Центар за култура Дебар / Василев, 1971г.

 

Локација: Вељко Влаховиќ 13, Дебaр

Автор: Трајко Василев

Година: 1971г.

Извор: веб страната на Центарот за култура во Дебар; насловна фотографија: www.mia.mk

 

 

Во самот јадро на Дебар, го среќаваме неговиот дом на културата. Објект со јасни карактеристики на доцниот модернизам во Македонија, посебно впечатлив по муралот над неговата влезна партија.

 

 

 

 

 

 



Зградата е подарок од граѓаните на Скопје, како знак на солидарност откако Дебар доживува катастрофален земјотрес во 1967г. Установата е започнува со работа во 1971г. и првично го носи името Општествениот дом „Скопје“ – Дебар, а во 2003г. таа добива статус на Национална установа Центар за култура – Дебар. 

Автор на објектот е скопскиот архитект Трајко Василев, познат по дизајнот на Кула Автокоманда. Тој го бележи своето дело со натпис кој е поставен покрај самиот влез. 

 

 

 

 

 

 

 

Културниот центар содржи низа простори кои сместуваа голем дијапазон на функции: аудиториум, сала за настапи, училници, библиотека и долги холови кои честопати се служат за изложби. 

Највпечатливо за ентериерот на објектот е како тој ја апсорбира светлината. Посебно холот кој е исполнет со прозорски отвори од двете страни, кои целосно го трансформираат просторот во различни атмосфери зависно од периодот на денот. 

 

 

 

 

 

 

 

Главен фокус на фасадата е испуштениот волумен на влезната партија. Тој формира трем на ниво на приземјето, а првиот кат има голем слеп ѕид кој го краси исклучителен мурал. Ова уметничко дело е изработено од дебарските сликари Спасе Куновски и Живко Саревски. Според наша интерпретација, тој веројатно симболично ја претставува приказната за настанокот на овој објект.

 

 

 

 

 

Муралот над влезот / извор: www.centarzakulturadebar.org.mk

 

 

 

Симетрично од двете страна на влезот, прозорците се покриени со вертикални брисолеи во различни бои кои дополнително го збогатуваат неговиот надворешен карактер, а истовремено придонесуваат со игра на сенки во внатрешноста. 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Овој центар за култура, претставува исклучителен пример од една архитектонска типологија на општествени објекти која полека замира. Но за разлика од останатите, Дебар го одржува својот  културен центар исклучително активен и актуелен за граѓаните. Па така тој е значајна локација за многу настани од полето на образованието и културата за целиот регион.