Ќе се реконструира средновековната кула Пирго во струмичко
20.08.2025 • VI-XV век

Кула Пирго — средновековна кула која се наоѓа во селото Мокриево, Општина Ново Село. Оваа разурната кула се смета дека потекнува од времето на Цар Самоил и Беласичката битка од 29 јули 1014 година. Сепак според најновите истражувања е утврдено дека делови од кулата потекнуваат од доцноантичкиот период во периодот од 4 до 6 век.
Според начинот на градење, оваа кула најверојатно била изградена во доцната антика, еден вид фрурион, т.е. набљудувачница која го обезбедувала патот. Знаејќи дека голем број од тврдините кои ги користел самиот Самоил претставуваат доцноантички тврдини кои биле делумно обновувани, постои мислење дека оваа кула била употребувана од страна на Самоил како и тврдината Мацукион, која била освоена во 1014 година од страна на Василиј II и веднаш потоа разурната. Според историските извори, Василиј ја освоил тврдината Мацукион, додека тврдината Термица и самата Струмица одолеале на ромејските напади. Фактот што оваа кула е осамена, без други придружни дефанзивни елементи, како и нејзината положба на доста благ терен, сето тоа придонело таа многу лесно да падне во оваа офанзива. Додека другите тврдини кои се наоѓале на патот на Василиј, одолеале на неговите напади.
Кулата е со квадратна основа со димензии 10,65.м на 10,65.м. Ѕидовите се ѕидани во масивен емплектон, со огромни камења кои ги формираат самите лица на ѕидот и со полнеж со поситни камења и малтер. Дебелината на ѕидот е приближно 3 метри. Дел од основата на кулата била поставена на самата карпа, а нејзината најголема сегашна височинска зачуваност е околу 6 м. Таа до неодамна била многу позачувана од состојбата што ја има денеска, доколку се има предвид и податокот од самите селани, кои тврдат дека оваа кула била извор за камења, на еден начин каменолом од кој тие собирале камења со кои ги граделе нивните куќи и штали. Според должините на основата на кулата, се смета дека височината била најмалку двапати поголема од основата, некаде над 20 метри, а самиот влез на самата кула се наоѓа на 5-6 м од подното ниво.
НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица , ги започна активностите за нејзината реконструкција. Се обезбеди пристап до локацијата, започна расчистувањето и изработката на идејниот проект за планираните активности.
Извори:
Текст: Википедија
Фотографии: FB страна на НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица,

Автор на статија: Filip Koneski
Одбранбена кула / Пирго / Реконструкција / Самуил / средновековна кула / стражарска кула / Цар Самоил