Дворчето на #ГТЦ!

Фотографии: град Скопје и Архива

Во петокот после официјалното отворање на дворчето на #ГТЦ отидов да го посетам. Сретнав луѓе, пријатели што решиле да видат кое е тоа дворче што го нарекуваат нов #ЈАВЕН ПРОСТОР.

Повеќето посетители кои ги сретнав на местово беа луѓе кои како и секој просечен „граѓанин”на оваа наша државичка на свој начин си замислува и коментира гласно на тема дали му се свиЏа или му се не свиЏа новото дворче!

 

 

Во текот на изведбата на градежните активности на местото постоеше информативна табла на која пишуваше информации за учесниците на оваа фамозна идеја за разлепшавање на местото, и научно разладување на 1800м2 јавна површина. Ја пишуваше сумата на чинење на реализацијата, како и опис дека се работи за хортикултурно уредување на тераса од 1800 м2!

 

 

За да ја разладат оваа површина на #ГТЦ им требаше нешто помалку од една година. А идејата за обликувањето(дизајнот) на терасата неверувам дека ја размислиле повеќе од седум работни дена (го исклучувам изборот на садниците како потрошено време)

 

 

Инаку зградата на #ГТЦ во периодот кога е реализирана(1969-1972) изградено било околу 110.000 м2 (во тој период) за нешто повеќе од три години. Тоа значи дека годишто реализирале по околу 35.000м2. Тоа е само затоа што претходно долго анализирале, проектирале, размислувале (временски исто колку што граделе). Нацртале и промислиле проект за изградба на #ГТЦ каков што неверувам дека ќе среднам пак во мојов животен век. Проектирале на хартија (не како последниве десет години на лице место), па после тоа немале дилеми дали треба да се гради кафана во дворчето или не.

 

 

Ама кој да разбере што значи добар проект(размислен, платен… ), а што значи да реализиараш според елеаборат за поставување на урбана опрема, како што беше во случајов со дворчето.

 

 

Во дворчето има предвидено сосема погрешни содржини (а тоа е суштината), изобилува од форми(досега невидени) на парапетни ѕидчиња кои се судираат едни со други на погрешни места. Непотребно тесни сокаци за разминување. Ова е место кое е проектирано само во „основа”. Ја нема ни оддалеку ширината на #ГТЦ! Употребиле материјали, што да кажам! Плочки со фуга и без фуга во „месо” боја. Шарени мермероплочки на сите страни. На тревата фрлени огромни плочки глумат зебри по трева. Се тоа у задњи час, да ги спасат нелогичностите на местото. Страшно!
Овој текст нема за цел да ја урниса големата желба на еден или двајца луѓе вклучени во проектов, има за цел да заклучи дека нема политички поени за три месеци. За да се изгради нешто како што треба, треба вмеме. Треба вре-ме за проектирање исто колку и за изведба, реализација.
Се прашувам два дена ЗОШТО НЕ поставија садници какви што се и сега(размислени, избрани како што треба) избран еден постоечки сегмент од ГТЦ-клупа (една, не 5 типа) +зеленило, го мултиплицираат пакетот на терасата од 1800 м2 дваесет пати и завршена работа. И така нема проект, нека нема ни обид за дизајн (ако воопшто оваа импровизација може да се каже дека е обид за дизајн).

 

 

Посакуван резултат за #ЈАВЕН ПРОСТОР на оваа зграда е ЗЕЛЕНИЛО+КЛУПИ ЗА СЕДЕЊЕ+СООДВЕТНИ СОДРЖИНИ. И вода ако треба за разладување, ама никако во форма на фонтана од сипорекс-малтерисана, па расплочкарена одозгора! Еден материјал, соодветен. Се прашувам ЗОШТО ИМА 50 типови на материјали!? Целата зграда на #ГТЦ има помалку употребени материјали одколку дворчето!
Сите знаеме во каква „кондиција” е зградата на #ГТЦ, не би објаснувал за појавноста на зградата и нејзиното значење во поширок контекст, и што се треба да се поправи на зградата. Има многу работи, години треба да се поправа за да се доведе во функционална состојба каква вистински заслужува оваа зграда.

Таа зграда си има свои лични, скопски карактеристики за кои сум пишувал и порано. А секако се карактеризираат со апсолутна прочистеност во обликувањето, не е воопшто зграда која се обидува да биде допадлива на корисниците кои ја посетуваат. Со исклучок на пар детали.
Во една од монографиите за гтц(ги има неколку) пишува дека Градскиот трговски центар е мултифункционален објект од пошироко значење, со сигурна перспектива за натамошен незапирлив растеж!!!
Дефинитивно ова дворче не е „раст”на зградата. Можеше да ја направат оваа ситуација многу поедноставна за далеку помалку пари! Во градов недостасува #СЛОБОДЕН ПРОСТОР што ќе се користи за било што. Не му треба изградени површини со дефинирани намени. Колку и да се тие „генијални”!

Дејан Ивановски-архитект