Хотел ЛОКО- Адаптација на подтрибински простор на Градски Стадион во Скопје во бутик хотел
20.10.2026 • Ентериер и мебел
Година на проектирање: 2026
Проектантско биро: ТАКТИК архитектура
Автори: Павловиќ Латас Ива, Тијана Миличевиќ, Алексоски Александар, Андоновиќ Милош
Локација: Гратски стадион, Скопје
Површина: 16 000m2
Иницијалниот концепт за хотел ЛОКО е воспоставен околу идејата за локалното, формирајќи ја основата за архитектонски пристап и дизајн на ентериер што директно одговараат на контекстот на местото, во овој случај, хотел ЛОКО во град Скопје.
Основа на приземје
Замислен како групација на бутик хотели која постојано се развива во нови правци и на нови територии со јасна и читлива идеја за локалното, секој хотел LOKO гради сопствен идентитет како одговор на просторните, материјалните и културните карактеристики на своето опкружување.
Архитектонскиот пристап ја следи оваа идеја, создавајќи препознатлив и доследен проектантски јазик, додека локалните материјали, мотиви, бои и културни референци му даваат на секој хотел уникатен карактер, поврзан со местото на кое припаѓа.
Основа на кат
Пресек
Првото поглавје од оваа приказна започнува во Скопје, Македонија, во еден особено специфичен просторен контекст: под трибините на Националната арена „Тоше Проески“, или Градскиот стадион во Скопје, со поглед и отвореност кон зеленилото на Градскиот парк. Оваа архитектонска поставеност стана суштински дел од проектот, обликувајќи прсотор со интимна атмосфера, слоевитост и изразен амбиентален карактер.
Следејќи ја дизајнерската филозофија на ЛОКО, хотелот во Скопје црпи инспирација од локалниот контекст и македонското културно наследство. Традиционалните мотиви од македонскиот вез се реинтерпретирани преку современи текстилни и ѕидни апликации, со трансформации во размерот, боите и композицијата. Наместо да се користат како директна декорација, тие стануваат суптилни референци на културната меморија, интегрирани во современ просторен израз.
ЛОКО функционира како хотел со самостојно пријавување (self-check-in), со посебни пунктови за пријавување интегрирани во влезните зони на приземјето и првиот кат, овозможувајќи им на гостите поголема флексибилност во процесот.
Хотелот располага со 20 соби распоредени на приземјето и првиот кат од Западниот подтрибински простор на Градскиот стадион. На приземјето е предвиден посебен конференциски дел со простори за состаноци и настани, достапен и за надворешни посетители. На овој начин, функцијата на хотелот се проширува надвор од сместувањето, поврзувајќи го со секојдневниот живот на градот.
Рамнотежата помеѓу препознатливиот идентитет и локалниот карактер на секоја поединечна локација ја претставува основата на ЛОКО. Целта не е да се создаде хотел што би можел да постои каде било, туку хотелски концепт што може да се реализира насекаде — а притоа автентично да припаѓа на местото каде што се наоѓа, со дизајнерски идентитет што продолжува да се развива со секоја нова локација.
Автор на статија: Filip Koneski
Taktik / адаптација / Градски стадион Скопје / Ентериер / Подтрибински простор / пренамена / Тактик / Хотел Локо
















