Црква Свети Димитрија / Марков манастир, XIV век

 

Автор на истражување: м-р Владимир Таневски

Период: XIV век

Локација: Марковиот манастир, Маркова Сушица, Скопско

Ктитор: Крал Волкашин и крал Марко

Литература:  Димитрова, Елизабета, Коруновски, Сашо, Грандаковска, Софија. Средновековна Македонија: Историја на уметноста, архитектурата и литературата. Македонија: културно – историски факти, том.3, Скопје, 2013; Димитрова, Елизабета. „Уметничката продукција на средновековно Скопје“. Скопје: Осум милениуми живот, култура, творештво (2019), 471 – 578; Томић Ђурић, Марка. Фреске Марковог манастира. САНУ, Београд, 2019.

 

 

Црквата посветена на солунскиот светител и великомаченик Димитрија е католикон на Марковиот манастир. Манастирот се наоѓа во селото Маркова Сушица, 20 км оддалечено од Скопје, на брегот на Марковата Река. Марковиот манастир е активно светилиште во кое живее женско монашко сестринство, на чело со игуманијата Илијана.

 

 

 

цр

 

 

 

Црквата Св. Димитрија е бисер на средновековната византиска уметност, споменик и сведок на историските (не)прилики при основањето и изградбата на црквата и општо на манастирскиот комплекс. Манастирскиот комплекс покрај црквата, го сочинуваат: старата манастирска трпезарија, конаци со убави чардаци и други стопански згради.

 

 

 

 

 

 

Во текот на историјата манастирот бил многу богат со имоти и стока, но имало и тешки периоди кога од манастирот биле украдени: икони, ракописи и други вредни уметнички предмети.

На почетокот на XIX век, игумен на манастирот бил Кирил Пејчиновиќ, канонизиран како св. Кирил Лешочки. Во Марковиот манастир Пејчиновиќ живеел дваесетина години. Отворил манастирско училиште и се истакнал како активен проповедник и просветител на населението. Тука ја напишал својата прва книга „Огледало“, печатена во Будим во 1816 година.

 

 

 

 

 

 

За црквата Св. Димитрија говори ктиторскиот натпис лоциран во внатрешноста на црквата над јужниот влез и во целост гласи:

„Се обнови овој пребоженствен храм на светиот великомаченик христов чудотворец Димитрија, со усрдието и поспешението на благоворениот крал Волкашин и со благоверната кралица Елена и со многу љубените нивни ќерки и синови благоверниот крал Марко и Андреаш, Иваниш и Димитар во годината 1377. А овој манастир почна да се ѕида во 1345 во дните на благоверниот цар Стефан и христољубивиот крал Волкашин, а се заврши  во дните на благоверниот и христољубивиот крал Марко“

Досегашните истражувачи забележале нелогичности во натписот, имено Волкашин е наведен со титула крал уште во 1345 година, иако познато е дека Волкашин ја добил кралската титула во 1365 година, кога станал совладетел со царот Урош, а воедно ни кралот Стефан Душан не бил официјално крунисан за цар во 1345 година. Кралот Душан е крунисан за цар на 16 април 1346 година во Скопје. Не е јасна ни хронолошката упатница кон годината 1344/1345, и најверојатно треба да се поврзе со подготвителните активности околу изградбата на црквата и основањето на манастирскиот комплекс. Триесет и еден годишниот јаз  (1345 – 1376/77), јасно упатува на тешката ситуација на кралството на Марко, после битката на реката Марица во 1371 година, кога загинале татко му Волкашин и чичко му Углеша. Хроничарот Исаија Серски запишал дека после битката на Марица,  „Живите им завидуваат на мртвите“.

 

 

 

Внатрешност на храмот поглед кон исток / фото:  Владимир Таневски

 

 

 

Архитектонски црквата Свети Димитрија е изградена како впишан крст во правоаголна основа, која на источната страна има монолитно олтарно решение, а на западната страна  правоаголна припрата. Има една купола која лежи на четири масивни столбови. Припратата е засводена со една калота т.е. слепа купола.

Во црквата се влегувало преку два влеза, едниот поставен на западната страна, а другиот на јужниот ѕид и придружен со екстериерно фрескосликарство, најверојатно, за влез и излез на ктиторското семејство.

 

 

 

Основа на црквата – С. Коруновски 

 

 

 

Фасадната артикулација и декорација се збир на елементи кои се веќе видени кај другите цркви, но се изведени поквалитетно. На источната фасадата, поточно на олтарната апсида и апсидите на ѓакониконот и протезисот има комбинација на рамни и полукружни ниши поставени во два реда.

Во 1830 година, на западната страна скопскиот Хамзи паша доградил отворен трем, за да ужива во прекрасната глетка на манастирскиот комплекс и да пуши нергиле. Оваа XIX вековна градба совршено се вклопила во средновековното задание.

 

 

 

 фото:  Владимир Таневски

 

 

 

Фрескоживописот во црквата Св. Димитрија е мошне богат и изобилува со иконографски новини и визуелни мотиви. Покрај богато развиените куполна и олтарна програма во црквата се насликани и: Големите празници, Страсниот циклус, Христовата јавна дејност, Менологот (Црковниот календар), житието на св. Димитрија, житието на св. Никола и Богородичиниот акатист.

 

 

 

Богородичин акатист, IV икос и IV кондак 

 

 

Фотографии од фрескоживописот / извор: Средновековна Македонија: Историја на уметноста

 

 

 

Во првата зона на храмот е насликан царски Деисис, придружен од старозаветниот цар Давид и дваесеттина светители облечени како дворјани. Ова е илустрација на Небесниот дворец инспириран од 44 Давидов псалм, поточно од 9 стих. Во оваа композиција е вметната и мошне оштетената ктиторска композиција која ја сочинуваат кралот Волкашин, неговата сопруга кралицата Елена и нивниот син кралот Марко.

 

 

 

Претставата на Деисисот / фото:  Владимир Таневски

 

 

 

Во многубројните циклуси насликани во оваа црква може да се забележи една необична сцена, насликана веднаш до Рагањето Христово – Колежот на Витлеемските деца со епизодата Плачот на Рахела. Колежот на невините витлеемски деца е инспирирано од Евангелието според Матеј (Матеј 2:16). Кралот Ирод наредил да се убијат сите машки деца помали од две години, поради стравот од новородениот крал на Израел, Исус Христос.

Овој дел од Евангелието во целост гласи: „Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу и испрати да ги погубат сите машки новороденчиња Витлеем и по целата негова околина од двегодинишна возраст и помали, според времето што точно го беше дознал од мудреците“. Оваа траорна сцена, е навистина ретка во византиските фрескоансамбли на територијата на Македонија, но често се сретнува во уметноста на Западна Европа, а има и дела кои се инспирирани од неа, па така оваа сцена или нејзиното влијанија била нсаликана од: Џото, Бројгел, Рубенс, Рени, Пусен итн.

Претставата во марковата црква е несомнено силно влијание од битката на Марица, децата во рацете на нивните мајки се симболички претстави на големиот број на синови кои загинале во одбрана на нивната татковина. Во рамки на оваа сцена е инкорпорирана и епизодата Плачот на Рахела, Рахела е претставена клекната со кренати раце, скршена од болка, со болна гримаса на лицето, а околу неа се нејзините погубени деца. Оваа случка е позната уште во Стариот завет во книгата на пророкот Еремија: „Така вели Господ: глас се слуша во Рама, пискот и горко плачење: Рахила плаче за децата и не сака да се утеши за нив, зашто ги нема“. Оваа епизода е дополнително опишана и во Евангелието според Матеј 2:18.

 

 

 

Плачот на Рахела, колежот на Витлеемските новороденчиња / извор: Средновековна Македонија: Историја на уметноста

 

 

 

Како поуникатни иконографски решенија од црквата може да се одвои и претставата на на мртвиот Христос во проскомидијата. На западната фасада е насликана коњаничка претстава на патронот на храмот Св. Димитрија во полна воена опрема.

Фрескоживописот во црквата создаден од непознат зограф и неговото ателје се карактеризира со: театрална драматичност и интензивна динамичка резонанција, нервозна игра на линиите, инвазивна пластичност на формите итн. Забележливи се определени разлики во изведбата на сцените од повисоките зони на фрескоживописот и оние насликани во пониските зони на фрескоансамблот.

 

 

 

Проскомидија, Мртвиот Христос / извор: Средновековна Македонија: Историја на уметноста

 

 

 

Во 1389 година на јужната фасада на црквата била насликана уште една ктиторска композиција, која ја сочинуваат кралот Марко и кралот Волкашин. Во рамки на композицијата кралот Марко е претставен од левата страна, додека кралот Волкашин е од десната, двајцата се фронтално насликани. Мошне е интересна претставата на старозаветниот рог исполнет со светиот елеј на помазанието во десната рака на кралот Марко, овој елемент е инспириран од псалмот 88. Според В. Ј. Ѓуриќ, кралот Марко е претставен како „вториот Давид“.

 

 

 

Ктиторска композиција на јужната фасада / фото:  Владимир Таневски

 

 

 

Внатрешна ктиторска композија

 

 

 

Марковиот манастир со неговата уметничка, културна и духовна моќ бил инспирација на великанот Блаже Конески да ја напише песната „Марковиот манастир“.

 

 

 

 

 

 

Цртеж Жарко Татиќ