Покана на презентација на „добри градски практики“

Почитувани,
Со особено задоволство ве каниме да присуствувате на првата презентација од сесијата „Добри градски практики“ на гостите од градот Атина, кои ќе ги изложат резултатите и успехот на иновативната социјална платформа – СинАтина (synAthina). Настанот е во организација на Скопската жива градска лабораторија (SkULL), Градот Скопје и Архитектонскиот факултет при УКИМ, и е дел од ROCK проектот кој е финансиран од Европската Унија во рамките на програмата Хоризонт 2020.

Град Скопје, Архитектонски факултет УКИМ, ROCK….
SkULL – Скопска жива градска лабораторија

Покана на презентација на „добри градски практики“: иновативна социјална платформа синатина на градот атина

СинАтина е иницијатива на градот Атина која датира од јули 2013 година, лансирана во екот на грчката финансиска криза која влијаеше негативно особено врз животот во урбаните средини. Истовремено, кризата доведе и до зголемување на бројот на иницијативи на граѓанското општество за изнаоѓање на решенија на урбаните проблеми. Тогаш, Канцеларијата на градоначакникот ја создаде synAthina, онлајн платформа за социјални иновации со цел за поврзување на членовите на заедницата со нивната локална самоуправа и политичките лидери, односно виртуелна платформа која ќе им овозможи на различните групи да се поврзат и да ги споделат своите ресурси и активностите.


Дигиталната платформа СинАтина овозможува најразличните активности да бидат идентификувани, споделени и промовирани. Таа е заеднички простор кој ги обединува граѓанските групи и иницијативите за подобрување на квалитетот на животот во градот и преку кој граѓаните и групите поднесуваат идеи со социјално влијание. Платформата прави мапирање на групите и активностите во градот, а веб-страницата на synAthina нуди онлајн алатка која ги поврзува активностите на граѓаните со сите други заинтересирани страни, како спонзори, волонтери, бизнис заедници и центри на знаење кои можат да понудат поддршка. Со тоа што платформата врши евалуација на активностите на граѓаните и ги препознава најдобрите практики, СинАтина континуирано ја информира градската администрација за приоритетите на граѓаните , а преку поддршката на активностите на граѓаните, Градот Атина создава нова перцепција за односот помеѓу граѓанското општество и локалната власт.


СинАтина, стана еден од петте европски добитници на наградата на Блумберг за избор на градоначалнички предизвик (Bloomberg Mayors Challenge Award) и доби голема финансиска поддршка. Во моментов раководена од канцеларијата на заменик-градоначалникот за граѓанско општество и иновации, synAthina веќе бележи 2.263 активности од 277 групи регистрирани како активни членови. Овие активности се движат од оперативни народни кујни до организирање на алтернативни туристички тури; создавање џебни паркови; лансирање кампањи за анти-графити; но и активности за заштита на уличната уметност и пронаоѓање решенија за ревитализација и ре-употреба на девастирани, напуштени градски простори и објекти, каков што беше пазарот Кипсели, кој како модел за ревитализација беше користен за дефинирање на алтернативни намени на други напуштени јавни згради.


Со надеж дека ќе ја прифатите нашата покана, Ве очекуваме во вторник, 11.06.2019 во 13 часот, во просториите на Скопската жива градска лабораторија што се наоѓаат во Европската улица бр.11


Срдечно,
SkULL – Скопска жива градска лабораторија

Автор на статија: