. Вредноста на архитектурата често произлегува токму од нејзиниот однос со улицата, соседните објекти, зеленилото, визурите и размерот на непосредната околина. Доколку еден објект формално се заштити, а неговиот просторен контекст целосно се уништи, тогаш заштитата останува само административна категорија без вистинско значење.
Авторот е Магистер по конзервација на споменици и локалитети на културата.
Автор на статија: Мартин Ефремовски
Артемушкин / Деградирање културно наследство / ДУП Буњаковец / Скопје


