Игнорирањето убива! / Случај Кочани /
17.03.2025 • Став

Во вакво време на трагедија, кога се соочуваме со целата болка на загубата, со вистината дека се разделуваме од блиските, кога нацијата тагува, навистина е тешко да напишете било што без горчина и гнев. Говориме веќе деценија за метастазите на ова општество и негодуваме на неразбирливата летаргија на професионалците и јавноста за многу прашања.
Годините ни минуваат, ентузијазмот ни се намалува, исцрпени од многуте борби а малкуте плодови. Од каде и да започнеме да зборуваме за овој случај, од секој аспект ќе излезат многу пропусти и одговори со кои мора да се соочиме. Директните виновници- секако дека некој ќе ги посочи, но дали сме свесни колку индиректни виновници постојат во целиот сплет на дејствување, впрочем за сите проблеми во државата?!
Фотографијата е превземена од порталот SDK.mk (Фото: Ѓ. Личовски) >>>
1.Адаптација на објект
Идејата за пренамена на објекти и промена на нивната намена е нешто кое одамна функционира во светот, и нешто за кое се залагаме. Но ваквото делување со позитивните придобивки кои може да ги имаме од процесот, не може да направи да ги занемариме стандардите и потребите на новата функција која ја внесуваме. Впрочем тоа во суштина е целосно погрешно и го загрозува животот на многу луѓе. Како овој објект воопшто добил употребна дозвола е прашање на кое одговорот е очигледен.
Објектот не соодветствува за собири од ваков карактер. Со еден влез и излез со еднокрилна врата, со низок плафон и дрвена решетка над истиот, без план за евакуација, со употреба на запаливи материјали, без ПП апарати, противпожарен систем и предвидени постапки при немили настани. Над сето тоа овој објект сеуште како покривач ги има азбестните плочи кои се исклучително штетни по здравјето на луѓето. Нивните штетни влакна се ослободуваат при кршење и триење, додека при ваква хаварија и пожар неколкукратно се зголемува нивното штетно дејствие.
2. Стандардите на проектирање наспроти тие за пренамена
За многу намени во правилниците постојат многу точки кои мора да ги следите во процесот на проектирање со цел непречено функционирање и безбедност на објектот. Но доколку се одлучите да ја внесете оваа функција во некој постоечки објект, барањата се менуваат драстично и процедурите се намалуваат. Ова го олеснува во многу нешта патот на инвеститорот како временски, така и финансиски, што во оваа клиентелистичка земја е основа за манипулација. Не е само прашањето на намената – дискотека, тука говориме и за градинки и образовни институции, како и многу други функции кои можете да ги внесете многу полесно во објект адаптиран според вашите можности, отколку да изградите нов по таа намена. Според исказите на министерот Тошковски, дури и тековната намена на објектот не е угостителство, туку месна индустрија која на крајот уби 59 луѓе.
Фотографијата е превземена од порталот SDK.mk (Фото: Ѓ. Личовски) >>>
3. За општинските работи и Министерството за Транспорт и врски ( за власта )
Спорниот закон за легализација на дивоградби од Македонија направи најголемо легализирање на колективни криминални дејствија. Со тоа се овозможи на оние кои не го почитувале законот, а со тоа и узурпирале земјиште, бесправно да делуваат, да ги одбегнат проектантските правила и изработка на документација, да одбегнат наплата на комуналии со што директно ја оштетуваат државата и на крајот им се дозволи за смешни суми на средства истото да го легализираат со еден обичен геодетски елаборат. Требаше да ја тужиме државата за двојни стандарди, особени оние кои делуваме и работиме по закон и цел живот сме собирале пари за комуналии и за кров над глава! Некому мајка некому маќеа, очигледно на криминалот – мајка.
За овие процеси, архитектите реагираа навремено, бидејќи се одзема основната фаза која е битна и податлива за урбанистичкото планирање и намената. Тука секако недостасува и градежната фаза, преку која треба да се констатира сигурноста на објектот и конструкцијата. Покрај финансиската штета направена на државата свесно се одбегна со тоа и стручната анализа, додека просторот како потрошлив ресурс остана искасапен за вечност со илјадниците дивоградби низ Македонија. Со легализацијата на секој бесправен објект, некому му се одзема дневна светлина, некому пристап до парцела, некому пристап на интервентни возила, некому притисок на водата, некому воздух итн.
Општините меѓувремено не вршат никакви сериозни инспекции по изведба на објектите, ниту контролираат дали се изведени по проектот. Па од тука се случуваат и огромни злоупотреби со паркинг просторот, каде недостасуваат цели нивоа под земја, или се вцртани ножици кои потоа не се изведуваат. Половина од сите автомобили место паркирани во својата парцела, се паркираат на улица и тротоар а со тоа се намалува безбедноста во сообраќајот и се отвора патот кон безбројни „несреќни“ случаи со смртни последици.
Секоја намена, носи стандарди и услови за исполнување, а тука мора власта преку нејзините служби да го контролира и проверува процесот, што е очигледно нереализирано. Колку институции се сместени во дотраени објекти, колку јавни институции немаат ппз заштита, колку дозволи за различни дејствија се подадени со прогледување низ прсти?!
4. За бизнис елитата ( инвеститорите )
Кога се одлучувате да инвестирате во одреден бизнис, кој вклучува голем број на посетители и корисници, одговорноста за нивната безбедност, непречен пристап за евакуација, довод на кислород и вентилација и редум други услови се задолжителни без компромис.
Алчната желба да се заштеди на средства, а притоа да се направи поголема добивка започнува од градежната интервенција, преку добивањето лиценци, толеранција на незаконското работење во однос на време, точење алкохол на малолетници, занемарувањето даноци и издавање фискални сметки, корупцијата и криминалот врзан со безбедносните структури кои го толерираат вашето делување итн. што од вас чини криминалец. Каде е основниот проблем тука?! Во менталитетот на бескрајна пропустливост, растење во корупција, и минимум совест. Често кога критикуваме инвеститорски дејствија, добиваме одговор дека постапката e легална што ја префрла првата топка до власта што е вистина, но што е со личната одговорност и морал при делувањето?
Каде е вистинската општествена одговорност и „страв“ од можното повредување на останатите, деградирањето на колективното и штетата што се нанесува. Оваа легалност е предизвикана точно од бизнис елитата која ги иницира „легалните“ постапки, негува бизнис врски во кафана, манипулира со законите и се оградува потоа од последиците. Таа дели станови на функционери, таа потплатува промени, таа плаќа рекет, таа не превзема ништо за да се промени општеството ( повторно со чест на исклучоците и чесните) таа го спонзорира овој систем, за личното богатење.
5. За неказнивоста
И кога се случува големата катастрофа, првото кое доаѓа како плод од овој менталитет е како секој да ја претстави својата невиност. Потрагата по вистината потајно ја саботираат сите, бидејќи на еден или друг начин секој носи вина за дел од истата. Законите предвидуваат застареност на делата, наоѓаат вина во каблите, во космосот и ѕвездите, во хороскопот на загинатите, но никогаш во некој што е близок до вас, никогаш во вашиот бизнис партнер, роднина и никогаш во вас.
Самокритичноста и емпатијата – која претставува емоционална интелегенција е нешто непознато кај голем дел од луѓето со длабоките џебови (со чест на исклучоците и поинаквите), кај луѓето на власт, или луѓето на моќни привилигирани позиции во општеството. Свесно се одбегнува спроведувањето на законите кои и онака се недоволно јасни, свесно се дефинираат патишта кои заобиколуваат, лесно се приклучувате на толпата ( Еј па сите го прават ова, што па јас поинаку?!), без совест го менувате ставот кога доаѓаат парите и сите го одбираме лесно патот на игнорирањето.
Епа игнорирањето убива!
Го игнорирате пријателот на кој му е потребна помош, го игнорирате проблемот на соседот со вашата удобност, го игнорирате општеството преку вашето богатење, го игнорирате болниот и сиромашниот бидејќи не можете ништо од него да добиете, ја гаете нездравата горделивост, себичност, користољубивост, станувате летаргични и игнорантски суштества, но… нема да заборавите да запалите свеќа пред вклучените камери да ја покажете и својата грижа која вреди 5 денари колку што чини свеќата која сте ја купиле!
Како понатаму?
Секој нека почне од себе и својот придонес за калот на оваа напатена земја!

Автор на статија: Filip Koneski
59 жртви / Дискотека / За адаптација / Кочани / Министерство за транспорт и врски / Неказнивост / Општински работи / Пренамена на објекти