Алатки за евалуација на јавни простори / Докузова, Рафаиловска, Вељаноски

 

Наслов: Алатки за евалуација на јавни простори – Преглед на јавни простори и студии на случај – Скопје (2018-2023)

Автори на публикацијата: Милка Докузова, Ана Рафаиловска, Павел Вељаноски

Соработници: Бојана Вучковиќ, Теодора Илиевска, Александар Јанески, Сара Ничота, Зорица Ставрова

Јазична редакција и коректура: Драгана Велковска

Дизајн на публикацијата: Владимир Трајановски

Година на издавање: Ноември, 2023

Извор: публикацијата од истражувањето;  фејсбук профилот и веб-страната „Пасош на Скопје“;

 

Во денешната објава ви гo претставуваме истражувањето под наслов „Алатки за евалуација на јавни простори “ изработено од архитектите Докузова, Рафаиловска и Вељаноски. Тие ги анализираат јавните простори во Скопје изградени во периодот помеѓу 2018-та и 2023-та година, преку генерални нумерички показатели и шест подетални студии.

Целта на истражувањето е да се утврди интересот кај општините за изградба на нови јавни отворени простори, но и да се разбере начинот на нивно планирање, изборот на нивните програми, нивото на посетеност и слично.

Истражувањето е заокружено со публикација и веб-страна со наслов „Пасош на Скопје“, која содржи интерактивна мапа за прегледување на собраните информации.

 

 

 

 

 

 

Во првата фаза од истражувањето тие доставуваат барања до сите општини, за новоизградени или реконструирани јавни простори во периодот од 2018 до 2023 година, соодветно категоризирани по намена и со прецизна локација дефинирана преку бројот на катастарска парцела или улица.

Информациите кои недостасуваа се прибрани преку различни извори: Агенцијата за катастар за недвижности, веб-страници на општините и Град Скопје, Google Maps, како и преку теренска проверка.

Тие ги класифицираат јавните површини според доминантната функција:

  • детски игралишта
  • спортски игралишта
  • скверови
  • паркови
  • пешачки улици
  • кровни градини

Потоа ги делат и на реконструирани и новоизградени јавни отворени простори.

На крајот од првата фаза, се врши категоризација на сите јавни отворени простори. Регистрирани се вкупно 364 новоизградени или реконструирани јавни простори на територија на Град Скопје, од кои 149 детски игралишта, 106 спортски игралишта, 23 скверови, 79 паркови, 5 пешачки улици и 2 кровни градини.

 

 

 

 

Втората фаза од истражувањето се фокусира на шест примери на јавни отворени поростори кои се изградени во непосредната околина на станбените блоковски формации:

  • кровна градина – ГТЦ
  • детско и спортско игралиште „Славка Недиќ“
  • инклузивното детско игралиште – Веро Тафталиџе
  • урбан сквер „Нерези“
  • зелен сквер „Марче паркче“
  • урбан парк покрај ул. „Пандил Шишков“

 

 

 

 

 

За секој од примерите е изготвен тематски прашалник кој ја отсликува состојбата со расположливата инфраструктура и нејзиниот квалитет. Со мапирање преку цртеж, документирање преку фотографија и текстуални записи за различните појави и состојби, се покриваат следните теми:

  • Основни податоци
  • Пристапност
  • Комфор
  • Безбедност
  • Урбана опрема
  • Зеленило

Дополнително за секој од примерите е изготвена и анкета на стационарни активности. Целта на оваа анкета е да ги мапира основните и најчести активности во јавните отворени простори, да ги забележи начините на користење на просторот, истите да ги стави во корелација со присуството на различни возрасни категории, како и со потенцијалот за здружување на истите заради споделените интереси.

 

 

 

Истражувањето завршува со заклучок кој ги сумира сите собрани информации. Интересно е дека дури 61% од јавни простори всушност настанале со реконструкција на веќе постоечки јавни отворени простори, додека само 39% се новоизградени. Најмногу се инверстирало во детски игралишта – 40,9%, спортски игралишта – 29,1% и паркови – 21,7%.

 

 

 

 

Разочарувачки е фактот дека од 364 проекти, за само два бил распишан јавен конкурс за идејно решение, од кои едниот е подоцна поништен.

„Проектирањето на јавните простори е заменето со процес на јавна набавка, а стручната јавност генерално има ограничени пристап и влијание врз овие процеси. Следствено, како резултат се јавуваат повторливи јавни простори, монотони и неприспособени на контекстот, кои не нудат нови содржини, ниту разновидност на програмите и моделите за интеракција, едукација и општо – нивно користење.“

 

 

 

 

Публикацијата е создадена во рамки на проектот Communities for Sustainability II – Заедници за одржливост II, спроведуван од Здружение за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН” и Граѓанска иницијатива Охрид SOS. Издавањето на публикацијата е поддржано од Фондацијата Хајнрих Бел.

 

 

Интерактивна мапа на веб-страна „Пасош на Скопје“