Црква Св. Спас / 1820
04.02.2025 • XVI - XIX век

Црквата Св. Спас се наоѓа источно од скопската тврдина, оградена со висока камена ограда. Таа е споменик на културата заштитен со закон, а во неа се врши богосложба и верски обреди само за нејзиниот патронен празник Спасовден. Се смета за најстара од сите цркви во Скопје. За сега не постојат изворни податоци за тоа кога е изградена црквата и каде точно се наоѓала.
Местоположба на црквата Св. Спас
Се смета за најстара (сочувана) црква во Скопје. Храмот бил подигнат кон крајот на XVI или на почетокот на XVII век. По пожарот во XVIII век долго време се наоѓала во урнатини. Била обновена во 1820 година. Од францускиот патописец Ами Буе се дознава за црковните борби во градот Скопје кои се одвивале околу црквата Св. Спас, во врска со двојазичното богослужење.
Градбата е ниска како сите сакрални објекти од од тој период на ова подрачје што е резултат на тогашните забрани од турската власт. Црквата Св. Спас по својот надворешен изглед е неугледна градба, односно по ништо не се разликува од градбите што ја опкружуваат. Таа е вкопана во земја и во неа се влегува низ 7 скалила од надвор и 4 внатре во црквата. Во основа е трибродна базилика средниот брод е засводен , а страничните се рамни.
Фото: Adam Jones
Фото: Rašo
Апсидата е на источната страна, а на западната страна е подигната галерија за жени. Планот на црквата е неправилен, односно ширината не е во сооднос со должината на градбата. Монументалниот дрвен иконостас е второ дело на талентираниот копаничар од мијачкиот род, Петре Филиповски од с. Гари. Го изработил со брат му Марко, и со Макарие Фрчкоски.
Фото: Macedonia Timeless
Покрај иконостасот кој бил завршен во 1824 година тие ги изработиле и владичкиот престол, проповедалницата, проскинитерот(постолјето за целивање на икони)и двете певници. Во 1867 за црквата помали икони изработил најпознатиот македонски зограф од XIX век Дичо Крстев, а Петре Новев Пачаровски, од неговата тајфа, ги изработил двете престолни икони и една поставена на јужната страна.
Фото: Adam Jones
Во дворот на црквата доминира камен саркофаг со посмртните остатоци на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Фото: Филип Конески
Користени извори:
- текстуално образложение >>>
- архивски фотографии >>>
- фотографии: Rašo, Adam Jones, Wikipedia, Macedonia Timeless, Филип Конески
Виртуелна прошетка низ црквата „Св. Спас“ >>>

Автор на статија: Filip Koneski