Димитар Симоновски / 1927-1987

Фотографии: marh.mk; makpetrol.com.mk

Извори: Градителите во Македонија XVIII-XX век - Георги константиновски

Кратка биографија и достигнувања релевантни за развојот и афирмацијата на проектирањето на архитект Димитар симоновски.

Архитект Димитар Симоновски е роден на 13.09.1927 во Скопје, а починува на 20.05.1987 исто така во Скопје. Неговиот опус на работа е од исклучително значење во областа на архитектонското проектирање. Посебно внимание оддавал кон проектирање на станбените објекти и проблематиката на станбената изградба и изградбата на централниот дел на Скопје.

 

 

Образование и работно искуство

Дипломирал на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград во 1954  година на тема од областа на архитектонското проектирање кај проф. Милан Злоковиќ.

По дипломирањето се вработил во  РО „Македонијапроект“, каде што работел до 1968 година, а потоа се вработил во ГП „Пелагонија“ во секотрот за странство од каде што бил испратен на изведба на објекти во Либија (1969) и Ирак (1970). По враќањето од Ирак продолжил да работи во ГП „Пелагонија“ како надзорен орган на изведбата во повеќе градови во земјата до крајот на својот живот (1987).

Се јавува како архитект со плодо и разновидно творештво.

Зел учество на I конгрес на архитектите на Југославија во Белград во 1958 година со рефератот: “Проблематиката на станбената изградба во Македонија и изградбата на централниот дел на Скопје“.

За својата успешна работа на полето на архитектонското проектирање и изведбата добил повеќе признанија.

 

Административна зграда на Макпетрол / © makpetrol.com.mk
Административна зграда на Макпетрол / © makpetrol.com.mk

Како проектант во „Македонијапроект“ во периодот од 1954 до 1968 година изработил над 60 проекти од кои позначајни се:

  • Станбена зграда во Куманово;
  • Осмолетка во Кисела Вода во Скопје;
  • Станбениот блок на ул. „Македонија“ (П+5) во Скопје;
  • Административно-станбениот објект за „Технометал“ во Скопје;
  • Административната зграда на „Македонијапроект“ во Скопје;
  • Станбената зграда на „Железничар“ на ул. „Иво Рибар Лола“ во Скопје;
  • Станбениот блок (П+М+3) со станбената кула (П+9) на ул. „Вељко Влаховиќ“ во Скопје;
  • Станбениот блок (П+М+4) на ул. „Македонија“ во Скопје;
  • Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје;
  • Административната зграда на „Макпетрол“ во Скопје;
  • Станбена зграда на бул. „Св. Климент Охридски“ во Скопје;
  • Стоковната куќа „Куманово“ во Куманово;
  • Родилниот дом во Скопје;
  • Магацинот за „Реплек“ во Скопје;
  • Станбен објект во Тетово (1965);
  • Осмолетката „29 Ноември“ во Скопје;
  • Радиолошкиот институт за дијагностика во Скопје (1965/66);
  • Административниот објект на „Агромеханика“ во Скопје;
  • Амбулантите во населбите „Козле“, „Бутел I“ и „Бутел II“ во Скопје;
  • Школските установи за дневен престој во Ѓорче Петров и во населбите „Козле“, „Бутел I“ и „Бутел II“ во Скопје;
  • Училишните објекти за населбите „Козле“, „Бутел I“, „Бутел II“ и „Саат Кула“ во Скопје.

 

 

Влезен хол со шалтери на Радиолошки институт за дијагностика / © marh.mk
Влезна партија на Радиолошки институт за дијагностика / © marh.mk
Основа на приземје на Радиолошки институт за дијагностика / © marh.mk