Центар за визуелни и изведбени уметности – Охрид / Кавракова
20.06.2018 • Студентски проекти
Година: 2018
Семестар: VI
Проектна задача: Проектирање на општествени згради – Центар за визуелни и изведбени уметности
Предмет: Архитектонско студио 6/2
Автори: Mарија Кавракова
Педагошки тим: проф. д-р Анета Христова Поповска, проф. д-р Михајло Зиноски, доц. д-р Мери Батакоја, сор. Елена Филиповска, сор. Дана Јовановска, сор. Владо Данаилов, сор. Михајло Стојановски
Локација: Летна сцена „Долни Сарај“, Охрид
Целта на задачата на студентите на Архитектонското Студио 6.2 оваа година беше на зададена локација во рамките на градското јадро во Охрид, успешно да испроектираат нов објект на центар за изведбени и визуелни уметности, составен од театарски/мултимедијален дел и изложбен блок. Студентот Марија Кавракова како дел од ова студио, проектира креативно решение за ваков повеќенаменски културен комплекс.
Сл, 1. Визуализација – ентериер
Предложеното архитектонско решение со својата форма визуелно се поврзува со околната природата и структурата на околните куќи, креирајќи инспиративен и пријатен амбиент за посетителите на изложбениот и мултимедијалниот блок. Локацијата е сместена во старото урбано ткиво на градот Охрид, и има тесна и ограничена геометрија, што претставува посебен предизвик за проектирање на комплексен објект како што е културниот центар. Поради тоа мултимедијалниот блок е сместен во две подземни нивоа, додека изложбениот блок заедно со библиотеката, кафетеријата и администрацијата се сместени во четири кубични волумени кои лесно се претопуваат во структурата на градот.
Сл, 2. Ситуација на локација – „Долни Сарај“, Охрид
Сл, 3. Пресек
Целото движење низ културниот објект е континуирано, односно започнува од една точка во главниот и најголем објект и повторно завршува во истата. Овој објект претставува главно интеграциско јадро со голем влезен хол, кој со каскади се поврзува со библиотеката на првиот кат. Каскадите служат за одмор на посетителите на целиот објект, a истовремено претставуваат простор каде што корисниците на библиотеката би можеле да читаат книги. Покрај библиотеката на првиот кат се наоѓаат работилници и кафетерија, додека целата администрација е сместена во истиот објект на третото ниво. Останатите три волумени содржат различни програми и меѓусебно се поврзани со коридор. Од првата призма се пристапува кон мултимедијалниот дел составен од едно поголемо кино – синемаскоп, пет програмски кино сали, фоаје и гастрономија. Во втората призма е вметнат просторот наменет за изложби, а во третата призма на приземјето и на кровната тераса е сместен барот кој дополнително е поврзан и со другите два блока.
Сл, 5. Основа на подземно ниво
Основите на музејот содржат атриумски дворишта каде што се сместени градините со скулптури, кои интимно се вклопуваат во пејзажот. Објектот содржи кровни тераси и надворешни каскади, ориентирани кон центарот на градот и езерото, со цел за одмор на посетителите и уживање во прекрасниот панорамски поглед на градот Охрид.
Сл, 6. Основа на прв кат
Сл, 7. Основа на втор кат
Покрај програмата, земена е во предвид и материјализацијата на објектот која е направена од натур-бетон и стакло, додека коридорот ориентиран кон Охридското езеро е од дрвена монтажна конструкција. Со оваа интервенција се отвара простор за нови инсталации во иднина.
Oд студентот
Сл, 8. Визуализација – ентериер
Сл, 9. Визуализација – тераса
Сл, 10. Слика од макета
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Архитектонско студио 6/2 / АФС / Долни Сарај / Културен центар / Охрид / Студентски проект