Македонското студио „Архитектура нова“ на Архитектонското биенале во Венеција 2025
10.07.2025 • Изложби

По покана од Европскиот Културен Центар – Италија (ECC Italy), македонското архитектонско студио „Архитектура нова“ оваа година учествува на престижното Архитектонско биенале во Венеција, во рамките на меѓународната изложба „Time Space Existence“ (timespaceexistence.com).
Концепт
Ова значајно изложбено случување претставува завршени и тековни архитектонски проекти, иновативни предлози и визионерски идеи, преку широк спектар на медиуми – од концептуални дела и модели, до видеа, фотографии, скулптури и локациски специфични инсталации. Преку оваа мултидисциплинарна платформа, се преиспитува односот меѓу човекот, просторот и времето, со цел да се понудат нови перспективи за современото живеење и да се редефинира архитектурата во поширок културен и еколошки контекст.
Патување и подготовка
Изложбата „Time Space Existence“ годинава го доживува своето седмо издание и се одвива на три репрезентативни локации во Венеција: градините Маринареса (Marinaressa Gardens), Палатата Бембо (Palazzo Bembo) и Палатата Мора (Palazzo Mora).
Темата на овогодишното издание, „Repair, Regenerate, Reuse“, обединува околу 200 учесници од различни земји и континенти, кои заеднички ги афирмираат вредностите на одржливост, етичност и креативност во архитектурата на иднината.
Од поставката
Изложбата е отворена за посетители од 10 мај до 23 ноември 2025 година.
Поставката на „Архитектура нова“ е сместена во внимателно одбрана просторија во Палатата Мора, селектирана преку процес на анализа и просторна синхронизација со нивниот проект, со што на посетителите им се овозможува целосно и продлабочено доживување на нивната архитектонска визија.
Од поставката
Насловен “Cultivating Landscape” проектот претставува интервенција во просторот на Палатата – не како инсталација или декорација, туку како активен чин на поместено посматрање и повторно присвојување на просторот. Авторите го третираат градењето не само како создавање, туку и како чин на сеќавање, регенерација и повторна употреба – како начин да се активираат мемориите вградени во материјалноста на просторот.
Од отворањето на изложбата
Нивната архитектура не е форма, туку процес – истражување на територија, позиција и присуство. Во услови на ограничување на површина од само два квадратни метри, тие развиваат структура која ја преиспитува самата дефиниција на простор и објект. Почнуваат со површина од 2 x 1 метар, која е замислена како флексибилен терен што се протега, трансформира и адаптира – понекогаш на само 0.2 x 10 метри, или 0.02 x 100 метри како апстрактен пејзаж што ја населува целата основа на Палацото.
Конечната форма е долга, тесна структура – архитектонски фрагмент, пресек, пејзаж што ги носи нивните траги и рефлексии. Сместена под фреската на Тиеполо, оваа интервенција станува симболичен простор на преиспитување: што носиме како архитекти – во умот, телото и секојдневните практики.
Од отворањето на изложбата

Автор на статија: Filip Koneski
Regenerate / Repair / Reuse / Time Space Existence / Архитектонско биенале во Венеција / Архитектура Нова / Палатата Мора