Екологии на градот / Работилница за оживување на MKЦ
29.05.2019 • Информации Истражување
Фото: Evdokia Nikolova Liere
Извор: Скопје креатива, Локомотива
Архитектонскиот сегмент од фестивалот „Скопје Kреатива 2019“ има цел да го промисли терминот екологија преку серија дискусии, предавања, работилници и симулации. Темата екологија ја адресира како поширок проект кој ја зема предвид меѓусебната релација на екологијата и урбанизацијата на многу нивоа – урбани и природни чинители и нивната релација со физичкиот контекст како вмрежена целина на хетерогени ентитети.
Трите екологии (животната средина, социјалните релации и човечката субјективност) поставени од Феликс Гатари претставуваат алатки, модели и сензибилитет на градскиот контекст. Овие елементи се симулирани во конкретен простор – МКЦ паркот, преку пронаоѓање на капацитетите на местото, а создавајќи подлога/инфраструктура за нивно зајакнување и вмрежување. Потенцијалите на МКЦ паркот беа истражени во форма на работилница преку програмско-продукциска и урбанистичко-архитектонска елаборација и прикажани во форма на тело, односно структура која има формален јазик соодветен на контекстот. Ова тело треба да претставува генератор на очекувани и неочекувани процеси во релација со Младинскиот културен центар, како и настани кои се комплетно автономни.
Оваа тема претставува особен предизвик во моменти кога термините екологија и град се максимално поедноставени во секојдневниот дискурс. Токму меѓусебната релација помеѓу општеството во кое живееме и екосистемот кој го населуваме како три различни размери на екологија кои се поврзани преку серија процеси претставува основа во однос на начинот на кој градиме објекти и градови.
Работилница – оживување на парк МКЦ
Програмата за архитектура на „Скопје Креатива 2019” започна со реализација на дводневна работилница за истражување на потенцијалите на паркот на Младински културен центар и осмислување на решение за негово оживување преку изработка на архитектoнско тело (приклучок) кое ќе ги зајакнува и вмрежува капацитетите на местото.
Ментори на работилницата, воедно и уредници на програмата за архитектура беа: Дејан Ивановски, Максим Наумовски и Игор Вецовски. Работилницата се реализираше со учество на 14 студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје од Факултетот за драмски уметности и Архитектонскиот факултет и од Универзитетот „Американ Колеџ” од Скопје од Архитектонскиот факултет.
Во контекст на реализираното, на 1ви јуни во паркот позади Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се случи отворањето на објектот во 19:00 часот. Во 19:30 ќе се случи предавање Предавање на Никола Руси, основач на „Лабораторио перманенте“, вонреден професор по архитектура и урбана композиција на Политехничкиот факултет во Торино од 2016 година, како и член на Извршниот одбор на АНЦСА, Националното здружение на историски и уметнички центри.
Неговите неодамнешни меѓународни активности ја вклучуваат и првата награда на натпреварот „Конкорсо Фарини“ (2019), учеството на 14-тата и 16-тата Архитектонска изложба на Венециското биенале, Почесно признание за Златниот медал за италијанска архитектура (2012) и за истражувањето спроведено со Кралскиот архитектонски институт на Ирска за проектирањето на историскиот центар во Даблин (2011). Од 2008 до 2009 година бил проектен консултант при Канцеларијата за технички урбанизам на општина Милано за новиот урбанистички план на градот.
Апстракт на предавањето
Во момент на драматична преобразба на животната средина и постојана економска неизвесност, предлогот на „Климатските агенти“ за регенерација на два напуштени железнички дворови на северната и јужна периферија на Милано ја сврти перспективата на тековниот економски развој во обратна насока и предлага два нови еколошки уреди. Едниот е зелен – долга линеарна шума на Скало Фарини со способност да ги разладува и прочистува топлите ветришта што доаѓаат од југозападот; а другиот е син – долг линеарен систем за прочистување на водата во Сан Кристофоро. Во овој нов систем на вредности, јавниот простор – вклучително и водата, зеленилото и мостовите – е фиксен, а зградите се остаточни и несигурни.
Во Фарини, урбаната мрежа на одгледуваното зеленило и јавните простори ги дефинира односите на континуитет со околниот контекст и на тој начин стекнува отпорност кон економскиот развој на градот, учејќи од својот развој.
Сан Кристофоро станува заеднички простор во велеградската средина и за човечките и за нечовечките заедници.
Автор на статија: Filip Koneski
Дејан Ивановски / Игор Вецовски. / Максим Наумовски / МКЦ / Младински културен центар / Никола Руси / Парк / Скопје Kреатива 2019