Неизвесна иднината на Шалтер салата на Централна Пошта

Фотографии: Драган Митрески - Слободен печат

Насловно фото: Филип Михајлов

Некогашната Шалтер сала на ПТТ од архитект Јанко Константинов 1973 година, денес се наоѓа во неизвесна состојба и после речиси 8 години откако се случи катастрофалниот пожар во 2013 година без никакви активности за нејзина ревитализација. Објектот се најде на листата на 12 најзагрозени споменици во Европа во конкуренција на околу 300 апликации од цела Европа, во рамки на програмата 7-те најзагрозени за 2021 година, проект организиран од Европа Ностра и од Институт на Европска Инвестициска Банка. Номинацијата на објектот на централната пошта била поднесена од Институтот за истражување на животната средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ), а поддржана од АД Пошти и Министерството за култура.

Шалтер салата претставува еден симбол на постземјотресно Скопје, еден од најсветлите светски примери за модернизмот. Овој објект е многукратно наградуван и признаен не само кај нас туку и надвор од границите на нашата држава. Бил дел од многу домашни изложби и со години се изучувал на Архитектонскиот факултет при УКИМ, правејќи истражувања за негова ревитализација. Во 2018 година беше изложен во рамките на изложбата „Кон бетонска утопија: Архитектурата во Југославија 1948-1980“ во њујоршката МоМА ( Музеј на модерната уметност). Исто така кадри од овој објект се прикажани во документарец на BBC, насловен како „Bunkers Brutalism and Bloodymindedness Cоncrete Poetry“.

 

Фото: Драган Митрески – Слободен печат

 

„Во развојот на културата на една земја, архитектурата игра една од главните улоги. Таа секојдневно им покажува на граѓаните на еден народ или на посетителите од страна, за неговиот дух и величина. Сепак, се што се гради не е архитектура, тоа е уметничко остварување кое останува за долг период да му се возхитуваат генерациите кои доаѓаат.“ – авторите за Шалтер салата

На 17.12.2020 беше реализирана средба помеѓу г-дин Јани Макрадули, директор на А.Д. “Пошта на С.Македонија“ од една и арх. Мишко Ралев, претседател на ААМ и арх. Александар Радевски, потпретседател на ААМ од друга страна. Беше договорено воспоставување долгорочна стручна соработка помеѓу ААМ и АД “Пошта на С.Македонија“, во процесите на дефинирање на статусот и третманот на Шалтер Салата во рамки на зградата на Централната Пошта во Скопје.

 

Фото: Драган Митрески – Слободен печат

 

„Една од краткорочните мерки ќе биде и поставување привремен покрив за да се спречи натамошното уништување на објектот. Освен тоа, предвидено е функционално преиспитување на просторните можности преку спроведување јавни дискуси и дебати.“ – Јани Макрадули, директор на А.Д. “Пошта на С.Македонија“

 

Фото: Драган Митрески – Слободен печат

 

Соопштението на ААМ гласи:

Како резултат на повикот на Управата на АД “Пошта на С.Македонија“ за вклучување на стручната јавност во општествена акција за обновување и повторно заживување на зградата на Централна пошта во Скопје и прифатената иницијатива од страна на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), денес беше реализирана средба помеѓу г-дин Јани Макрадули, Директор на А.Д. “Пошта на С.Македонија“ од една и арх. Мишко Ралев, Претседател на ААМ и арх. Александар Радевски, Потпретседател на ААМ од друга страна. Во атмосфера на обиколка на оштетената Шалтер Сала, беше договорено воспоставување долгорочна стручна соработка помеѓу ААМ и АД “Пошта на С.Македонија“, во процесите на дефинирање на статусот и третманот на Шалтер Салата во рамки на зградата на Централната Пошта во Скопје.

Асоцијацијата на Архитекти на Македонија, која според Статутот, може и има право на „Учество во стручни и јавни расправи, давање експертизи и рецензии за проекти од областа на архитектурата, урбанизмот, просторното планирање, културата и културното наследство“, стои зад иницијативата на А.Д. “Пошта на С.Македонија“ во правец и со идеа трајно да се реши статусот на Шалтер Салата во рамки на зградата Централната Пошта во Скопје. За ААМ, овој објект има огромно архитектонско, историско и урбано значење за Градот Скопје и државата. Од таа гледна точка, Асоцијацијата ќе ги стави на располагање своите човечки и стручни ресурси за поддршка на сите идни чекори со кои Шалтер Салата ќе добие соодветен законски статус, ќе биде уреден начинот и можностите за нејзино управување и одржување во техничка, архитектонска и уметничка смисла, како и ќе бидат уредени механизмите за контрола во управувањето со овој објект.

“Земајќи предвид дека нашата држава поседува ограничен градежен фонд, а уште помал е бојот на објекти третирани како архитектонско наследство – дел од целокупното културно наследство кај нас, потребата од изнаоѓање долгорочно решение за статусот на Шалтер Салата во зградата на Централната Пошта во Скопје е неопходна. Токму затоа, ААМ се одгласи на повикот на А.Д. “Пошта на С.Македонија“ и е подготвена да даде придонес во својот домен на работа кон посветеноста на Менаџментот на А.Д. “Пошта на С.Македонија“ кон третманот на Шалтер Салата.“ – изјави арх. Мишко Ралев, претседател на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија.

 

* Фотографиите во текстот се приложени со дозвола од редакцијата на Слободен Печат за користење на истите.