Петта Годишна Средба на Архитекти и Архитекти Урбанисти – „The Architect, Redrawn“

По минатогодишната тема „Архитектурата утре“, јубилејното петто издание под наслов „The Architect, Redrawn“ го префрли фокусот од самите објекти кон оној што ги создава — поставувајќи го прашањето не само какви градови ќе градиме во иднина, туку и како се менува самиот архитект.

Во време кога вештачката интелигенција активно учествува во проектирањето, дигиталните технологии ги менуваат процесите на работа, а градовите се соочуваат со сè посложени климатски, урбанистички и општествени предизвици, средбата отвори суштински дилеми:
• Како се менува улогата и авторството на архитектот во ерата на вештачката интелигенција и автоматизацијата;
• Што новите генерации дигитални алатки и податочни екосистеми значат за креативната слобода и ефикасноста;
• Што секоја нова технолошка ера бара архитектите да преиспитаат, напуштат или одново да научат;
• Како истражувањето и експериментот стануваат дел од секојдневната проектантска практика;
• Како да се зачува човечката димензија на просторот, културното наследство и одговорноста кон заедницата.

ГОВОРНИЦИ

Јубилејната програма донесе извонреден состав на говорници од Калифорнија, Њујорк, Лондон и Скопје, кои ги осветлија различните аспекти на современата архитектонска и технолошка практика.
Татјана Џамбазова (Калифорнија, САД) настапи како keynote говорник на Петтата годишна средба со предавањата „Од архитект, до технолог“ и „Архитектонско проектирање во ерата на вештачката интелигенција“.

 

 

Архитект и меѓународно признат експерт за развој на технолошки производи, продукт менаџмент и иновации со повеќе од 25 години искуство, таа има водено повеќе од 10 софтверски производи од идеја до глобална примена. Како прв продукт менаџер на Revit во Autodesk го предводела неговиот развој до глобален стандард со околу 65% удел на светскиот пазар и ја иницирала првата група за производи за пошироката јавност во рамки на трансформацијата од „Design“ кон „Design + Make“. Денес е Head of Product, AI Solutions во Motif.io, а претходно била извршна директорка во IDEO и на раководни позиции во Bright Machines и Velo3D. Коавтор е на Mastering Revit Architecture и Introduction to Revit Architecture, носител на патент за 3D моделирање и говорник на над 200 настани, вклучувајќи TEDx и Computer History Museum. Нејзините излагања отворија инспиративна дискусија за односот меѓу машината и архитектот како критички проценувач.

 

 

Нушин Радниа (Њујорк, САД) е дизајнерка и истражувачка чија работа се фокусира на интеграција на новите технологии во архитектонската практика, интерактивните и адаптивните простори и влијанието на дигиталните алатки врз обликувањето на изградената средина. Предава на University of North Carolina at Charlotte, каде ги истражува архивите и документацијата во создавањето колективна меморија, и е менторка во NEW INC, инкубаторот на њујоршкиот New Museum за уметност, дизајн и технологија. Во излагањето „On Tools and Unlearning“ („За алатките и откажувањето од наученото“), тргнувајќи од филозофската мисла на Мартин Хајдегер и историјата на архитектонските алатки, таа разгледа што секоја технолошка ера бара архитектите да преиспитаат, напуштат или одново да научат, нагласувајќи дека визијата и критичкиот суд остануваат во рацете на архитектот.

 

Алфонсо Монедеро (Лондон, Велика Британија) е раководител на стратегијата за дигитално работење и управување со податоци во реномираното студио Heatherwick Studio. Со повеќе од една деценија работа на дигитални алатки и работни процеси, тој се фокусира на интелигентно управување со податоци, надминување на ограничувањата на традиционалните BIM системи преку интероперабилни дигитални екосистеми и развој на софтверски решенија во соработка со платформи како Autodesk Forma, Motif и Qonic. Во своето предавање посветено на кампањата Humanise на Heatherwick Studio, тој ја отвори темата за човечката и емоционалната димензија на изградената средина и потребата технологијата да ја поддржува, а не да ја ограничува креативноста.

 

 

Калед Елашри (Лондон, Велика Британија) е партнер во групата Applied Research + Development (Applied R+D) во Foster + Partners. Магистер по Adaptive Architecture and Computation на Bartlett School of Architecture, University College London (UCL), каде што претходно работел и како предавач, во изминатите 16 години има придонесено во повеќе од 200 проекти во областите на оптимизацијата, параметарското и генеративното проектирање, комплексната геометрија, роботиката, виртуелната реалност, дигиталната фабрикација и визуелизацијата на податоци – меѓу кои Mobility Pavilion на Expo 2020 Dubai, стадионот Lusail во Катар, павилјонот на ОАЕ на Expo Milano 2015 и соработка со Boston Dynamics. Во предавањето „Research in Practice“ („Истражување во пракса“) ги претстави најновите истражувања на Applied R+D за вештачката интелигенција, автономните AI-агенти и дигиталните работни процеси во решавањето комплексни проектантски предизвици.
Аттика Архитекти (Скопје, Македонија) е архитектонско и дизајнерско студио основано во 2014 година од архитектите Бојан Тасев и Никола Томевски, дипломирани на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје. Специјализирано за современи станбени објекти – индивидуални куќи, станбени згради, резиденцијални комплекси и ентериери – студиото гради препознатлив пристап заснован на анализа на контекстот, функционалност, чиста геометрија и прецизност во деталите. Добитник е на специјалната награда на БИМАС XXI за објектот на ул. „Рузвелтова“ бр. 11, наградата BIG SEE Architecture Award 2019 за објектот на ул. „Стогово“ бр. 14, наградата „Борис Чипан“ за 2025 година, како и повеќекратен номинант за европската награда Mies van der Rohe Awards (2019, 2022, 2024 и 2026).

 

 

ИНСТИТУЦИОНАЛНА СОРАБОТКА И ПОТПИШАНИ МЕМОРАНДУМИ

Во рамки на Петтата годишна средба беа потпишани два значајни меморандуми за меѓусебна соработка, со што се воспостави трајна институционална рамка за стручно, локално и регионално поврзување:
• Меморандум за меѓусебна соработка помеѓу Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ) и Општина Битола, потпишан на 20.11.2026 година од претседателот на КОАИ, м-р Дејан Метикош, и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски. Меморандумот предвидува заеднички активности во областа на архитектурата, урбанистичкото и просторното планирање, одржливиот урбан развој, уредувањето на јавните простори, заштитата и ревитализацијата на културното и архитектонското наследство на Битола, како и формирање стручни тимови и реализација на обуки, изложби и истражувачки иницијативи од заемен интерес.
• Меморандум за меѓусебна соработка помеѓу КОАИ и Кластерот за урбанистичко планирање – Ниш (Република Србија), потпишан на 21.11.2026 година од претседателот на КОАИ, м-р Дејан Метикош, и застапникот на Кластерот, Миљана Игњатовиќ. Документот ја продлабочува регионалната соработка преку заеднички едукативни настани и работилници, научни и стручни истражувања во областа на урбаниот развој, енергетската ефикасност и заштитата на културното наследство, размена на добри практики и формирање експертски тимови.

 

ДОМАЌИНИ, ГОСТИ И ВОДЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА

На свеченото отворање поздравни обраќања имаа претседателот на Комората, м-р Дејан Метикош, и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој ја истакна клучната улога на архитектите и урбанистите во развојот на градот. Вториот работен ден го отвори потпретседателката на КОАИ и претседателка на Македонскиот совет за зелена градба, Веселинка Герасимова Петровска.
Настанот беше збогатен со присуството на претставници од сродните професионални комори, асоцијации и академската заедница од земјата и регионот, меѓу кои: Рајка Буњевац (претседател на Хрватската комора на архитекти), Вељко Бојовиќ (претседател на Инженерската комора на Србија), Новица Митровиќ (претседател на Комората на архитекти и планери на Црна Гора), Ардиан Феризи (претставник на Комората на архитекти на Косово – OARK), Бледион Баралиу (претседател на Асоцијацијата на архитекти на Косово – AAK), Страхиња Трпевски (прв претседател на КОАИ), Кристинка Чулак (претходен претседател на КОАИ и актуелен потпретседател на Европскиот совет на инженерски комори), Марија Мано Велевска (продекан на Архитектонскиот факултет при УКИМ), Мишко Ралев (декан на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС), Валентин Константиновски (Асоцијација на архитекти на Македонија), Миљана Игњатовиќ (Кластер за урбанистичко планирање – Ниш), Ѓорги Кочев (ЗГ „Самун и Каднка“), Никола Рибароски (претседател на Комората на ТП и ТД за геодетски работи), како и добитничката на признанието „Инженерски прстен“ за 2026 година, Марта Митева. Свои видео обраќања имаа Јержи Грочулски (Потпретседател на Меѓународната унија на архитекти за Регион II: Централна и Источна Европа и Блискиот Исток) и Даниел Фигеншу (Претседател на Советот на архитекти на Европа).

 

 

OFF ПРОГРАМА И КУЛТУРНИ СОДРЖИНИ

Покрај стручните предавања и панел-дискусиите, средбата понуди богата придружна програма што ги поврза архитектурата, образованието, културното наследство и сценската уметност:
• Проекција на документарниот филм „Руини“ на Елена Чемерска – реализирана во Кино „Манаки“ во соработка со Дебатното кино „Контра Кадар“, проследена со дискусија; интимен документарен филм за архитектурата, наследството и сеќавањето, кој ја следи реставрацијата на модернистички споменик создаден од покојниот татко на режисерката.
• „Битола, бабам Битола“ – последниот мурал на Борко Лазески – изложба – презентација на проектот на Македонскиот национален комитет на ИКОМОС посветен на истражувањето, фотограметриското дигитално документирање (со изработка на прецизен 3D модел) и афирмацијата на монументалниот мурал од 1991 година во шалтер-салата на Главната пошта во Битола (3 × 7,14 метри, со над 90 ликови).
• Годишна изложба на студентите на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС – „Архитектонска школа – инструмент за суштинска промена“ – селекција на проекти од додипломските и постдипломските студии во изминатата академска година, поставена во Офицерскиот дом во Битола како увид во идеите и пристапите на новите генерации архитекти и дизајнери.

• Театарска претстава во рамките на Битола Шекспир фестивал – изведба на „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Саба Асламазишвили и изведба на Државниот театар од Поти, Грузија, на Големата сцена на НУ Народен театар – Битола, како дел од културната понуда за гостите на средбата.

 

ПРИЈАТЕЛИ НА СРЕДБАТА
Петтата годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти се реализира со несебичната поддршка од пријателите на Комората на овластени архитекти и овластени инженери:
• Платинест спонзор: ZWCAD
• Златни спонзори: Македонски совет за зелена градба; Smart Solutions Македонија
• Сребрени спонзори: Стентон градба Битола; Makris
• Поддржувачки спонзори: Адинг Скопје; ЕУРОТЕРМ ДОО Прилеп; ВИНЕРБЕРГЕР ДООЕЛ Виница
• Останати спонзори: БИМ Свети Николе
• Партнерски институции: Општина Битола; ЈОУ Културен и информативен центар Битола; НУ Народен театар – Битола
• Медиумски покровители: МАРХ-Македонска Архитектура; Порта 3

ЗАКЛУЧОК
Јубилејната Петта годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти уште еднаш потврди дека иднината на архитектурата не зависи само од технологиите што ги развиваме, туку и од вредностите што одлучуваме да ги зачуваме. Преку спој на светски технолошки и проектантски искуства, домашна архитектонска практика, институционални меморандуми и културни содржини, настанот ги исполни статутарните определби на Комората за афирмација на професијата, размена на позитивни практики и јакнење на капацитетите на членовите, поставувајќи уште повисоки стандарди за следните изданија во Битола.