Интерактивна мапа на алтернативно Скопје во 1990-тите

Тимот на арно.мк пред една недела објави интерактивна мапа од Скопје на која се прикажани локации во градот каде што живеела алтернативната култура за време на 90тите години. Оваа мапа е одличен начин да се зачува меморијата на култните алтернативни простори во Скопје и претставува хроника на едно различно и заборавено време. Интересно е што може да се забележи дека некои од овие места, како на пример Плочник, сѐ уште се користат како неформално збирно место на младите каде што живее алтернативната култура.

 

Јасно е дека денес луѓето поминуваат голем дел од времето на интернет, односно на социјалните мрежи, каде што информации околу секојдневниот и едноставен живот се споделуваат секојдневно. Голем дел од овие информации се во форма на фотографии, лични искуства и анекдоти, a тие едноставно „висат“ во интернет просторот. Инспирирани од ова, авторите од арно.мк објавија еден вид интернет архива, отворена за секој да допринесе, каде што ќе се зачувуваат таков вид на текстуални и визуелни податоци. Ваквиот начин на зачувување на податоци од минатото претставува алтернативен начин на зачувување на социо-културните одлики во еден простор и време кои секогаш се запоставуваат и заменуваат со спектакуларни настани кои се далеку од автентичноста на секојдневието.

 

Пример од книжевна трага.

 

Местата кои се прикажани на оваа мапа и деталите околу нивната функција се базирани на романот 3 минути и 53 секунди (3’53’’) од авторот Берт Стајн. Издавачката куќа ова дело го категоризира како роман на раснењето во кој што авторот во прво лице раскажува за интимната историја на музиката и општествено-културните одлики помеѓу 1984 и 2004 година. Белешката за делото го опишува овој роман на следниот начин:

„Се работи за една историска анализа не само на музиката како рефлексија на оптествените и политичките збиднувања во светот и кај нас, туку за една поширока општествено-културолошка анализа која оперира на три нивоа. Првото ниво е локалното, преку кое се истражува историјата на овие простори во конкретниот период и нејзината корелација со глобалните збиднувања, но и личните приказни на протагонистите во оваа книга. Второто ниво е глобалното, преку кое авторот се обидува да го аналира нашето место среде светските збиднувања и како тие се одразиле на нашата реалност. Третото ниво е индивидуалното, т.е интимното гледиште на авторот за сите тие локални и глобални збиднувања, испреплетени со неговата лична историја.“

 

Мапата засега содржи триесет точки кои ги позиционираат локалите и збирните места во географска средина. Симболиката на овие точки е направена така што корисникот може одма да разликува помеѓу точна локација на местото или приближна. Лево од мапата се наоѓа листата на локации, легенда, место за пребарување и неколку филтри за пребарување. Десно од мапата се наоѓа делот со сите информации околу една точка на мапата. Освен основен опис, картографските единици содржат период на работа, музичка и супкултурна припадност, кратка хронологија, фотографии и референци и линкови до пишани извори за локациите. Пишаните извори се референцирани како книжевни траги, новинарски текстови, интервјуа, архивски записи, форумски и лични сведоштва, како и белешки за точноста на информациите и отворени прашања. Освен гореспоменатиот роман, во делот на книжевни траги се референцирани и други публикации како што е Македонска РОК Енциклопедија на Тошо Филиповски, како и Лексикон на ЈУ митологијата – збирка и речник на популарната култура во Југославија.

 

 

 

Авторите објаснуваат дека архивата останува отворена и дека истражувањето не е конечно. Недостасуваат точни години на отворање и затворање на локалите, имиња на сопственици и диџеи, фотографии од ентериерите, концертни плакати и прецизни локации на дел од локалите. Тие порачуваат секој кој има дополнителни информации околу овие места во градот да стапи во контакт нив. За крај, тие не поздравуваат со една двигателна порака:

„Градот не го сочинуваат само објектите што преживеале. Го сочинуваат и местата што исчезнале, но продолжуваат да живеат во јазикот, музиката и сеќавањето на луѓето.“

 

 

 

Автор: Кристијан Тошески

Извори:

Алтернативно Скопје во 1990-тите: Интерактивна мапа. (31.08.2026). arno.mk. https://arno.mk/alternativno-skopje-vo-1990-tite-interaktivna-mapa/

Автор на статија: