Касарна „Михаило Апостолски“ / Охрид, средина на XX век
16.10.2023 • ХХ век / II половина
Инвеститор: Југословенската народна армија – ЈНА
Период на изградба: 1948-1953
Намена: сместување на војници и воени вежби
Локација: Северен ден на Охрид
Извор: Разговори за Касарна, Архрид
Фотографии: доколку не е поинаку наведено, сите фотографии од постоечката состојба се под авторство на Емилија Стојаноска; насловна фотографија: Бојан Симјаноски
Касарната „Михаил Апостолски“ е еден значително голем урбан фрагмент блиску до денешниот центар на Охрид, кој оригинално се користел за престој на војници и воени вежби. Станува збор за површина од 20 хектари, исполнети со високо зеленило и павилјонски објекти. Ваков тип на установи се граделе насекаде низ Југославија, а во Македонија има слични примери во Битола, Тетово и Струмица.
Прашањето за иднината на Охридската касарна се актуализираше со проектите на колективот Архрид. Тие ги препознаваа потенцијалите на историскиот комплекс, но и моментална нефункционалност на целиот урбан опфат. Оваа објава е резиме на нивното истражување, и се фокусира на историјата и архитектурата на самата касарна.
Касарната „Михаил Апостолски“ фотографирана од дрон / фото: Бојан Симјаноски
Воениот комплекс се наоѓа во северниот дел на градот Охрид, сместен помеѓу некогашната индустриска зона и околните рурални површини.
Оваа територија најпрво се користила за привремен престој на војници – воен логор, за потребите на Југословенската народна армија.
Првите градежни активности на оваа територија се јавуваат во 1948г., а во 1953г. ЈНА поднесува барање за изградба на трите главни објекти за сместување. Во периодот до 1970 г. се доградуваат низа помали објекти со комплементарни намени.
Касарната „Михаил Апостолски“ во поширокиот контекст – градот Охрид
Блокот е формиран од три зони:
- зона на воени вежби (кон север)
- зона на привремено домување со пропратни функции како администрација, управа, менза, продавница и амбуланта (централен дел)
- зона на стационирање и одржување на возила (југ)
Дел од објектите се мета на низа адаптации и трансформации во периодот помеѓу 70-те и 90-те.
Еден од трите објекти за сместување – 1959г.
Денешниот процент на изграденост во комплексот на касарната е 4,5%, а коефициент на искористеност е 0.069. Овие ниски бројки се резултат на незината оригинална намена – структури во големи пространи површини за вежби и активности на војската, заштитени во големи појаси на високо зеленило.
Регионот околу касарната пак, има две различни, густо изградени, урбани зони. Од источната страна се чита ситната структура на предградска населба, а од запад и југ забележуваме големи отпечатоци на неколку индустриски капацитети.
Урбанистичко зонирање на касарната
Различни зони од комплексот
Најспецифична архитектура имаат трите објекти за сместување кои датираат од 1959г. Нивниот карактеристичен крстовиден план се состои од централен тракт и две странично поставени крила, во кои сосема функционално и логично е распределена програмата. Преку постапката на одземање, се формираат тераси кои се отворени кон предниот двор и кон зеленилото.
Погледи кон сместувачките капацитети
Објектите се со катност П+2 и висина на венец од 13.40м., при што нивната форма е доминантна во перцепцијата за местото. Тие имаат естетика која се карактеризира со присуството на строга симетрија, соодветно за воената типологија. Истата може да се прочита во симетричното поставување на програмските елементи во основа, редоследот на прозорците, и композицијата на поставување на различна материјали на фасадата.
Во програмска смисла, распределбата е директно поврзана со геометријата. Двата краци на секој од објектите содржат по две простории за спиење кои се читаат како најголеми, а централно се поставени заедничките и утилитарни функции како скалишното јадро, тоалетите и канцелариите.
Источната и западната страна на објектите се исполнети со прозорски отвори, кои со својата големина придонесуваат кон изобилие на природна светлина во самиот ентериер.
Објектите се градени во комбиниран конструктивен систем со ситноребрести плочи, носиви ѕидови и армиранобетонски столбови и греди кај скалишното јадро. Материјализацијата на фасадите се состои од бел малтер и камен кој ги нагласува полните, носиви ѕидови.
Комплексот на касарната „Михаило Апостолски“ е еден голем зелен остров, вистинска шума која се наоѓа веднаш до центарот на Охрид. Дополнително самите објекти се редок пример на културно наследство од полето на воената архитектура, кој денес стои целосно напуштен.
Касарната „Михаил Апостолски“ во контекст на градот Охрид / фото: Бојан Симјаноски
Воочувајќи го брзото ширење и згуснување на градот во изминатите години, ваквиот полу-слободен и историски значаен простор, станува вреден елемент во урбанистичкото планирање на Охрид. Време е за соодветна визија и чекори за негово дефинирање и интегрирање во современата урбана матрица.
Колективот Архрид има подготвено повеќе материјали кои се фокусираат на можната иднина на Охридската касарна. Нив соодветно ќе ги разгледаме во следната објава на истоимената тема.
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Архрид / воена архитектура / касарни / Охрид / Охридска касарна