Големата годишна награда за 2021 година оди за тимот проектанти на „Градинката во Волково“

Вчера, на  24.12.2021 година, во 19 часот во Музејот на Град Скопје, се случи доделувањето на Големата награда за архитектура, од страна на Асоцијацијата на архитекти на Македонија под покровителство на Претседателот на Републиката. Наградата се доделува за најуспешно реализирано дело во календарската година.  Како поддржувачи на наградата се јавува и Македонската авторска агенција.

 

 

 

За 2021 година е награден објектот „Градинка во Волково“. Автор на идејното решение е архитектот Филип Конески,  додека во разработката на основниот проект како коавтор му се придружува м-р Даница Спасевска и м-р Анета Мартулкова во улога на соработник. Тимот е дел од проектантското биро на Прима Инженеринг.

Меѓудругото, во име на проектантите Конески истакна: 

„Почитуван претседател на Р. Македонија, Почитуван претседател на ААМ, почитувани членови, колеги и присутни. Ви се заблагодарувам на присуството и честа што ни ја укажавте со оваа награда. Во овие сеуште турболентни времиња за македонската архитектура, ова значи поттик и признание кое крепи да се истрае и понатаму во професионалниот развој.

За реализацијата на овој објект претходеа моменти кои беа предуслов. Тука морам да се заблагодарам на Управителството на Прима Инженеринг кое ни ја довери оваа задача, сите вклучени фази и соработници, но и решителноста на инвеститорот за овој проект, Општината Ѓорче Петров да се заложи пред министерството и кредиторите да се реализира градинката во Волково.

Како и се во македонското општество и овој проект имаше сопствени искушенија и компромиси на патот. Сепак би рекол дека се истраи колку дозволуваа условите, да се задржи оригиналниот архитектонски идентитет и достоинство. Проектантскиот процес беше вистинско уживање.

Во пресрет на Новата година би посакал архитектите да се изборат за своето достоинство, а властите да ја разберат битноста на нашата професија при носењето на важните одлуки кои го обликуваат градот и државата. Посакувам многу успешни реализации на сите колеги во следната година. Ви благодарам уште еднаш, секое добро!“

 

 

Местоположбата на градинката се наоѓа на маргините на Волково, на возвишување од каде се отвора поглед кон населбата и градот. Објектот е поставен на терен во пад, развивајќи се од горе кон доле преку приземје и сутерен.

 

 

Обликовно претставува кружен прстен со централен атриум, на кој се надоврзува пасажно скалиште кон долната кота на терен. Внатрешните функции се организирани во концентрично поставени простории, ориентирани кон надворешните погледи. Тие меѓу себе комуницираат преку ободниот коридор околу внатрешното двориште. Економските простории се проектирани во сутеренот, додека околу целиот објект се развива внатрешна патека со двојна улога на сообраќајница.  Градинката е во завршна прва фаза, додека во втората фаза во иднина се планира изведба на кровна градина. До неа се пристапува преку скалите од атриумот и лифтот, со цел да се обезбеди достапност на децата со попреченост.  Вон објектот се развива голема зелена површина со детско игралиште.

 

 

По многу нешта објектот е специфичен за македонската пракса и претставува одреден чекор напред кон посмело размислување во проектантскиот процес за оваа типологија на објекти.

 

фото: Борис Јурмовски