ИЗЛОЖБЕНО – ДИСТРУБУТИВЕН ЦЕНТАР БАЛКАНИЈА ММ Визбегово – Скопје / СИНДИКАТ СТУДИО

Година на изведба: 2023 година
Автори: Миа Шириќ, Дејан Секуловски, Илија Божиновски
Соработници: Саше Нешиќ, Катина Сутоглу
Проектантско биро: СИНДИКАТ СТУДИО
Автор на фотографии: Дејан Секуловски, Владимир Секуловски
Локација: нас. Визбегово, Општина Бутел – Скопје
Површина (развиена): 4265m2

 

Дизајниран за еден од најголемите трговци со плочки во земјата, санитарска опрема и опрема за бања – Балканија ММ, изложбено-дистрибутивниот центар со склад е место каде се изложуваат и претставуваат неколку светски брендови од оваа област. Самата зграда обезбедува целосно преосмислување на традиционалните физички продавници, тоа е место каде различни трговци може да се претстават со одредена тема или концепт.

 

 

Генерален опис

Сместен во Визбегово, близу Скопје, изложбено-дистрибутивниот центар програмски се впишува во околниот контекст. Околу 1/2 од вкупната изградена површина – 4265 м2 е изложбена површина, а другата половина е отворен и затворен магацински простор.

Креирањето на салон за производи кои треба да доминираат во просторот значи дека самиот внатрешен простор треба да биде смирен, просторен и не наметлив. Преку архитектурата се обидовме да создадеме соодветен “дом” за производите кои ќе “живеат” таму.

 

 

Концепт – Контекст и стратегија

Волумените на зградата се дефинирани со композиција на повеќе призми со различна материјализација и просторна распределба кои создаваат дополнителни изложбени простории како трезорниот зелен кров на првиот кат и полунаткриениот двор на приземјето. Зградата е програмски поделена на две единици – изложбен простор и склад, кои се поврзани преку рецепцијата.

 

Анализи

 

Изложбен простор

Просторот овозможува континуиран пат на движење преку две скулптурални јадра кои се поставени во двовисински простор. Над едниот од нив, се поставува лантерна од приближно 65 м2 преку која природна светлина проникнува и го истакнува внатрешниот простор. Тука клиентите може да создаваат комбинации на плочките што сакаат да ги купат на голема маса така што би ги виделе истите под природна светлина. Еден дел од приземјето е уреден како стан, кој преку целосно стаклена фасада гледа кон полунаткриениот двор и создава чувство дека сте во нечиј дом. На првиот кат има зелена кровна тераса на која плочките се изложени на дирекно  на тревата. Еден дел од катот е со пониска катна висина, создавајќи помал, топол простор со амбиентот на домашна бања. Во фазата на дизајнот ги нагласивме природната и на вештачката светлина, правејќи ги главни микро-атмосферски овозможувачи за самите производи.

 

 

Дистрибуција и Складирање

Иако делот со склад е визуелно споен со останатите содржини, тоа е посебна структура која може да функционира независно. На приземјето има различни работилници во кои се сместуваат големите машини за сечење и обработка на плочки со отворен простор за складирање. Првиот и вториот кат се затворени складови.

 

 

Градежна конструкција – Материјали и структура

Градежната конструкција е скелетен систем од армиран бетон. За постигнување на оваа просторна флексибилност, некои од конструктивните распони се и до 10 метри. Различните волумени/призми добиваат различна надворешна материјализација како стаклена структурална фасада, вентилирана фасада со алуминиумски композитен панел, вентилирана фасада со плочки, сандвич-панел и декоративни алуминиумски вертикали на термална фасада.