Хусамедин-пашина џамија / Штип 16 век
22.12.2025 • XVI - XIX век Истражување
Хусамедин-пашина џамија, позната меѓу штипјани и како „црква Св. Илија“, е муслимански храм сместен во централниот дел на Штип, над Текстилното училиште, од каде се отвара прекрасна панорама на градот. Според историските извори, џамијата била изградена во втората половина на 16 век. Не е точно дефенирана годината на изградба на џамијата, но според пишаните податоци од турскиот патеписец Евлија Челеби и неговото дело „Патеписи“ тој ја споменува токму Хусамедин-пашината џамија кога ги набројува тогашните постојни џамии во градот Штип во 1662 година. Опишувајќи ја џамијата, тој јасно нагласува дека храмот има артистични црти, a минарето од темел е изградено од камен и покриено со олово. Уште постари податоци за постоењето на џамијата се наоѓаат во дефтерите за Ќустендилскиот Санџак од 1570 година, каде што во списокот на вакафи е вклучена и џамијата на покојниот Хусам-паша. Сепак, во подоцнежниот регистар за веќе споменатиот санџак од 1573 година е направена исправка за новоизградената света џамија на покојниот Хусамедин-паша.
Хусамедин-пашината џамија се наоѓа на ридот од левата страна на реката Отиња (денес, во близина на Клиничката болница во Штип). Џамијата е еднокатна зграда со квадратна плоча, чија проста и пропорционална структура се некои од нејзините восхитувачки карактеристики. Куполата е изработена од камени блокови и од варовник. Џамијата е изградена со големи фино вдлабнати блокови од жолтеникав камен, донесени на местото од околината на Жеглигово близу Куманово. На западната страна на џамијата се наоѓа осумаголното минаре. (Пеливанова, Пеливанов, Македонски архивист, 2023).
Стилските и архитектонските особености јасно покажуваат дека џамијата Хусамедин-паша е изградена кон крајот на класичната фаза на османската архитектура од почетокот на 16 век, кој го преставувал рановизантискиот стил на градење. Џамијата била вакаф, што значи дека пашата е дарител и целта на објектот е да биде слободно користен од сите муслимански верници.

По затворањето на џамијата во 1945 година, објектот во периодот 1953–1956 служел како галерија на Музејот во Штип, по што изгубил редовна функција. Во 2006 година, Владата го доделува објектот на Исламската верска заедница, која повторно го става во употреба, додека православните верници го одбележуваат празникот Свети Илија во дворот.
Локалното население има различни ставови за идната употреба на објектот, но, како споменик на културата, Хусамедин пашина џамија припаѓа и на државата и на верската заедница, што го прави објектот предмет на паралелни законски права.
Во моментов, објектот е во алармантна состојба. Покривната конструкција е оштетена, куполата нестабилна, а перманентната влага предизвикува рушење на делови од камените венци и блокови. Надворешната орнаментика полека исчезнува, а ризикот од дополнително оштетување е висок.

Заводот за заштита на спомениците на културата и Музејот во Штип започна со конзерваторски и реставраторски работи со цел целосна заштита и ревитализација на објектот. Проектот предвидува џамијата да се адаптира како културно-историска градба и да се користи како галерија и простор за културни настани, достапен за сите граѓани, со надеж дека ќе се зачуваат и афирмираат историските и духовните вредности на објектот.
Хусамедин пашина џамија претставува значаен дел од културното наследство на Штип и на Република Северна Македонија, симбол на историската толеранција и заедничко духовно наследство, кое заслужува внимателна заштита и одржување за идните генерации.
Извори: МАКЕДОНСКИ АРХИВИСТ Година XXVIII Број 33 – 34,
Коста Балабанов.
Фотографии се преземени од ФБ сајтот на Штипска Носталгија
Автор на статија: Мартин Ефремовски
Загрозено културно наследство / Истражување / фотогалерија / Хусамедин-пашината џамија / штип




