Археолошки локалитет Стибера

Период: III век п.н.е - III век

Местоположба

Градот Стибера, урбан центар на областа Дериоп во котлината Пелагонија, бил еден од најголемите антички градови. Со археолошки истражувања е утврдена неговата местополжба на околу 16 км југозападно од градот Прилеп, на ридот Бедем, а во непосредна близина на селото Чепигово. Бил распостранет на поголем простор од двете страни на реката Блато.

 

 

 

 

 

Историјат

Стибера постоела од III век п.н.е. до III век од нашата ера. Се претпоставува дека во времето на најголемиот подем во градот живееле над 20.000 жители. Формирањето на градот започнало во македонско хеленистичкиот период IV-III век п.н.е. Својот најголем расцвет, градот Стибера го имал во II век н.е., кога се вршела најголемата обнова на објектите во градот, и кога се создаваат најголемиот број на мермерни скулптури и епиграфски споменици.

Од овој предримски период со теренски археолошки истражувања се пронајдени остатоци од градби кои, сепак, не се добро зачувани, така што не може поконкретно да се дефинира нивната намена. Градбите од ова време се сочувани само во нивните темели поради тоа што со доаѓањето на римската управа, на нивните места се градат нови објекти за живеење, како и јавни и градби од стопански карактер.

 

 

 

Откривањето на остатоците од архитектонска и портретна мермерна пластика и фрагменти од мермерни плочи со натписи во 2009 година потврдуваат значајната улога на Стибера и неговите граѓани во рамките на слободните градови во римските провинции. Урбаниот живот во градот згаснал во втората половина на III век н.е.

 

 

Археолошки ископувања

Во Стибера се откриени бројни скулптури што биле поставени во храмот посветен на божицата на судбината, Тихе. Дел од откриените статуи се наоѓаат во музејот во Прилеп, во музеите во Скопје, а еден дел бил изложен пред зградата на македонската влада. Се претпоставува дека со досегашните ископувања е откриено само 1-2% од археолошкото богатство на градот. Во 2006 година, во Стибера била откриена голема скулптура во природна големина. Исто така, во градот е откриен и еден гимназиум.

 

 

Во движните наоди од овој предримски период доминираат наодите на фрагментирана садова керамика, а се евидентирани и земјени тегови и неколку метални наоди. Највредни се двата калапи од глина, едниот за луксузна чаша за пиење на вино со декорација од бршлен, додека другиот калап е за изработка на теракотна претстава на Херакле во борба против Немејскиот лав, еден од подвизите на овој митолошки јунак, предок на македонската античка кралска куќа, велат археолозите.

Фактот што во градот имало храм во кој се славеле императорите говори за големото значење на Стибера во рамки на империјата. Оваа чест (неокорија) да биде град со ваков вид храм била доделувана на мал број градови.

Покрај бројните пронајдени предмети за секојдневна употреба, монети, накит, керамички садови и разни орудија од македонскиот и од римскиот период на постоењето на градот, секако се издвојуваат бројните репрезентативни скулптури и бисти изработени од мермер, со претстави на божества и заслужни граѓани од римскиот период. Нивната бројност и мошне квалитетната изработка упатува на тоа дека Стибера со своите 20.000 жители во тоа време бил навистина богат и значаен град во овој дел од империјата.

 

 

Откриени се повеќе градби од зенитот на градот во царско-римскиот период на ридот Бедем и во неговото западно подножје: комплексот Гимназион, плоштадот со чешма, храмот посветен на култот на императорот, храмот на заштитничката на градот Тихе, административната зграда на главниот градски плоштад – агората, работилницата за изработка на теракоти и керамички ламби и собрание – булевтерион, малото светилиште на божество со птичјо лице, а на локалитетот Бакарно Гумно на западниот влез во селото Чепигово е евидентиран градски жртвеник од отворен тип.

Важен наод од Стибера е мермерната биста на жена, бидејќи, според одредени анализи, станува збор за Фаустина помладата, сопруга на римскиот император Марко Аврелиј кој владеел во втората половина од II век.