„Загрозени видови“ / Ивановски, Десков, Ивановска Дескова

Автори: Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков

Година: 2018

Фотографии: Васе Аманито

На 30.11.2018 г. во 20 часот, во просториите на Природонаучниот музеј на Македонија  се отвори архитектонската изложба „Загрозени видови“, резултат на истоимениот истражувачки проект на авторите Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков.

Истражувачкиот проект „Загрозени видови“ своето внимание го насочува врз избор на значајни градби од поновата архитектонска историја на Скопје, кои претставуваат архитектонско наследство и на различен начин и во различен обем соучествуваат (а дел од нив се и клучни) во обликувањето на современиот архитектонски идентитет на градот.

Овие градби, изградени пред повеќе од половина век, денес опстојуваат во сложени услови, загрозени од своите внатрешни слабости, природното стареење на структурата и материјалите, програмската надминатост, но и политичките и идеолошки промени, јавното непрепознавање и сл. Преку изборот на карактеристични архитектонски „примероци“, истражувањето има за цел да укаже на вредностите на овие градби и на нивната состојба, на степенот на загрозеност и главните причини кои водат до него.

Поставувајќи ја изложбата во еден простор нетипичен за архитектонски поставки, авторскиот тим прави широка аналогија со полето на природните науки, преземајќи термин кој главно се користи при дефинирање на состојбата на биолошките видови. Иако на прв поглед се чини дека не постои преклоп помеѓу двете дисциплини, помеѓу загрозените архитектонски и биолошки видови, истражувањето препознава бројни суптилни релации кои би можеле да се употребат во градење на методологија за препознавање и класификација на „загрозените“ архитектонски видови од периодот на Модерната. Од друга страна, преку самата архитектонска поставка авторскиот тим има за цел да ја посети јавноста на уште еден, помалку заборавен, но вреден архитектонски атефакт – самата зграда и вредната збирка наоди на Природонаучниот музеј на Македонија.

Обединувајќи во себе знаења од различни области и цврсто стоејќи на позицијата дека знаењето, во својата највисока форма, излегува вон доменот на секоја поединечна дисциплина и подразбира нови врски помеѓу нив, истражувачкиот проект „Загрозени видови“ може да се сфати како еден вид на „експериментална заштита“ – делување кое се наоѓа на работ на она што може да се смета за востановена методологија и практика во рамки на заштитата. Со истражувачкиот проект и изложбената поставка „Загрозени видови“ авторите се обраќаат подеднакво кон стручната, но и кон пошироката јавност, со цел да ја нагласат потребата од отварање на прашањето за опстанокот на вредните градби од периодот на Модерната, како и прашањето за нивниот натамошен третман.

Авторите