Спомениците во Македонија низ објективот на Марко Кројач / фотогалерија
14.02.2026 • Фотографија
Насловна фотографија: Марко Кројач
Извори: markokrojac.blogspot.com, Марко Кројач на Flickr
Во последните неколку години, југословенските монументални споменици и модернистичката архитектура доживуваат значајно ново внимание на светската културна сцена. Критичари, историчари на уметност, архитекти и фотографи од многу земји започнаа да ги преиспитуваат овие објекти како примери на уникатен архитектонски јазик и социјален идеал од минатиот век. Изложби, книги, документарни филмови и онлајн публикации посветени на спомен-обележјата доведоа до растечка глобална дискусија за нивната вредност — не само како историски артефакти, туку и како инспиративни дела на модерната уметност и архитектура.
Наспроти овој нов онлајн интерес, фотографот Марко Кројач со децении го истражува ова локално културно наследство преку екстензивно документирање на сите најзначајни споменици на овие простори.
Марко Кројач е фотограф, културен документарист и уметник со седиште во Берлин, со длабоки корени во алтернативните заедници и во социо-историските истражувања. Активен во берлинската сквотерска сцена во 1990-тите години, тој започнува да се занимава со фотографија во тој период, спојувајќи ја својата уметничка практика со социјален ангажман — особено во работа со маргинализирани групи и културни проекти во земјите од поранешна Југославија.
Од 2004 година, неговиот главен фокус се „спомениците“ — револуционерните југословенски споменици и меморијали — кои ги документира преку патувања, фотографија, сито-печат и пишување. Марко интензивно патувал низ земјите од Западен Балкан со цел да ги фотографира овие футуристички и често запоставени меморијални објекти, осврнувајќи се на нивното историско, естетско и културно значење.
Неговиот блог претставува долгорочно истражување и визуелна документација на споменици во Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Македонија, комбинирајќи лични патописни белешки со листи и фотографии од меморијалите. Од 2013 година тој е вклучен и во колективот Czentrifuga во Берлин, каде што се занимава со сито-печат и заеднички уметнички проекти, а своите дела ги изложувал и на меѓународно ниво.
Автор на статија: Љубен Трајаноски
Marko Krojač / Марко Кројач / Споменици / Споменична архитектура





















