Братски куќи / Село Кичиница

Село Кичиница во областа Горна Река припаѓа на оние посебни места кои можат да го преместат духот во едно друго време кога животот бил многу поинаков. На прв поглед лимените кровови кои ги имаат заменето крововите од дрвена шиндра се единствениот „знак“ дека модерниот свет допрел и до овој недостапен крај на падините на планината Бистра. Селото е оддалечено само 5 км од Маврови Анови и е сместено на североисточната падина на Бистра на 1.420 метри надморска височина. Кичиница брои само 8 куќи и една црква (Св. Никола) изградени во крајот на XIX и почетокот на XX век но има извонредни примери од куќи „кула“ типични за Реканскиот дел на Македонија и пошироко на Балканскиот полуостров.

Атарот на селото @ Филип Манојловски

Со слабеењето на Османската моќ во XVIII век се појавува потреба од самоодбрана во високо недостапните предели на балканскиот полуостров.  Карактеристиките на „кула“ типот на куќи преставува поврзување на одбранбена и резиденцијална функција во еден објект. Во Кичиница се наоѓаат повеќе вакви објекти но што ги прави уште поинтересни е фактот дека се двојни или братски куќи. Во селото се наоѓаат два типа на вакви објекти: заедничка симетрична братска куќа и две идентични разделени куќи. Во денешната објава ќе ги разгледаме типот на разделените куќи, од кои една за жал не се наоѓа во добра состојба.

Предна фасада @ Филип Манојловски
Задна фасада @ Филип Манојловски

Горнореканската варијанта на куќи „кули“ на богати печалбарски фамилии се одликуваат со стрмни „алпски“ кровови, покрив од дрвени штички (шиндра), со симетрични испадни на ѕидовите на горниот кат.

Година непозната. Куќите со оргиналниот дрвен кров. @Брезоски Реканска куќа

Конструктивниот систем на куќите го сочинуваат масивни камени ѕидови од ѕидан и клепан камен, кој во приземјето достигнува дебелина од 1 метар, а на горните катови постепено се намалува. Во рамките на камените ѕидови, а во функција на конструктивни затеги се поставени дрвени појаси или „кушаци“. Особеноста на фасадите се многу мали отвори кои имаат одбранбена функција или како што наведува Славко Брезоски „повеќе како за одбрана од луѓе отколку од клима“. Само на последниот кат се развива еден вид на поотворена фасада со поголеми прозорски отвори.

Со ваквата диспозиција на фасадата, жителите можат брзо да се засолнат во куќите исто и да пружат отпор. Интересен е фактот што покрај архитектонските и функционалните карактеристики на деталите на екстериерот на градбите истите претставуваат школски примери на асеизмичка градба. Имено, препораките кои важат за ѕиданите конструкции и ден денес, во тоа време на градба (доцните 1890ти години) се речиси во целост имплементирани. Така, запазена е регуларноста на конструкцијата преку поставување на ортогонални носиви ѕидови, а погоре наведените дрвени појаси во комбинација со челични затеги на краевите на ѕидовите дополнително ги притегаат ѕидовите и придонесуваат за зголемена носивост на затегање кое се појавува при сеизмички дејства. Краевите на ѕидовите се изработени од прецизно исклесани масивни камени елементи со што е постигнато соодветно приклештување на ѕидовите на нивните краеви, а за обезбедување на стабилност нормална на рамнината на ѕидовите соодветно се поставени дрвените греди од меѓукатната конструкција.

Предна фасада @ Филип Манојловски

Сите отвори за прозори и врати се опшиени со масивни камени блокови кои во подолните катови се мали и имаат заоблена форма како би се избегнале косите главни напрегања, додека во горните, каде товарот е помал, дозволени се класични правоаголни отвори. Сите наведени детали на изведба неслучајно нашле примена со оглед на тоа што реканскиот и дебарскиот регион спаѓаат во активни сеизмички подрачја, а печалбарите и градителите чие искуство го стекнувале во Турција и Грција исто така спаѓаат во активни сеизмички подрачја.

Индикативен план на втор кат @МАРХ

Внатрешната организација ја рефлектира надворешната симетрија. Куќата има два влеза од горната (задна) страна и од долната (предна) страна. Куќите имаат приземје и два ката. Приземјето т.н. “клет” е всушност економски дел каде преку зимата е сместена и стоката, остатокот е поделен на два дела, една соба за таканаречените „семејни“ кои се всушност чуварите на куќата и не се фамилијарно поврзани со сопствениците и една соба со константна температура и влага во која се чувала храната односно зимницата.

Горните катови се организирани со централен хол во кој се наоѓа и скалишното јадро. На првиот кат се одвивал социјалниот дел од животот. Така половина од површината била наменета за најголемата соба во куќата наречена дома или домата во која се приготвувала храната и се престојувало преку целиот ден, а тука понекогаш преспивале и децата. Друга половина од првиот кат го сочинувала една спална соба и една просторија со секојдневни прехранбени намирници. На крајот од ходникот на првиот кат имало и амбар во кој се чувало житото.

На вториот кат биле раскошните спални опремени со вградени плакари “мусандри”, брачни кревети и тавани со дрвени или гипсени орнаменти. Тука, на вториот кат се наоѓа и внатрешната црква т.н. параклис. Влезот во куќата од горната страна со надворешни скали се пристига на меѓу-висина на првиот кат со која внатрешното скалишно јадро е умешно вклопена и обезбедува вертикална комуникација на сите три нивоа. Двете куќи биле оградени со високи камени ѕидани огради наречени авлии кои со текот на времето се срушени но биле налик на зачуваната од селската црвка Св. Никола. Така заради безбедносни причини повремено целокупниот живот се одвивал зад затворените врати, во дворовите и куќите се до поминување на опасностите кога повозрасните лица оделе да работат на соседните ниви или да тргуваат во соседните села додека “главите” на семејствата биле на печалба во Истанбул.

Исклучителната вредност на селото Кичиница доведува до негова заштита како Рурална целина со одлуката 08-117/2 од 30.11.2004 година. Братските идентични куќи во селото се редок примерок на ваква типологија во Македонија. За жал како што наведовме горе во зимата 2022 дел од фасадниот ѕид на предната фасада на една од куќите се сруши со што е загрозен целиот интегритет на куќата. Се надеваме за брза реакција на надлежните за да доведе до санирање на штетата и формирање за план за нивна реставрација. Губењето на ова исклучително културно наследство би било поразително.

Благодарност до Филип Манојловски со која дозвола се објавени информацците и фотографиите за објектите.

Автори на текстот: Мартин Ефремовски и Филип Манојловски