Владата одлучи – Клиничкиот центар ќе се гради во Бардовци

Вчера министерот за здравство, Венко Филипче, ја обзнани конечната одлука за дислоцирање на Клиничкиот центар од постојната локација. По реакциите пред се од стручната јавност и консултациите со Асоцијацијата на архитекти на Република Македонија, владата го прифати предлогот за новата локација во атарот на Бардовци.

Оваа информација донесе позитивни реакции во јавноста бидејќи после повеќе од деценија се слушна гласот на стручната јавност, која апелираше за погрешната одлука на изградба на центарот на постоечката локација. За истото ААМ организираше прес-конференција на која ги образложи адутите на едната и другата локација, која резултираше деновиве со  средба во владата.

На новата локација, покрај Клиничкиот центар, се планира проширена програма за која немаше простор во рамките на постоечкиот проект. Тоа опфаќа соодветно сообраќајно решение, истражувачки центар, медицински факултет, кампус за студентите, интеграција на клиничката практика, односно апликативната, едукативната и наставно – научната дејност, итн. Постапката за новиот клинички центар започнува веднаш, додека од моментот на почетокот на изградба до неговото целосно завршување се предвидува временски период од 4-5 години.

Целото образлагање на министерот, во продолжение :

Прес-конференција на Министерот за здравство, Венко Филипче, за изградба на новиот клинички центар

Прес-конференција на Министерот за здравство, Венко Филипче, за изградба на новиот клинички центар.

Публикувахте от Влада на Република Македонија в Петък, 9 март 2018 г.

 

По истиот повод, Асоцијацијата на архитекти на Македонија излезе со сопствено соопштение:

„Асоцијацијата на архитекти на Македонија ја поздравува одлуката на Владата на република Македонија и Министреството за здравство со која конечно се разреши дилемата околу изградбата на новиот клинички центар.

Истовремено изразуваме целосна поддршка за определбата на Владата новиот клинички центар да се гради на друга локација, надвор од центарот на Скопје, што беше заложба на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, како и на неколку генерации врвни архитекти пред нас, кои се залагале за изградба на еден, нов модерен клинички центар по сите светски стандарди.

Како Асоцијација на архитекти на Македонија го изразуваме нашето задоволство што при донесувањето на ваквата одлука на Владата беа земени предвид и мислењата и сугестиите на стручната јавност. Се надеваме дека оваа соработка при носењето на важни одлуки за унапредување на урбаниот простор на Република Македонија ќе продолжи и во иднина.“

Претседател на ААМ

Мартин Пановски д.и.а.