Фински Бараки / 11 Октомври

Финските бараки, се еден силен симбол на постземјотресно Скопје, во периодот на брза обнова и изградба на живеалишта за оние кои го изгубија домот во катастрофалниот земјотрес во 1963та година.

 

 

Впечатливи по својот изглед, ве шармираат со духот на планинска куќа. Тоа се монтажни куќи, кои биле донација од Финска за Скопје, и кои сеуште можеме да ги сретнеме по градските населби.

Во денешната објава пренесуваме фотогалерија од бараки кои сеуште постојат во населбата 11 Октомври во Кисела Вода. Некои од нив се рефасадирани, но нивниот функционален костур е задржан.

 

 

Некои од позначајните карактеристики се: двоводниот кров, влезниот отворен трем, големите прозорци во дневниот простор, накосени хоризонтални дрвени штици на фасадата, масивна дрвена влезна врата  и внатрешна бела столарија со  мали метални кваки.

 

Функционална шема на Финска барака / ул. Лазар Димитров

 

Објектите се најчесто слободностоечки, но постојат и во низа, како и варијации со доградба на полуниво и плитко гаражирање под станбениот простор.

Секогаш се пристапува преку неколку скалници, по кои доаѓате на тремската тераса. Од тука кон внатрешноста следи малиот ходник и големата дневна соба, од која се влегува кон сите останати функции – кујната, бањата, детската соба и спалната соба.

 

 

Финските бараки го издржаа тестот на времето, сведочејќи за еден убав и тивок малски скопски живот, во ниски куќи  со рационални димензии, со двориште оградено со жива ограда каде не се плашите од својот сосед туку напротив делите заедно и за добро и за лошо.

Многу работи се променија од тогаш…

 

Фотографии: Филип Конески , Google street view

 

ПРЕ-ФАБРИКАТИ – Растечките куќи на Скопје