ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА БЕСПРАВНО ИЗГРАДЕНИ ОБЈЕКТИ – ЗАВРШУВАЊЕ НА ИСТОРИСКИ ПРОЦЕС ИЛИ ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА БЕСКРАЈНАТА ПРИКАЗНА

На 23ти март, во просториите на EUROPE HOUSE во Скопје, во организација на Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. се оддржа форумот „ ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА БЕСПРАВНО ИЗГРАДЕНИ ОБЈЕКТИ – ЗАВРШУВАЊЕ НА ИСТОРИСКИ ПРОЦЕС ИЛИ ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА БЕСКРАЈНАТА ПРИКАЗНА“.

Форумот се оддржа во рамките на проектот „Поддршка на изборни реформи” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).

На форумот присуствуваа претставници на Асоцијацијата на архитекти, Kомората на овластени инжeнери и архитекти, Архитектонски факултет при УКИМ, Факултет за архитектура и дизајн при УАКС, претставник на МАРХ, граѓански организации и активисти, како и граѓани од Општина Кисела Вода.

Ана Петровска, просторна планерка, ја презентираше законската рамка за утврдување на статусот на бесправно изградените објекти и нејзиното спроведување, додека Милка Докузова,  од Хумани градови, зборуваше за статусот на легализација на бесправно изградените објекти во Општина Кисела Вода чие образложение беше поткрепено со истражување на граѓанското мислење и искуства:

* 82,5% од анкетираните граѓани немаат доверба во институциите

* 92% сметаат дека не треба да постои можност за легализација на бесправно изградени објекти, односно инсистираат бесправното градење да биде третирано како кривично дело и соодветно санкционирано.

* И покрај тоа, 75% од испитаниците никогаш не пријавиле дивоградба, а како причини навеле „недоверба во институциите“, „неможност за проверка на тоа дали објектот е дивоградба“ и „не ја знам постапката“ односно „не знам каде да пријавам“.

* Во последните 3 години, Општина Кисела Вода постапувала по 2.505 претходно доставени барања за легализација на бесправно изградени објекти и ги одобрила сите, односно не издала ниту едно решение за уривање.

* Општина Кисела Вода досега не донела одлука за утврдување на границите на потенцијално нестабилни зони, и покрај тоа што во ЛЕАП за Општината (2016-2021) е утврдено дека земјиштето во населбите Припор, Усје и Пинтија е подложно на ерозија и лизгање.

* Понатаму, постои огромна разлика во јавно достапните податоци на веб-страницата на Државниот завод за статистика во однос на бројот на бесправно изградени објекти на територија на Општина Кисела Вода за периодот од 2009 до 2021 година (327 дивоградби), споредено со бројот на барања за легализација кои пристигнале до Општина Кисела Вода во периодот од 2011 до 2019 година (14.958 барања).

По презентациите следеше дискусија во која се вклучија повеќето присутни, преку сопствени лични искуства и проблеми како и искуствата на професијата претставена од архитектите, урбанистите и планерите.

За конечно да се спречи натамошното бесправно градење, беа донесени следните заклучоци:
  • Да се воспостави просторна база на податоци (сателитски снимки од 2011 година со фактичка состојба на изграденост на терен, како и означени легализирани/одбиени и бесправно изградени објекти во постапка за легализација) што ќе овозможи да се повлече црвена линија за понатамошно бесправно градење;
  • Да се изработи национален регистар на бесправно изградени објекти и стратегија за легализација со која:

а) Ќе се овозможи да се легализираат куќите изградени од сиромашно население

б) Сите останати објекти ќе се урнат или национализираат и по потреба ќе се пренаменат во јавни објекти или социјални установи;

  • Државната комисија за спречување на корупција да поттикне и организира воведување отворени линии за пријавување корупција во областа на убанистичкото планирање, издавање дозволи за градби, инспекциски надзор или легализација на дивоградби;
  • Нула толеранција за прекршувањето на законите од страна на граѓаните, но особено од страна на надлежните институции
  • Граѓаните да се едуцираат во однос на законите за градење и околу откривање и пријавување дивоградби.