„Архитектура нова“ меѓу првите 15 во меѓународната конкуренција за новиот Максимир

 

Година:  2026

Локација:  Загреб, Хрватска

Студио:  архитектура нова

Тим:  Марија Димитриевска Цилакова, Даница Јурмовска, Викторија Богданова, Ива Поповска, Ивана Манева, Никола Игнов

3Д Визуелизации:  PROXY

За студиото:  вебсајт/ инстаграм

 

 

 

Во март 2026 година, Град Загреб и Владата на Република Хрватска распишаа меѓународен архитектонско-урбанистички конкурс за целосно преобмислување на Националниот фудбалски стадион „Максимир“ и Спортско-рекреативниот центар „Светице“ во Загреб.

Конкурсот, кој поради големиот интерес беше продолжен до јули, привлече 88 авторски тимови и архитектонски студија од 20 различни земји, меѓу кои и некои од најпознатите имиња на современата архитектонска сцена – Bjarke Ingels Group (BIG), Zaha Hadid Architects, Kengo Kuma and Associates, Stefano Boeri Architects, OMA итн. Пристигнатите предлози ги оценуваше меѓународно жири составено од архитекти и претставници на релевантните институции, а првата награда му припадна на миланското студио VG13 Architects.

Меѓу пристигнатите трудови беше и предлогот на македонското студио „архитектура нова“, кој во повеќефазниот процес на жирирање стигна до шестиот круг, останувајќи меѓу последните 15 разгледувани решенија од вкупно 88 пристигнати предлози.

 

 

Во извештајот на жирито, оваа фаза е опишана како момент во кој останатите проекти веќе биле високо оценети во речиси сите клучни аспекти- програмата, урбанистичкото поставување, односот кон локалниот контекст и архитектонската артикулација, при што суптилни разлики меѓу предлозите ја определиле конечната селекција на финалистите.

 


Ситуација 1:1000

 

Фотографија од макета

 

 

За тимот на „архитектура нова“, проектот се развивал меѓу две паралелни линии: комплексната просторна реалност на локацијата и архитектонското наследство на постојниот стадион на архитектот Владимир Турина.

„Овие два аспекта предизвикаа многу јасна архитектонска реакција кај нас, која се преточи во концепт на отворена, едноставна и интуитивна архитектура“, велат од студиото.

 

 

Дополнителен предизвик претставува комплексноста на програмата. Покрај национален стадион со капацитет од 35.000 гледачи, конкурсната задача вклучува транспортен центар со придружна сообраќајна инфраструктура, две спортски арени, посебен атлетски стадион за 3.000 гледачи и трибини за помошен стадион.

Наместо проектот да се развива околу идејата за архитектонски спектакл, авторите го поставуваат акцентот врз читањето на градот и неговиот просторно-историски контекст.

 

Аксонометриски приказ

 

 

„Победничкото решение се одликува со исклучителна јасност и промисленост. Она што го препознаваме и во нашиот пристап е тежнеењето архитектурата пред сè да одговори на проблемот, наместо да произведува спектакл. За тоа е потребно внимателно да се прочитаат потребите на градот и неговиот просторен и историски контекст-  а Загреб е град кој нам ни е близок“, додаваат од студиото.

Учеството на конкурсот е и продолжување на интересот на „архитектура нова“ кон спортските објекти и инфраструктурата како архитектонска тема. Од студиото посочуваат дека стекнатото искуство во оваа област би сакале во иднина да го применат и во Македонија, каде сè уште нема национален атлетски стадион.