Детска градинка БИСЕР АРМ / PROXY
04.04.2023 • XXI век
Локација: Општина Аеродром, Скопје
Автори: Мартина Блажевска, Зоран Петровски, Лидија Мицковска, Срна Манасиевска, Ана Капсарова, Никола Кунгуловски
Година: 2022
Студио: PROXY
Награда: II место
Текстуално образложение:
Новата градинка е лоцирана во општина Аеродром, веднаш до комплексот Sky City, и како таква, треба да одговори на зголемените социјални потреби предизвикани од континуираниот раст на резиденцијалната густина на општината.
Развиениот концепт претставува архитектонски асемблаж произлезен како резултат на просторно-програмските барања и архитектонско-урбанистичката анализа на контекстот на локацијата. Предизвикот на неправилната геометриска форма на парцелата е решен со позиционирање на волуменот на источната страна на парцелата, кон јавниот сегмент од нејзиниот периметар, дефинирајќи уличен фронт, и со тоа, формирање на простран, заштитен и безбеден двор на западната страна, повлечен кон внатрешноста на урбаниот блок.
Со цел да се постигне програмско зонирање, функционална дистинкција и лесна пристапност на целокупната содржина, архитектонската композиција е поделена на два независни волумени кои се поставени тангенцијално еден во однос на друг, оддалечувајќи се кон краевите со што формираат отворени меѓупростори на северната и јужната страна од волуменот: пристапно пацио на јужната и приватна цветна и овошна градина на северната страна.
Во вака поделената архитектонска форма, западното крило ја вдомува примарната програмска целина поврзана со престој на децата, додека пак во источното крило е сместена зоната за престој на најмладите корисници на објектот (јасли), административниот сектор и сервисните содржини. Типолошки, двете крила се решени со централен коридор и двострано нижење на поединечните простории. Секоја рекреативно-едукативна единица е составена од влезен простор, гардеробер, тоалети, отворени мијалници и занимална.
Целокупната програмска содржина на градинката е решена на приземно ниво, единствен исклучок се галериските простории во секоја од занималните ориентирани кон западниот двор, со што се креираат приватни катчиња за спиење, ослободувајќи ја површината на занималната за динамични активности.
Главниот пристап на градинката е предвиден од јужната страна, дефиниран и нагласен со просторното вовлекување измеѓу двата функционални краци, формирајќи повикувачки меѓупростор кој што води до централно-поставениот мултифункционален хол. Отвореноста и транспарентноста на овој простор, од сите четири страни, како и можноста за целосно отворање и обединување со северната градина во една целина го претвора во атрактивна платформа за сите групни активности во рамки на градинката.
Примарниот пристап до јаслите (преку засебна тријажа) и пристапот до административната зона се наоѓаат на источната страна на објектот, додека на северната е техничкиот влез.
Главниот двор на градинката, кој ја опфаќа западната страна од парцелата, пејзажно уреден и предвиден како отворена зелена површина оградена со високо зеленило и опремена со специјализирани зони за игра, е предвиден да ги задоволи рекреативно-едукативните активности на отворено.
Сообраќајните пристапи се решени согласно функционалното зонирање на програмата. На северо-источниот агол на парцелата е предвиден паркинг простор за вработените, во чиј состав е предвиден и сервисен пристап за дотур на храна директно поврзан со магацинот на кујната, како и посебен технички влез, додека на јужната страна, е планиран паркинг простор за родители.
Конструктивно, објектот е решен со армирано-бетонска скелетна конструкција и темели самци. Врз напречните бетонски греди, се поставени челични кровни решетки кои што конструктивно ја овозможуваат динамичната и органска форма на кровот.
Со цел да се постигне воедначена и комплементарна фасадна површина, фасадната обработка е предвидена од вентилирачки композитен панел и термоизолација од камена волна, додека завршната обработка на кровната површина е предвидена од фалцуван лим на соодветна подконструкција и изолација.
Со цел обезбедување на енергетската ефикасност на објектот, на кровните површини се поставени фото-волтаични соларни панели на површина од околу 270 m2, кои би го снабдиле објектот со потребната енергија од приближно 85 MWh/годишно, односно над 80% од вкупната енергетска потрошувачка на градинката.
Површината на градежната парцела изнесува 8300m2, додека предвидената површина за градба според ДУП изнесува 4872m2. Согласно овие параметри, ново-предвидениот објект зафаќа вкупно бруто изградена површина од 2370.68m2 и вкупна нето изградена површина од 2188.15m2.
Автор на статија: Filip Koneski
PROXY / Аеродром / Бисер / градинка / Конкурсен труд / Никола Кунгуловски / Скопје