Мултифункционална сала / конгрес центар во Бања Лука – прва награда + интервју со Никола Ѓорѓиевски

 

Автори: studio.offline: Милош Јокиќ, Никола Ѓорѓиевски, Ненад Стијовиќ, Стефан Илиќ

Консултант: Миодраг Грбиќ

Соработници: Тијана Мачкиќ, Стефан Даниловиќ, Јована Ковачевиќ и Јелена Златановиќ

Година: 2020

Локација: Бања Лука, Босна и Херцеговина

Наслов на конкурсната задача: Меѓународен конкурс за изработка на идејно архитектонско решение за мултифункционална сала / конгресен центар

Награда: Прво место

 

Со огромно задоволство ви го споделуваме првонаградениот проект за мултифункционалниот центар во Бања Лука. Проектот е оригинално и смело решение каде големата и мала сала се распоредени по вертикала, а измеѓу е сместен скулптуралниот „облак“ кој го гради уникатниот карактер на целата зграда.

Како дел од победничкиот тим е и македонскиот архитект Никола Ѓорѓиевски, со кого успеавме да поразговараме за конкурсот, неговите искуства, како и ставови за состојбата на архитектурата во Македонија.

 

 

 

Детал од фасада

 

 

 

Проектантската задача на овој конкурс претставува нова мултифункционална сала/конгрес центар за градот Бања Лука, која има за цел да го унапреди урбаниот идентитет на градот, да го акцентира новиот културно-општествен живот и да го активира и интензивира околното градско ткиво. Новата мултифункционална сала има централна амбиција да стане симбол на градот и воедно да ја промени и збогати градската силуета.

 

 

 

Експлодирана аксонометрија

 

 

 

Комплексноста на нашата зграда бара кохерентна мисла, идеја и дизајн, во спротивно нејзиното сценарио станува нејасно. Во потрагата по чисто и јасно решение, а држејќи се кон нашиот став за вертикален просторно-програмски развој, создадовме концепт на морфолошка и метафорична дихотомија. Овој потег одлучи зградата да ја поделиме, по вертикала, на две целини, односно две куќи – “Opera di Natura” и “Opera di Mano.” Првата куќа е срцето на зградата – машина која ги дистрибуира сите информации и која, во морфолошка смисла, претставува темел/постамент. Додека пак втората куќа претставува манифестација на креативен спектакл – фузија од дизајн, модерна технологија и уметност. Воздушен простор низ кој посетителот „лета“ до последната дестинација – параметрицистичката обвивка наречена облак.

 

 

 

 

 

 

 “Opera-di-Natura”:

Концептот на првата целина преставува фундаментален просторен склоп, неопходен за една добро-организирана мултифункционална сала. Со други зборови, она што преставува природниот наклон за грчкиот амфитеатар, е првата куќа за овој комплексен ансамбл. Прагматичен простор кој ја дефинира функционалната и просторната шема, и со тоа, станува првата природа на оваа зграда. Оваа целина е всушност скелетот кој врши лесна просторна дистрибуција за целокупен оптимален перформанс ширум сите програмски капацитети. Надворешниот впечаток на првата куќа е цврст и статичен, дополнително интензивиран со употребата на црни цигли кои создаваат една универзална рамнина околу долниот периметар.

 

 

 

 

 

 

 

“Opera-di-Mano”:

Втората целина преставува спектаклот на зградата. „Трудот на човековите раце“. Аспектите на светлина и слобода се сеприсутни низ муралот на “Opera-di-Mano,” – простор на визуелни задоволства. Дихотомијата помеѓу двете целини е нагласена најмногу преку употреба на материјалите, и во таа смисла, стаклената фасада не само што е контраст на црните цигли, туку трепери и исчезнува, и со тоа ја истакнува внатрешната архитектура како интегрален дел од целокупната надворешна композиција. Овој воздушен транзитен простор отвора нов паралакс од висти, вертикални и дијагонални структури обземени од бранови светлина, и кулминира со најевидентниот дел во просторот – параметрицистичко транслуцентната обвивка. Посетителот преставува последниот акт на оваа зграда – ритуално качување од долниот смирен и прочистен простор кон спектакуларното финале – облакот.

 

 

 

 

Основа на ниво +20м. – транзициона зона

 

 

 

Во продолжение може да го прочитате нашето интервју со Никола Ѓорѓиевски  кој е дел од побеничкиот тим. Во име на МАРХ Македонска архитектура, прашањата ги поставува Филип Конески.

 

ФК: Дали можеш да најпрво да ни се преставиш?

НЃ: Јас сум архитект, пејзажен архитект и урбанист од Скопје. Магистриран на државната архитектонска школа во Осло, Норвешка и на Архитектонскиот Факултет во Скопје – УКИМ. Дел од своите студии ги поминав во Глазгов, Шкотска, а дел и во соработка со холандската техничка школа во Делфт.

 

ФК: Со што се занимаваш сега, и кои се твоите претходни искуства?

НЃ: Моментално работам како асистент истражувач на архитектонската школа во Архус, Данска, на отсекот одржлива архитектура и пејзаж. Претходно работев како помлад соработник – експерт по архитектура и урбанизам во УНДП – секторот за климатски промени, и како истражувач на институтот за урбанизам и пејзаж на факултетот во Осло. А пред тоа работев на Архитектонскиот Факултет во Скопје како надворешен стручен соработник на интегративните студија „Обрасци на Раст“ и на катедрата општествени згради.

 

 

ФК: Дали си учествувал до сега на други домашни и меѓународни конкурсни повици?

Одговор: Да, редовно учествувам на домашни и меѓународни повици бидејќи, според мене, архитектонскиот конкурс претставува слободен простор – слободна мисла – слободен израз, и како таков, секогаш треба да биде активен дел од архитектонскиот дискурс.

 

 

 

 

 

 

ФК: Како дојде до соработка со тимот од Белград за конкурсот во Бања Лука?

НЃ: Тимот од Белград е впрочем еден виртуелен колектив. Прв пат работиме во ваков состав, и никогаш не сме се сретнале сите во живо. Милош е пресекот меѓу сите нас, а и главен „виновник“ за пријавување на конкурсот. Со него се знам веќе 6-7 години, од учества на работилници, и со години збориме како треба да нацртаме некој конкурс. Минатата есен, заедно со Тијана, која е исто дел од тимот, освоивме трето место на конкурсот за нова зграда на ансамблот за народни игри и песни во Белград, и така продолживме со соработка. Стефан и Ненад уште не ги познавам лично, ама од прва ни одеше цртањето, буквално како да работиме студио на факс. А во таа смисла, самиот конкурс беше една дигитална школа – како да совладаш мега-комплексна програма, со нови луѓе, само преку екран.

 

 

 

Визуализација од транзиционата зона

 

 

 

Визуализација од повеќенаменската сала

 

 

 

ФК: Процесот на изборот, висината на наградите и сериозноста од овој меѓународен конкурс е неспоредлив со тоа што се случува во Македонија. Кој е следниот чекор, дали победничкиот тим ќе има можност да работи на основниот проект?

НЃ: Според уредбата на конкурсот, победничкото решение е замислено да се изгради, а со тоа следува и подготовка на основен проект. Но, повеќе информации на ова прашање после официјалното доделување на наградите во септември.

 

 

 

Визуализација на главниот влез

 

 

Перспективен пресек 

 

 

 

ФК: Бања Лука очигледно има визија за своето чекорење напред, дали мислиш дека на Скопје му недостасува идеја за себе?

НЃ: Апсолутно! Со години немаме идеја за градот, а градската форма ја упростивме на автомобил, паркинг и улица. А ако градската форма е лесно сфатлива тогаш градот не постои.

*Мораме да работиме на пронаоѓање на новата урбана форма во својата целовитост: комплексна, прагматична, енвироментална, интринзична и возбудлива!

 

ФК: Кој е твојот омилен македонски архитект? 😊

НЃ: Живко Поповски, особено поради неговото неуморно учество на архитектонските конкурси, а бидејќи збориме на тема конкурс морам да го издвојам неговото идејно решение за Градското Собрание, 1977, кое ја доловува урбаната форма во својата комплексна феноменолошка целост.

 

ФК: Ти благодарам за одвоеното време! Честитки уште еднаш!

Перспективен пресек