AGRO CASTRUM / Трајкова, Василева, Велеска, Цветковски

Автори : Сара Трајкова, Даниела Василева, Сара Велеска, Андреј Цветковски  
Семестар: IX – 2022/23
Проектна задача : Населба / Архитектура на урбаниот фрагмент
Наслов на проектот: Агро Каструм 
Локација : Расадник, Кисела Вода – Скопје 
Педагошки тим : проф.д-р. Слободан Велевски, проф.д-р. Марија Мано-Велевска, асис.д-р Благоја Бајковски 
Универзитет: ,,Св. Кирил и Методиј“ –  Архитектонски факултет – Скопје

 

Објаснување на почетокот  на работата:
Дефинирање на поимите населба/settlement и соседство/neighborhood, како прв чекор во работата на студиото.
Си го поставивме прашањето – Како настанале првите населби? Првите населби се формираат заради потребата од групирање, да се постигне поефикасен лов, побезбедни места за живеење, одгледување на храна, со цел да се совладаат основните аспекти на живеењето во тој период. Покрај овој основен аспект, кај човекот како битие се јавува и потреба од социјализација. Од психолошки аспект, човечкото битие е створено да функционира во заедница, во интеракција со други битија. Склопот од основниот и социјалниот аспект на живеење резултира во заедница. Така, доаѓаме до поимот СИНЕРГИЈА –  енергија која астанува преку заедничко дејствување. 

За разлика од примитивните заедници, во денешно време населбите особено оние  во поголемите градови делумно го губат основниот и социјалниот аспект. Живеењето станува по интровертно, ориентирано кон внатрешноста. Луѓето стануваат фокусирани се повеќе на семејството, кое станува една клетка од целиот организам и главен центар на секоја индивидуа. 

 

 

Од овде произлегува нашиот втор поим, поимот ДОМ – поим кој емоционално или физички не поврзува со одредено место, простор – домот е таму каде што ке посакаме.

За крај се навраќаме на примарните вредности, на колективното живеење и творење, без да го нарушиме концептот за дом. Така домовите, клетките, сврзани заедно почнуваат да функционираат како една целина, притоа формирајќи ткиво. Тоа подразбира заедничка работа, дејствување и обезбедување на таа синергија, со што добиваме една финална цел.  Заедница, која не го губи индивидуализмот на домот, но има повисоко ниво на свест, каде што преку колективност општеството добива подобар прогрес. 

Така доаѓаме до третиот поим, поимот КОМУНА – колектив на луѓе здружени во заедница врз принцип на заедничка сопственост и заеднички труд. 

Секој од поимите симултано се однесува на минатото, сегашноста и иднината. Минатото е претставено преку поимот синергија(дејствување), сегашноста е домот(чувство), додека иднината е претставена преку комуна (која ги сплотува дејствувањето и чувството). Сите овие поими според нас егзистираат како целина низ времето, притоа објаснувајќи ги термините населба и соседство. 

 

 

 

Објаснување на проектот : 

Проектот настанува со наслојување на различни намени, кои ја формираат целината, врз основа на претходно направени анализи. Производството на агрикултура на нов, футуристички начин станува појдовен слој на разработка, директно референцирајќи го примерот на “Agronica од Andrea Branzi”.

Формираме трансформабилни полиња со акцент на зеленило, производство и движење. Спротивно на него, навраќајќи се кон минатото, кон идејата на настанување на расадниците, кои се појавуваат во градското ткиво како изолирани и оградени површини, домувањето како примарна намена,заедно со секундарните намени ги наслојуваме по периферијата на локацијата, во вид на цврста структура – “каструм”. Од тука произлегува името “АГРО КАСТРУМ”, како симбиоза на двата главни слоеви, на минатото и иднината кои ги транспонираме во сегашноста. 

 

 

 

Целата структура е вовлечена кон внатрешноста на локацијата, со што се јавува прв слој – урбана шума – тампон зона. Сообраќајот се развива околу “каструмот” и се надоврзува на веќепостоечките сообраќајни правци. “Каструмот” го оградува просторот од околината, формирајќи мал град кој функционира самостојно во големиот град. 

Главните правци се потенцирани со по две кули, означувајќи ги воедно и главните влезови. На подолжната оска поставуваме подвижна лента која има  мултифункционална намена. “Каструмот” во приземје го фрагментираме по намени кои долж наизменично се појавуваат. 

 

 

Паралелно на главниот булевар е интерполиран фрагмент од јавни намени. Структурата во овој дел е порозна, прави контакт со околината и директно ги повикува жителите. Долж фрагментот преминува во приватен простор, намена домување во куќи, затворен кон околината, а отворен кон внатрешниот двор. Надворешната страна на ѕидот е строго детерминирана права линија – бетон брут, со ортогонална мрежа од минимално перфорирани отвори.

 

 

Спротивно од неа внатрешната страна е искршена линија која формира различни урбани простори, референцирајќи го примерот “The wall as a living place”. дефиниранa со мермерни плочи. Во урбанистичкото решение се јавуваат неколку простори – два помали парк/плоштади, “парк  Andrea Branzi” и “плоштад weak city”. 

 

 

Низ овие простори поминува трим патека, преку која се доживуваат различните просторни карактери. “Паркот Andrea Branzi” го интерполира производството на агрикултура во дефинирана матрица од телематски столбови со трансформабилни елементи . Weak city” претставува отворена површина – плоштад кој станува центар за социјализација и одржување на различни настани. Заклучно, правиме баланс меѓу изграденото и неизграденото кој нуди различни атмосфери и можности со потенцијал просторот да функционира сам за себе, односно да се самоодржува.